Проектите и областите договорени во рамки на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД веќе се дел од владината програма за работа во насока на зајакнување на демократските институции, напредок во владеењето на правото и борбата против корупција, изјави министерот за надворешни работи и актуелен претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи на средба во Вашингтон со американската заменик државна секретарка Венди Шерман.
Како што информира МНР, нотирајќи го 15-годишниот јубилеј од воспоставеното стратешкото партнерство со САД двајцата соговорници го реафирмираа задоволството од успешниот Стратешки дијалог лансиран минатата година, како значајно унапредување на билатералните односи.
Воедно, на средбата Османи и Шерман разменија мислења за најприоритетните прашања во однос на работата на ОБСЕ и за други теми кои се важни во регионот на Организацијата.
Османи за време на во рамки на својата дводневна посета на Вашингтон, имаше средба и со советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле на која стана збор за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и со иницијативата САД-Јадранска повелба, а беа разменети мислења и за регионалната динамика и евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан.
– Благодарни сме за континуираната поддршка од САД за евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Ваквиот чекор претставува значаен влог во зачувувањето на стабилноста и напредокот на целокупниот регион, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици. Остануваме посветени на исполнување на обврската за уставни измени во земјава со цел непречен тек на процесот на преговори со ЕУ, истакна Османи.
На средбата е поздравено и сојузништвото на двете земји во рамки на НАТО, при што е нагласена поддршката за Украина и украинскиот народ, заемните заложби за зачувување на демократските вредности, како и силната осуда за руската воена агресија.
Во Вашингтон, шефот на дипломатијата Османи остварил средби и со помошничката администратор на УСАИД за Европа и Евроазија, Ерин Мекки и првиот главен директор за развој во Меѓународна развојна финансиска корпорација на САД (ДФЦ), Ендрју Херсковиц.
Во фокусот на разговорите со Османи Мекки беше континуираната политичка и економска поддршка на САД во клучни области на реформите, како што се образованието, правдата, јавната администрација и економијата, но и американската поддршка преку програмите на УСАИД кои доведоа до зајакнување на демократските процеси, институциите и граѓанското општество.
На средбата со Херсковиц, пак, кој доаѓа од финансиската институција која инвестира во развојни проекти во земјите со пониски и средни приходи, Османи се осврна на можностите за соработка во развојни проекти кои се дел од Акцискиот план на Стратешкиот дијалог со САД.
– Беше изразен интерес за воспоставување поблиска соработка со ДВЦ и разгледување на можноста за идно отворање на регионално претставништво во Северна Македонија, се наведува во соопштението од МНР.
Во рамки на престојот во Вашингтон, Османи денеска ќе се обрати пред Хелсиншката комисија во американскиот Претставничкиот дом на тема „Претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023“.
Тој во својата презентација, како што информираа од МНР, ќе се осврне на приоритетите на Програмата на македонското претседателство во 2023 година, меѓу кои најголем фокус е ставен на луѓето на терен во загрозените подрачја, како Украина, Молдавија, Југоисточна Европа, но исто така и на останатите приоритети како борбата против корупцијата, еколошките предизвици, промовирање на човековите права и основните слободи, демократијата итн.
Хелсиншката комисија, инаку е американска владина комисија која ги промовира човековите права, воената безбедност и економската соработка во 57 земји во Европа, Евроазија и Северна Америка.