Макрон и Зеленски ќе патуваат заедно на самитот на ЕУ во Брисел

Францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот украински колега Володимир Зеленски ќе одат заедно денеска од Париз на самитот на шефови на држави и влади на ЕУ во Брисел, соопшти Елисејската палата.

Двајцата лидери ќе го напуштат Париз, околу 08:30 часот и се очекува да пристигнат во Брисел во 10:00 часот.

Украинскиот претседател, кој е на турнеја низ Европа, ја напушта својата земја по вторпат од почетокот на руската офанзива на 24 февруари 2022 година. Тој во декември отпатува за Вашингтон.

Вчера тој беше во Лондон, а потоа во Париз, каде вечераше во Елисејската палата со Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Зеленски ги повика лидерите во двата главни града да испорачаат борбени авиони „што е можно поскоро“ за да ја потиснат руската офанзива во неговата земја.

Макрон и Шолц ветија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина, вклучително и воено, „колку што е потребно“ до „победа“.

Додека беше во Париз, Макрон му го врачи на Зеленски, Големиот крст на Легијата на честа, највисоката чест што еден француски претседател може да му ја додели на друг шеф на држава.