Бизнисот во 2023 година очекува структурни економски реформи

Изминатата, 2022., беше слаба економска година која ќе треба брзо да се надмине. Значително се зголеми бројот на згаснати компании, а ако државата не реагира соодветно, и оние кои се солидно етаблирани, ќе претрпат големи загуби и тешки последици, оценува бизнис секторот.

Растот на цената на електричната енергија, инфлацијата, немањето квалификувана работна сила и нарушените ланци на снабдување, останаа клучни проблеми за стопанството.

Претстојниот период, според проценките, ќе биде тежок од аспект на задржување на вработените и на ликвидните средства кои се проблем уште од појавувањето на КОВИД-пандемијата. Со оглед, пак, на енергетската и инфлациската криза, предизвикот ќе биде во брзата технолошка трансформација на домашната економија.

Деловната заедница во 2023 година очекува од Владата да се фокусира на намалување на сивата економија, на реализација на предвидените странски инвестиции, но и на структурни економски реформи со цел создавање подобри услови за развој на бизнисот и креирање здраво, отпорно стопанство што ќе значи и помала потреба од антикризни мерки во одредени специфични кризни состојби.

– Без оглед на генералната слика на економијата која се движи позитивно, сепак 2022 е слаба економска година која ќе треба да се надмине брзо. Оваа го велиме поради фактот што номиналниот БДП не е вистинскиот показател во оваа ситуација каде што имаме 19,5 отсто инфлација и секако дека тоа ќе се одрази врз реалниот БДП и реалната економска ситуација. Оваа година имаме и значителен раст на бројот на згаснати компании и ова е друг показател на ситуацијата во која се наоѓа бизнисот. Сметаме дека државата многу зема од приватниот сектор, но не дава во иста мера за возврат, особено сега кога е најпотребно. Токму кога очекувањата на бизнисот се позитивни за 2023 година во која се очекува ублажување на инфлацијата, Владата презентира идеи за дополнителни даноци и даночни реформи кои ја убиваат желбата за водење бизнис во нашата земја во време кога ни е најпотребно да се стимулираат бизнисите, но и младите да ги реализираат своите бизнис идеи и да го зголемат бројот на деловните субјекти во земјата, вели за МИА извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), Дрилон Исени.

Имајќи предвид дека над 60 отсто од БДП-то на Северна Македонија доаѓа од потрошувачката сила, тогаш, дециден е Исени, бизнисите како најголем работодавач во земјата, треба да се поддржат за да се зачува економската рамнотежа.

-Следниот период ќе биде тежок од аспект на задржување на вработените и секако ликвидните средства кои се проблем уште од појавувањето на КОВИД. Како универзална мерка да се намали инфлацијата, на глобално ниво се очекува да се зголемат каматните стапки, а страничен ефект може да биде рецесија која ќе се одрази и кај нас. Имајќи предвид дека енергетската и инфлациската криза се големи проблеми за нашата економија, сметаме дека предизвикот ќе биде во брзата технолошка трансформација на нашата економија, која ќе биде неопходна, но и тоа ќе ги сноси своите последици. Компаниите кои се етаблирани во нашата земја, можеби ќе издржат, но и тие ќе трпат големи загуби и тешки последици од тоа низ што минуваат веќе три години. Ова се неколку сценарија кои може да ги видиме во следниот период, доколку државата не реагира соодветно, да ги поддржи и помогне компаниите, како најголем работодавач во земјата, нагласува Исени.

На прашањето колку државата успеа да му помогне на бизнисот и дали СКСЗМ ќе излезе со нови предлози/барања, Исени одговара дека Владата нема јасна визија што треба да се прави во насока на изнаоѓање трајни решенија.

-Барање на коморите беше да се субвенционира електричната енергија за компаниите од клучните сектори на нашата економија, но тоа се спроведе само за дел од производителите, кои, за жал, немаат значителен удел во делот на произведување на базичните прехранбени производи. Со цел да се надмине кризата и да се намалат цените, треба и другите компании поврзани со прехранбената индустрија да се помогнат. Но, од друга страна, видовме тенденција на Владата да најде решенија за пополнување на државната каса преку дополнителни даноци кои сме ги немале до сега, со што ја отежнува работата на бизнисот и ја поттикнува сивата економија која во овој момент е на 23 отсто од БДП или околу 2,5 милијарди евра, според Светската Банка. Проблемот е во тоа што Владата нема јасна визија што треба да се прави во насока на изнаоѓање трајни решенија, бидејќи од една страна носи одлуки и мерки кои се минимални, но позитивни за економијата, а од друга, повеќекратно ги отежнува условите и ги обесхрабрува компаниите со што ефектот е крајно негативен, потенцира Исени.

Според претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК), Трајан Ангелоски, во вакви услови на криза, треба да се искористи потенцијалот за инвестирање во обновливи извори на енергија. Енергетската трансформација во нашата земја, напоменува Ангелоски, се проценува дека ќе ангажира пет милијарди евра инвестиции во наредните 10 години.

-Енергетската криза нашата земја ја чини и до 700 милиони евра што е преголема сума. Затоа е потребно да се искористи големиот потенцијал за инвестирање во обновливите извори на енергија. Интерес за инвестиции во овој сектор има како кај домашни инвеститори, така и кај странски инвеститори. Бенефитот од зелената енергија е во тоа што цената за мегават час електрична енергија произведен од обновливи извори на енергија во текот на 20 години колку што е нивниот употреблив век чини 40 евра, наспроти 220 или 260 евра колку се плаќа сега струјата која ја купуваат компаниите. Исто така е важно е да им се овозможи на компаниите кои се на регулираниот пазар да произведуваат електрична енергија од обновливи извори и да може да ги продадат евентуалните вишоци, вели Ангелоски за МИА.

Тој посочува дека освен зелената енергија, фокус на државата треба да бидат и намалувањето на сивата економија, како и реализацијата на планираните странски инвестиции.

-Растот на цената на електричната енергија, инфлацијата, немањето квалификувана работна сила и нарушените ланци на снабдување, се проблемите со кои се соочуваше и се уште се соочува стопанството во измината година и кои создадоа нестабилни, непредвидливи и предизвикувачки околности за работа. За наредната година очекуваме Владата да се фокусира на структурни економски реформи со цел создавање подобро окружување за развој на бизнис и создавање здраво и отпорно стопанство што ќе значи и помала потреба од антикризни мерки во одредени специфични/кризни состојби. Намалување на сивата економија и реализација на предвидените странски инвестиции се само дел мерките кои Владата може да ги преземе со цел стабилизирање на состојбите, укажува претседателот на ССК.

Во однос на Буџетот за 2023 година, Ангелоски смета дека е со оптимистичка проектирана стапка на раст, но и со пренагласена социјална компонента. Тој порачува дека во услови на криза, секогаш е подобро расположливите ресурси да се насочат онаму каде што ќе создадат додадена вредност.

Исени, пак, оценува дека не вредат бројките доколку средствата и предвидените проекти не се реализираат. Во последните години, констатира, Буџетот има социјален карактер и не е наменет за развој на економијата.

-Буџетот е посебна приказна. За жал, во последните години видовме многу слаб капацитет на институциите да ги трошат средствата на проекти кои се неопходни за економски раст и развој. Капиталните расходи за 2022 година, по ребалансот се на 59 отсто од планираното, крајно ниска стапка која се забележува и се одразува врз секојдневието на бизнисот, но и на граѓаните, а од друга страна, Министерството за финансии предвидува над 800 милиони евра што е преамбициозно, имајќи го предвид институционалниот капацитет за реализација. Нашите компании се способни да го забрзаат економскиот раст и развој, но потребни се предуслови за да бидат поконкурентни во регионот и пошироко. Патната и железничката инфраструктура ни се многу слаби и тоа една од причините зошто имаме бавна економија во споредба со соседните земји. Најмалку од сите во регионот во последните 15 години сме инвестирале во патна инфраструктура. Буџетот во последните години останува од социјален карактер и не е наменет за развој на економијата, со се слабата реализација на капитални и развојни проекти, заклучува извршниот директор на СКСЗМ.

За изминатата 2022 година став преку колумна изнесе и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески. Тој најавува дека во средината на јануари 2023 година Комората ќе организира традиционална конференција на која политичките партии се очекува да потпишат своевиден рамковен договор за економските реформи кои треба да се спроведуваат во земјава најмалку во следните 10 години и тоа да се направи во соработка со науката и со бизнисот.

-Наместо отворени граници, од 2023 година ќе очекуваме „војна за таблици“. Наместо војни во вселената, добивме уништување на „зелената“ (агенда ли е, платформа ли е, трева ли е…). Што зборува сето тоа? За граѓаните не знам. За компаниите, непредвидливост и катастрофа, пишува Азески во колумната.

Тој се осврнува и на Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки што ја донесе Стопанската комора на 14 јули 2022 година, кога одбележа 100 години од постоењето.

-Во Декларацијата, покрај другото, е наведено и дека неповолните состојби во економијата во најголем дел се должат на нефункционирањето на правната држава, непочитувањето на пазарните вредности, севкупната политизација на секоја пора од општеството и на доминацијата на интересот на политичките партии над државниот интерес. Затоа бизнисот бара враќање од партиска кон државна агенда (да запрат фиктивните вработувања во јавниот сектор, да се стави стручниот кадар пред партиските вработувања, да се ревидира потребата од постоење 1322 државни институции со армија од партиски вработени,…). Второ, за бизнисот да функционира како што треба и за да ја остварува својата функција, потребно е да се потврди единствениот пат за евроатлантски интеграции, без оглед на исходот од преговорите со ЕУ да се донесе заеднички акциски план за формирање работни тимови за преговори, да се работи на обезбедување институционална и правна држава, пазарно ориентирани услови и почитување на човековите права и слободи, потсетува Азески.