Радев: Ќе се активираат сите европски механизми за да се стави крај на антибугарската омраза

Бугарскиот претседател Румен Радев, по предлогот од вчерашната седница на Советот за безбедност на бугарски државјани да им биде забранет влез во државава, изјави дека ќе се активираат сите европски механизми за да се стави крај, како што истакнува, на оваа антибугарска омраза и хистерија.

-Сега разбирате зошто толку се борев правата на македонските Бугари да бидат заштитени во Уставот на Македонија и тоа да биде задолжителен услов за почеток на преговори. Значи, Македонија  не ги ни започна преговорите.Таа се уште не ја отворила вратата од просторијата каде што се водат овие преговори. Очекувам институциите на Македонија да докажат не само дека не се дел од антибугарската кампања ова веќе не е доволно – крајно време е да докажат дека активно се борат против оваа кампања. Во нашиот случај, бидете сигурни дека ќе се активираат сите европски механизми за да престане оваа антибугарска омраза и хистерија, изјави Радев, во одговор на новинарско прашање.

Во фокусот на вчерашната седница на Советот за безбедност како што соопшти претседателот Стево Пендаровски, бил најновиот развој на настаните во односите со Бугарија, и е произлезен предлог до Владата да се забрани влез во земјава на еден европратеник и неколку други лица. Според претседателот Пендаровски, постојат сомневања дека дел од тие лица се поврзани со руската разунавачка служба.

Шефот на државата рече дека се очекува на 4. февруари организирана група да пристигне во земјава на одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Групата ќе има за цел нарушување на безбедноста со цел дестабилизација на земјата и на односите со Бугарија. Претседателот најави дека ќе бидат преземени сите потребни безбедносни мерки од границата, се до гробот на Гоце Делчев.

Владата денеска на седница, во врска со одбележувањето на 4 февруари, Денот на раѓањето на Гоце Делчев, го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите мерки за обезбедување на реализацијата на настанот, согласно препораките од надлежните служби соопштени на вчерашната седница на Советот за безбедност.