Централното претседателство на Алијанса за Албанците неделава ќе формира комисија која треба да преговара за евентуален влез на партијата во Владата или за останување во опозиција, откако Централното собрание викендов го овластило раководството да ја донесе конечната одлука.
Претходно, пред одржувањето на Централното собрание, Таравари во изјава за една национална телевизија рече дека поканата за влез во Владата ќе ја прифатат само за сериозна борба против корупцијата и ако постојат шанси да се обезбедат 80 пратеници за уставни измени.
– Трето, најважен интерес на граѓаните е земјата да успее да ги направи уставните измени и да почнеме преговори со ЕУ. Ако добиеме информации од другите партии на власт дека постои можност за обезбедување на 80 гласови тогаш треба да им дадеме шанса на уставните измени и преговорите со ЕУ. Цениме дека со такво мнозинство ќе придонесеме полесно да се убедат и пратеници на ВМРО и целата партија да ги гласа уставните измени. Доколку нема такви шанси тогаш не гледаме причина зашто да бидеме дел од власта, изјави тогаш Таравари.
Во петокот премиерот Димитар Ковачевски, пак изјави дека разговорите со Алијанса за Албанците не се почнати.
– Кога зборуваме за Алијансата за Албанците, тогаш треба да кажеме дека таа соработка треба да се направи врз основа на две претпоставки. Првата е програмско-политички и втората е кадровска и за такви се уште нема конкретни разговори, изјави Ковачевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак смета дека граѓаните нема да добијат ништо со евентуален влез на нови партии во власта и зголемување на мнозинството.
-Минатиот пат требаше да киднапираат пратеник за да имаат 61. Сега овој пат треба да им простат уште едно чудо криминали на истите криминалци кои им прават притисоци на нивните пратеници и да им закрпат мнозинство. Во суштина главното прашање е, што ќе добијат граѓаните од поголемото мнозинство за кое говори Ковачевски. Знаеме што ќе добијат криминалците, но што ќе добие народот. Што ќе се промени? Ќе живеат ли подобро?, напиша во петокот Мицкоски на својот профил на Фејсбук.
На темата за проширување на владејачкото мнозинство во петокот се огласи и лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, чија партија во моментов е дел од Владата и најави дека нема да гласа за влада која го нарушува основниот принцип на правична застапеност.
-Нема да гласам за влада ако го нарушува основниот принцип на соодветна и правична застапеност во органите на власт, изјави Трајанов.
Тој, во Тема на денот на Сител телевизија, кажа дека ќе почека прво да види како ќе биде компонирана владата. Доколку ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива се сложат да поделат места во Владата, во тој случај, Трајанов вели дека ќе поддржи таква влада, но, како што рече, „ако се нарушуваат основните принципи, овој преседан може да направи опасни поделби во државата“.
Прашан зошто е против проширувањето на владиниот кабинет со АА, Трајанов рече дека со проширување на бројот на министерски места кои ќе припаднат на албанската етничка заедница во голема мера ќе се нарушат внатрешните етнички односи.
Во врска со тоа дали разговарал со ВМРО-ДПМНЕ околу одредена можна соработка за креирање ново мнозинство во Собранието, Трајанов рече дека не разговарал со никој од партијата и оти нема намера да преговара со ниту една политичка партија надвор од јавната сцена.