Мицкоски на средба со Вал: Владата не е реформска и не решава проблеми

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оствари средба со шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија Килијан Вал. На средбата, како што соопшти партијата, се разговараше за актуелната политичка состојба и евроинтегративниот процес на државата.

-Претседателот Мицкоски информираше за предизвиците со кои се соочува Македонија на политички и економски план, како и дека треба поголема подготвеност и енергичност во решавање на проблемите која што не се гледа кај актуелната власт. Македонија оваа година претседава со ОБСЕ и таа треба да биде пример, а Владата треба да оддаде поголема посветеност на безбедносните прашања, особено зашто во изминатиот период видовме големо занемарување во тој поглед. Претседателот Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е активно посветена, но не гледа суштински реформи и сериозен пристап од страна на власта, па така државата е на врвот на листата на корупција, бизнис климата е нарушена, има партизација на јавната администрација и голема недоверба на судството, а не се споделуваат ниту европските вредности од страна на власта, наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, соговорниците се согласија да продолжи соработката.