Османи: Поддршка и уште поголем ангажман на ОБСЕ за Турција во надминување на катастрофалните последици од разорните земјотреси

Поддршка и уште поголем ангажман на ОБСЕ за Турција во надминување на катастрофалните последици со кои земјата се соочува по разорниот земјотрес, изрази шефот на дипломатијата Бујар Османи, како претседавачот со Организацијата, за време на денешната средба со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во рамки на посетата на Турција.

Како што соопшти МНР, Османи заедно со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид е во посета на Турција која беше погодена од серија разорни земјотреси во кои животот го загубија десетици илјади луѓе, а стотици илјади се повредени.

– Мојата посета во Турција доаѓа во период на голема тага. Оваа катастрофа предизвика незамисливо страдање и болка за илјадници семејства и заедници низ целата земја. Се надеваме дека повредените наскоро ќе закрепнат и нашите мисли и молитви се со вас. Уште еднаш, во името на ОБСЕ, им изразувам сочувство на семејствата на жртвите кои ги загубија животите во оваа трагедија, рече Османи.

Во своето обраќање Османи ја истакна издржливоста и храброста на турскиот народ, потенцирајќи дека целиот свет е обединет во солидарноста. Тој ја нагласи важноста на колективната одговорност за континуирано давање помош и поддршка на погодените од трагедијата.

– Би сакал да ја искористам оваа прилика за да се заблагодарам на сите земји учеснички на ОБСЕ за нивната поддршка кон Турција во овие тешки времиња. Но исто така, сакам да оддадам почит и кон секој еден граѓанин на оваа планета кој го дал својот каков било придонес, без разлика колку е мал, бидејќи придонел во хуманитарните напори“, порача Османи.

Во својство на претседавач со ОБСЕ Османи испрати порака дека треба да размислуваме и да работиме за иднината, истакнувајќи дека тоа ќе бара колективна акција во наредните години. Тој најави дека ОБСЕ ќе продолжи да работи со сите земји-учеснички за да се обезбеди помош, најавувајќи уште поголем ангажман од страна на Организацијата и поддршка од фондовите на ОБСЕ.

– Турција изрази загриженост за отсуството на конкретни механизми од страна на ОБСЕ кога станува збор за одговор на катастрофи. Би сакал да ве уверам дека сериозно ги сфаќаме овие грижи и дека работиме на нивно решавање. Ни треба уште поголем ангажман од целата меѓународна заедница, вклучително и од ОБСЕ. Моето присуство овде денес, како Претседавач со ОБСЕ, заедно со Генералната секретарка Хелга Шмид, е доказ за нашата одлучност во овој поглед, истакна Османи.

Османи посетата ја искористи и да ја искаже благодарноста за граѓаните на нашата земја кои организираа бројни хуманитарни акции за поддршка на турскиот народ.

-Би сакал да ја искористам приликата и да ја изразам мојата благодарност до луѓето од мојата земја, Северна Македонија. Тие покажаа огромна солидарност и отворени срца веднаш да пружат помош за турскиот народ. Владата и институциите испратија хуманитарна помош, специјални единици на терен и финансиска поддршка. Блиските односи меѓу Северна Македонија и Турција се изградени врз основа на силна доверба и взаемно почитување, порача Османи.

Тој најави дека поддршката за Република Турција ќе продолжи и во следните денови и недели, сè додека турскиот народ целосно не се закрепне од оваа трагедија, стои во соопштението на МНР.