Сојуз на стопански комори: За да има задоволни работници треба здрави компании

Потребата од комплетно нов закон за работни односи е одамна утврдена, но измените кои се прават мора да се одраз на современите трендови на пазарот на трудот и динамичните односи меѓу работната сила и работодавачите, велат од Сојузот на стопански комори на Македонија. Според Комората, предлог текстот на новиот закон за работни односи во ваква форма во која е даден е конфузен, неразбирлив и неприменлив, особено во делот на уредување на договорите.

За да има задоволни работници, велат од Сојузот на стопански комори на Македонија, потребно е да постојат здрави компании кои ќе работат во економско и деловно опкружување каде ќе има рамноправни услови за сите деловни субјекти.

-Предлог текстот на новиот закон за работни односи во ваква форма во која е даден е конфузен, не разбирлив и не применлив, посебно во делот на уредување на договорите. Сојузот истакнува мислење дека не треба да има ограничување на број на анекси и скратување на времето на договор на определено време. Се соочуваме со недостаток на квалификувана работна сила која е многу мобилна и со наметнување на потешки правила, само го комплицира функционирањето на компаниите, велат од Комората.

Како спорни во предложеното решение се и членовите од законот, каде се бара 100 процентно покривање на платата и во услови кога правното лице не работи, што преставува нелогично и тешко остварливо решение и може негативно да се одрази на понатамошно продолжување со работа. Исто така, како што велат од Комората, се уште не се дефинирани условите и начинот за тоа, кој ќе ги сноси трошоците за дополнително родителско отсуство.

-Сојузот на оваа тема оствари комуникација и со синдикатите при што се доаѓа до заклучок дека од текстот на новиот закон кој е на јавна расправа не се задоволни ниту работодавачите ниту синдикатите. Основата е на база на стари услови, а врз база на истите се вметнуваат промени кои не може да ги отсликаат современите трендови на работење и на овој начин не се постигнува она кое треба да биде темел на работењето на секоја компанија. Предложениот текст на законот има потреба од значајна доработка за да биде применлив во ново создадените услови за работа, а во текот на транспарентниот процес на јавни расправи има предлози кои даваат значаен инпут во позитивна насока, се вели во соопштението од Комората.

Оттаму ја акцентираат и потребата паралелно со овој процес да се преземат и сериозни дејствија за намалување на сивата економија и за создавање на услови за здраво, предвидливо работење и инвестирање во инфраструкурата и капиталните позиции.