Брисел, Софија и Вашингтон – три пробиви во надворешната политика, 2023-та ќе ја определи претседавањето со ОБСЕ, порача Османи

Постигнувањата во надворешната политика ја одбележаа 2022 година и по однос на квалитет, квантитет и по интензивност. Постигнати се три пробиви – Брисел, Софија и Вашингтон, кои поминаа во сенка на најголемите случувања по Втората светска војна – руската воена агресија во Украина. Претседавањето на ОБСЕ ќе ја одбележи идната година, оцени денеска на годишната средба со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи.

-Се на се, една исклучително активна, интензивна и успешна година во надворешната политика, оценува Османи.

Во однос на Брисел, покрај најдобрите оценки за 100-процентната усогласност со надворешната политика на ЕУ нотирана во Извештајот на ЕК, тој го подвлече пред се, како што вели, историското постигнување – почетокот на преговирте со ЕУ на 19 јули.

-После 17 години кандидатски статус од декември 2005 година се до 19 јули 2022 година општетството живееше во годишните циклуси на очекувања и разочарувања кога ќе почнат преговорите, односно кога ќе почне последната фаза од членството во ЕУ. Знам дека постоеја дилеми и се уште постојат дали беа почнати прегворите. Никој да нема дилеми дека на 19 јули Република Северна Македонија ги почна преговорите, го почна скринингот како еден од најсуштествените елементи на самите преговори. Со скринингот правиме детален дизајн на процесот на преговори, а отворањето и затворањето на поглавјата е всушност местење на цигли од тоа што е утврдено во три акциски планови и бенчмарковите. Во тек се и објаснувачкиот и билатералниот скрининг, кој што очекуваме да заврши во текот на 2023 година, а во март ќе го добиеме и првиот пишан извештај, вели Османи.

Тој нагласи дека од комуникацијата со колеги во ЕУ добива фидбек дека се импресиониорани од степенот на подготвеноста на нашата администрација и презентациите за она што е направено во државата.

Како втор историски успех, Османи го издвои завршувањето на процесот на меѓународно етаблирање на македонскиот јазик, односно затворање на т.н. прашање за македонскиот јазик во меѓународна употреба со донесувањето на Преговарачката рамка со ЕУ на 19 јули потврдена и со потпишувањето на Договорот со Фронтекс.

Во однос на Бугарија, рече, тие преговори овозможија рамка во која ќе се одвиваат односите меѓу двете земји. „Се обидуваме“, додаде тој, „да наметнеме и да доминираме со нашиот позитивен наратив кој ќе овоможи подобрување на севкупните односи и градење на заменската доверба“. Го издвои бизнис форумот со кој се одбележа една милијарда долари трговска размена оваа година со Бугарија.

-Се разбира таму има предизвици и ќе имаме предизвици, во текот на целата година, меѓутоа гледате дека во јавниот дискурс не не контаминираат секојдневно тие односи со Бугарија, туку ставени се во една институционална рамка во која историските прашања ги решаваат историчарите, а институциите ги решаваат институционалните прашања и дилеми. Тоа нема да биде лесно, гледате отпор, обиди за киднапирање на таа агенда, имаше отворање на клубови со провокативни имиња, обиди да не оттргнат од нашите намери. Меѓутоа тие не можат да бидат толку активни, колку што ние ќе бидеме упорни во намерата да изградиме доверба и нормални односи меѓу нашите држави, рече Османи.

Третиот пробив е Вашингтон, односно  31 мај и започнувањето на стратешкиот дијалог, како нова фаза во односите меѓу двете држави. -САД се нашиот најважен стратешки партнер, со кој што имаме стратешки договор од 2008 година, кој од пасивна рамка сега станува активна рамка, акциски план со конкретни чекори кои ќе се следат на годишна основа на највиско ниво меѓу Стејт депарментот и МНР, рече Османи.

Во контекст на добрососедските односи оваа година според министерот за надворешни работи била исклучително добра. Со Србија го издвои затворање на единственото отворено прашање – црковното прашање и проектот Отворен Балкан. Со Косово се одржа првата заедничка седница на двете влади, а со Албанија втора меѓувладина седница, со кои се потпишани повеќе билатерални договори со кои продолжуваат да се интензивираат односите. Со Грција, вели како ретко досега нормални односи, кои се огледаат и во дуплирање на трговската размена, а следната година најави и седница на високо ниво на Советот за соработка.

Меѓудругото, во контекст на интензивната агенда на МНР, го издвои Берлионскиот процес и потпишаните три договори за интензивирање на регионалната соработка, како и посетата на претседателот и на канцеларот на Германија на земјава што е одраз, вели, на вкупната нова меѓународна позиција на државата.

Она што ќе ја одбележи идната година е претседавањето со ОБСЕ, која е најголемата регионална безбедносна организација во која членуваат и САД и Русија, а кое стартува од 1 јануари. Османи информира дека Северна Македонија од следната година го презема и претседавањето со уште две платформи – А5 Јадранската повелба и со ПСЈИЕ.