Трајанов: Ќе поддржиме Влада ако се почитува Амандманот 6 од Уставот

Во Клубот на пратеници вечерва во тек е средбата на премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на коалициски партнери на СДСМ. Претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов во изјава за медиумите пред почетокот на работната вечера рече дека верува оти на средбата освен за приоритетите на владеачката коалиција со претседателот на Владата Ковачевски, ќе се разговара и за можното влегување на Алијанса за Албанците во Владата.

Тој при тоа го повтори партскиот став околу можното проширување на парламентарното мнозинство, дека ќе поддржат реконструкција на Владата само доколку се обезбеди соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, што е, вели во согласност со Уставот и Амандманот 6.

-Значи соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта и во другите институции. За тој принцип јас се залагам. И доколку така се компонира новата влада или реконструирана влада ќе поддржам. Во спротивно не сме подготвени како партија да прифатиме уцени. Таа партија што има проблеми со парламентарната група треба да ја плати цената. Сега ДУИ има шест министерски места. Ако сакаат нов партнер, тогаш треба да отстапи две места. Тоа би било во ред. Но генерално мислам дека соодветната застапеност значи некаде пет до шест министерски места. Бидејќи така сме поделени, така е конципирано во Уставот за соодветна застапеност на етничките заедници така треба и тоа да се спроведува во пракса, вели Трајанов.

Според него, ако не почитува принцип, не се почитува Бадентер, не може државата да функционира и институциите со целиот свој капацитет, а, вели, имаме голем број министерства што апсолутно не одговараат на задачите.

-Апсолутно немам никакви проблеми кој ќе биде министер, дали е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, но поделбата која што е дефинирана согласно Рамковниот договор тоа треба да се почитува. Во спротивно ако сега се направи преседан, по некое време можеби некоја друга партија ќе има 61, 62. Дали тогаш албанските партии ќе барат да се почитува Рамковниот договор или ќе рече добро сега има друга партија мнозинство нека раководи, нека владее со државата. Мислам тоа тешко ќе се случи. Затоа ако се држиме до принципи полека ќе градиме држава. Во спротивно се ќе се сведе на пазарење на бројки коишто апсолутно не се во функција на отворање на перспективите на Македонија, вели Трајанов.

На прашањето дали се согласуваат Алијанса за Албанците да го добијат Министерството за правда, Трајанов рече дека не е во тек со тоа, но уште еднаш повтори дека инсистираат на почитување на принципите и Уставот.

-Не сум против. Јас сум за принципи да владеат во државата. Апсолутно мене не ми смета ниту Алијаса. Веројатно, и таму има добри кадри, но треба да се почитуваат принципите коишто се воспоставени во државата. Во спротивно, како што реков, ќе има последици. Преседанот може да предизвика нови последици во понатамошниот период, порача претседателот на ДС.

Претходно, вечерва во седиштето на СДСМ се одржа уште една средба со коалициските партнери, на која не присуствуваше Ковачевски. На оваа средба, која што ја водеше генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, Трајанов рече дека се разговарало за приоритети, но и околу кадровските решенија. ДС, рече тој, се залагаат да се изгради стратегија, да нема партиски вработувања, туку да има цврсти, чисти критериуми и да се вработуваат најспособните кадри, а не како до сега само партиски војници, за да се спречи високи професионалци да заминуваат во странство.

Ковачевски денеска во изјава за новинарите рече дека разговарал и оти и денеска ќе разговара со добар дел од коалициските партнери, во однос, како што вели, на темите што се значајни за работењето на Владата, а од интерес за граѓаните.

– Исто така, имам разговарано и со партијата Алтернатива, односно со нејзиниот претседател, бидејќи имаме редовни состаноци, меѓутоа немаме разговарано за детали за влегување на нов партнер во Владата, бидејќи такви детали не се разговарани со потенцијален нов партнер. Тоа исто така ви го потврди и претседателот на Алијанса, дека ние сме политички партии, вклучително и Алијанса за Албанците, што сме за продолжување на европскиот пат на државата, меѓутоа дека во однос на конкретни разговори за програмски и кадровски детали немаме разговарано, рече Ковачевски.

Тој истакна дека доколку се влезе во такви разговори, тогаш, ќе бидат консултирани и ќе биде разговарано и со постојните коалициски партнер во Владата.

Централното претседателство на Алијанса за Албанците неделава ќе формира комисија која треба да преговара за евентуален влез на партијата во Владата или за останување во опозиција, откако Централното собрание викендов го овласти раководството да ја донесе конечната одлука.

Претходно, пред одржувањето на Централното собрание, Таравари во изјава за една национална телевизија рече дека поканата за влез во Владата ќе ја прифатат само за сериозна борба против корупцијата и ако постојат шанси да се обезбедат 80 пратеници за уставни измени.