Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека утрешниот состанок на албанскиот премиер Еди Рама со лидерите на политичките партии на Албанците од земјава во Тирана е новогодишна средба со цел размена на мислења по однос на актуелните прашања во регионот и посакување успех во годината која што е пред нас и апелираше да не создадва „некаква конспирација“ во врска со неа.
– Според моите информации, средбата во Тирана е новогодишна средба на премиерот на Албанија со лидери на политички партии по повод стартот на Новата година, со цел размена на мислења по однос на актуелностите во регионот, очекувањата во Новата година и посакување една подобра соработка. Очигледно, оваа година ќе биде година на предизвици за регионот. Сепак, се наоѓаме во година во која што се уште постои војна во нашиот континент во кој што постојат бројни регионални предизвици, заедничките аспирации на двете земји за продолжување на преговорите за членство во Европската унија, изјави Османи во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција на која ги претстави приоритетите и целите на земјава за време на претседавањето со Јадранската повелба во 2023 година.
Според Османи, за средбата во Тирана нема однапред предвидена агенда за која што ќе се разговара и таа ќе претставува можност за комуницирање и размена на идеи, информации, и ставови за добробит на регионот и на Северна Македонија и Албанија.
– Можам да кажам дека премиерот на Албанија е докажан пријател на Република Северна Македонија, посебно тоа го докажа во текот на овие години и месеци преговори со Република Бугарија, кога буквално некогаш на сметка и на интересите на Албанија, ги кажуваше позициите и на Република Северна Македонија во тој дел. Навистина не сметам дека треба да се создаде некаква конспирација по однос на овие средби, рече Османи.
Што се однесува до ставовите за учеството или неучеството на лидерите на поканетите партии на оваа средба, Османи рече дека сето ова преминува секаква граница и произлегува дека веќе нема фокус на вистинските искрени интереси на државата, туку само партиски и политички интерес.
– Јас сфаќам и разбирам дека политичките партии имаат интерес да ги искористат и да ги експлоатираат сите ситуации во стекнување на политички поен, но сето тоа преминува секаква граница и подалеку од тоа и произлегува и се испоставува дека нема веќе осврт и фокус на вистинските искрени интереси на државата и сето ова испаѓа само партиски и политички интерес. Тие треба да се изјаснат, да се произнесат пред нивните гласачки тела и јавноста, бидејќи според мене ова веќе преминува во немање искрен стил во однос на делувањето, рече Османи.
Според најавите, Рама ги поканил лидерите на ДУИ, Али Ахмети, на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, на Движењето Беса, Билал Касами, на Алтернатива, Африм Гаши и на ДПА, Мендух Тачи на неформална средба утре во Тирана.
Од Алтернатива, Алијанса за Албанците и од Беса вчера за МИА потврдија дека добиле покана за средба.
– Исто како што сме одговориле позитивно на сите покани за средби и во овој случај ја потврдуваме поканата, како и нашето присуство на вечерата организирана од премиерот Еди Рама, изјавија за МИА од Алијанса за Албанците.
Од Алтернатива потврдија дека претседателот на партијата Африм Гаши ќе присуствува на средбата, но дека не знаат за што ќе се разговара.
И од Беса за МИА потврдија дека е добиена покана за средба од страна на Рама и дека позитивно одговориле на неа. Но, според портпаролот на Беса, Фарук Авдиу, иако партијата нема дилеми во чесните намери на Рама, сепак се загрижени дека Али Ахмети би можел да ја злоупотреби средбата, бидејќи секогаш „кога тој има проблеми злоупотребува вакво нешто“.