Собранието вчера ги донесе законите за ратификација на Договорот за ФРОНТЕКС и на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, со што тие стануваат дел од внатрешниот правен поредок на државата.

Премиерот Димитар Ковачевски во објава на Фејсбук оцени дека ратификацијата на овие клучни договори во Собранието уште повеќе ќе го отворат патот на државата кон евроинтеграциите.

– Со изгласувањето на предложениот Закон за ратификација на Договорот за Фронтекс се ратификува првиот договор кој Северна Македонија го потпишува со Европската Унија, на кој стои чист македонски јазик, без какви било додавки, заедно со сите други јазици во ЕУ. Тоа е ветувањето кое јас го дадов и тоа е ветувањето кое го исполнив. Се заокружува уште едно важно поглавје во однос на заштитата на нашите граници, безбедноста и стабилноста на државата, наведе Ковачевски во објавата.

Премиерот ја поздрави и ратификацијата на Договорот од Иницијативата „Отворен Балкан“ од страна на Собранието, со што, како што наведе, граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија добиваат можност да работат во која било од трите држави без работни дозволи и какви било бариери.

– Го подобруваме и менуваме животот на граѓаните, кои од нас очекуваат одговорност, истрајност и стабилност во преземање државнички чекори, додава премиерот Ковачевски во објавата.

Во реакција на ратификацијата на Договорот за ФРОНТЕКС, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ им се заблагодари на пратениците кои гласаа за ратификување на Договорот.

– Преговарачката рамка со ЕУ преведена на македонски јазик и Договорот за Фронтекс потпишан на македонски јазик. Има ли поголема потврда ЗА добиените европски бенефиции, ЗА заштитениот македонски идентитет и ЗА остварените национални цели? Во исто време, гласно апелирам до опозицијата да не се крие и да не бега од овие големи државни успеси туку да застане одговорно и да се приклучи кон европската интеграција која де факто е посилна и повеќе поддржана од сите нивни блокади. Македонската иднина е гарантирано европска, а тие, опозициските политичари, треба час поскоро да одлучат дали ќе бидат на темната или на светлата страна од поглавјето наречено „Патот на македонскиот народ до Европа”. Во моментов се на погрешната страна, наведе Маричиќ во објава на Фејсбук, во врска со неприсуството на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на другите опозициски партии на гласање на Договорот за ФРОНТЕКС.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски исто така упати критика до пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поради неприсуството на седницата.

– Денеска во македонското Собрание беше изгласан предложениот Закон за ратификација на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија. Благодарност до пратениците коишто го поддржаа ратификувањето на првиот договор на македонски јазик (ФРОНТЕКС) помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија. Би сакал да потенцирам дека ниту еден пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не беше присутен на собраниската седница. ФРОНТЕКС за нас значи потврда за рамноправноста на македонскиот јазик со другите јазици на ЕУ. Затоа, нека им служи на чест на оние кои одбија да го поддржат успехот на државата за кој изминативе години макотрпно работевме, напиша на Спасовски на неговиот официјален Фејсбук профил

Маричиќ ја поздрави и ратификацијата на законите од Иницијативата „Отворен Балкан“, со што, како што наведе, граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија добиваат можност да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи.

– Паѓаат работните дозволи за граѓаните од Отворен Балкан! Преку регионална соработка и оваа иницијатива, а врз основа на европската пракса и принципи, овозможуваме слободен пазар на труд меѓу земјите од Отворен Балкан и повисоки плати. Со денешната ратификација на законите од Иницијативата „Отворен Балкан“ граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија добиваат можност да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирање и чекања, без административни трошоци, напиша Маричиќ на неговиот Фејсбук статус.

Според него, ова значи унапредување на регионалниот пазар и заеднички чекор напред кон единствениот внатрешен пазар на ЕУ.

Договорот за ФРОНТЕКС беше потпишан на 26 октомври 2022 година во присуство на премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и тоа е прв ваков договор помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија на македонски јазик. Овој Договор има оперативно и политичко значење и за Северна Македонија и за Европската Унија.

Договорот отвора можност за воспоставување заеднички операции на европската Агенцијата за гранична и крајбрежна стража на територијата на Република Северна Македонија. Со неговото влегување во сила се овозможува на барање на нашата држава да се распоредат полициски службеници на ФРОНТЕКС на критичните точки на границата, заедно со полициските службеници на Северна Македонија. Тоа, како што се наведува, ќе придонесе кон зголемување на нивото на соработка, размена на искуства и знаење, како и можност да се користи целата опрема на Фронтекс.

Договорот за ФРОНТЕКС беше потпишан во присуство на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината официјална посета на земјава. Од име на ЕУ параф ставија амбасадорот на Чешка, Јарослав Лудва, како претставник на тогашното чешко претседателство со Советот на ЕУ и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон која беше дел од делегацијата на Фон дер Лајен, а од македонска страна министерот за внатрешни работи Спасовски.

Премиерот Ковачевски на самиот чин на потпишувањето наведе дека Договорот е потпишан на македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички и без додавки.

– Овој договор, го потпишавме на македонски јазик, нема какви било додавки, нема никакви ѕвездички. Тоа е првиот договор кој Северна Македонија го потпишува со Европската Унија на кој стои чист македонски јазик заедно со сите други јазици во ЕУ. Тоа е ветувањето кое јас го дадов и тоа е ветувањето кое го исполнив. Со овој Договор ќе можеме заеднички да се справуваме со нелегалната миграција и заеднички да одговориме на предизвиците, но овој пат тоа ќе го правиме од нашата територија заедно со силите на Фронтекс. Со потпишувањето на овој документ се издигнува на врвно рамниште статусот на службената употреба на македонскиот стандарден јазик. Овој чин нѐ прави горди сите нас, граѓаните на Република Северна Македонија, а особено нас Македонците, бидејќи на овој начин ја заокружуваме акцијата на нашите претходници за еманципација на македонскиот јазик и македонската култура на европско рамниште, изјави тогаш Ковачевски на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен.

Со договорите потпишани во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ се овозможува отстранување на работните дозволи и слободен пазар на труд за граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија. Со  договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот,  им се овозможува да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци. Договорот за услови за интерконекција на шеми за електронска идентификација, пак,  предвидува пристап до електронските услуги на националните портали на трите држави  преку креирање електронска идентификација „Отворен Балкан“ за остварување на можноста за пристап до пазарот на труд во тие држави.

Договорите беа потпишани на 21 декември 2021 година во Тирана од лидерите на трите земји од иницијативата „Отворен Балкан“, тогашниот премиер Зоран Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија  Еди Рама.