Вархеји: Софија и Скопје да ги намалат тензиите, одговорните за инцидентите да се соочат со правдата

Eвропскиот комесар за проширување и добрососедски односи Оливер Вархеји, денеска пред Европскиот парламент изјави дека очекува да се намалат тензиите меѓу Софија и Скопје кои кулминираа на 4 февруари, а сите одговорни за инцидентите што се случија да се соочат со правдата.

– Настаните од 4 февруари не се охрабрувачки. Се надевав на многу повеќе – како што беше одлучено од раководствата на двете земји, ќе има заедничко одбележување на датумот. Се надевам дека ќе успее следната година и нема да има слични настани на границата. Морам да признаам дека за властите во Скопје не е лесна задача да останат смирени доколку има провокации на границите. Заедно, ЕУ мора да испрати порака дека историјата се споделува и како таква треба да се слави. Ќе направиме се што е во наша моќ да ја намалиме тензијата. Се надеваме дека ќе се спроведат сите билатерални договори, рече Вархеји одговорајќи на паршања на бугарските европратеници.

Андреј Ковачев побара од Вархеи да потврди дека ЕК ја следи не само промената на македонскиот устав, туку и спроведувањето на билатералниот договор меѓу Софија и Скопје од 2017 година и двата протокола, пред да започнат суштинските преговори со Северна Македонија за пристапување.

Во случајот со Република Северна Македонија поставивме многу јасни правила во преговарачката рамка, што овозможи свикување на првата меѓувладина конференција, појасни еврокомесарот.

– Барањата се јасни, потребни се добрососедски односи. ЕК ќе го следи ова прашање и очекуваме напредок оваа година. Ги набљудувам настаните, разговарав со македонски граѓани кои се идентификуваат како Бугари. Власта во Скопје не само што е свесна, туку и дејствува за искоренување на секоја омраза кон Бугарите. Насилниците се уапсени, истрагата продолжува, се надевам дека ќе има случај на суд. Мислам дека ова треба да биде показател за решителноста на властите во Скопје, додаде Вархеји во врска со случајот со Христијан Пендиков.

Вархеји посочи дека ЕК го следи почитувањето на договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и на Договорот од Преспа. Тој најави дека извештајот за напредокот на Севрна Македонија се очекува да биде објавен наесен.