ПОДГОТОВКИТЕ И ИСПРАЌАЊЕТО НА ИВАН ТРПОСКИ ОД МАКЕДОНИЈА ЗА НА ПЕЧАЛБА ВО АВСТРАЛИЈА (14)

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“

Ова продолжение ќе го посветиме на заминувањето на Иван Трпоски од своето родно Волино, во кое се пренесени сите тажни и среќни моменти за подготовките за одење на печалба на петтиот континент, во кое тој го напиша следното:

Во своите мемоари се имам запрашано: дали датумот 26. 8. 1968 година е ден на среќа или е ден на несреќа? Вечерта спроти овој датум, во нашиот дом во Волино се насобраа многу роднини и пријатели за да ми посакаат среќен пат. Тогаш дури сфатив дека треба физички да се одделам од моите најмили, од родителското родно огниште и најубавото поднебје. Роднините, пријателите и другарите останаа до доцна за да си поприкажеме за минатото, а и за идните заемни врски што ќе треба верно да ги одржуваме.

Чувствував дека тешко ќе ми биде поминот на последната ноќ со мојата мила сопруга, со која штотуку ја затопливме брачна­та постела. Таа липајќи, ноќта ја мина без да мигне. Ми поставу­ваше безброј парашања, на кои, муцајќи, јас ѝ давав одговор со: да или добро. Ме обврзуваше за да патувам право, да не го згрешам патот, да не ме одведе предалеку од неа. Мојата утроба е празна, не е зачната, но затоа пак срцето и душата ми се полни од твојата љубов. Јас нема да те изневерам, тоа можам да ти го потврдам по твоето враќање и пред иконата на најмилозливата светица, пред мајката на Исус, света Богородица. Ти со нечесните глупости ќе им овозможиш да ни се исмејуваат непријателите. Работи си чесно и врати ми се верно… Ме разбуди раздвиженоста на домашните, кои се готвеа за да ги дочекаат испраќачите. Мачно се истргав од топлата прегратка на сопругата, натопен во солзи. Нашите најблиски веќе беа тука. Ги подготвуваа запрежните коњски коли за тргну­вање.

Пред да тргнам ги проверив работите во куферот, особено пасошот, патната исправа и фотографиите од најмилите. Сѐ беше подготвено од пред два дена, но убаво е да се провери. Сите надој-дени, некако чудно ова утро гледаа во мене, а јас нажален ги од-бегнував нивните погледи. Пред врата, на излегување, го клоцнав ѓумчето полно со вода. Излевањето на водата претставуваше чист пат и убава печалба. Се поздравувавме со присутните кои на земја ми фрлаа по банкнота. Потоа настана гушење, липање, плачење… Срцето е кревко, но мора болките да ги поднесе. Поздравувањето најмногу ме трогна тогаш кога по татко ми ја немаше најмилата рака на светот за да ме прегрне во својата прегратка и да ми посака среќен пат. Да, мојата мајчица почина пред една година, на возраст од само 46 години. Оваа болка морав да ја примам како најтежок товар при моето збогување.

Колите беа подготвени, коњите впрегнати. Со болно срце уште еднаш погледнав кон луѓето кои ме испраќаа, кон родното огниште и родителскиот дом. Сетив дека и домот е ожалостен од моето збогување. И тој сакаше да ме запраша: зошто плачам, зарем нема повеќе да се вратам? На патот чекаа и многу други соселани кои сакаа за да се поздравиме. Некои од нив ми даваа подароци за нивните најмили кои се наоѓаат во Сиднеј и неговата околина. На волинското сретсело застанавме за да се поздравиме со луѓето кои случајно се најдоа тука. А тука без луѓе никогаш и не било. Пред црковните порти застанавме сите. Влеговме во црквата која го носи името на нашата селска заштитничка Св. Богородица, од која со запалени свеќи побаравме милост за здравје и среќен пат. А пред гробот на покојна ми мајка се истурија едно чудо солзи. Загле-дан во нејзиниот нем паметник, со влажни очи и искривени усни ја запрашав: „Мајчице моја, зошто не те поживеа Господ уште за малку барем, уште за толку, колку за да можам од својата заработу­вачка во странство, нешто повеќе да ти дадам, зашто од овде сама­та виде дека нема од што. Вака, мајко, јас ти останав должен тебе и на твоето мајчинство, за: млекото, облеката, храната, а најмногу за љубовта што ми ја вгради во мојот дух…“ По црквата и гробот на мајка ми, еве уште едно застанување. Сега кај традиционалниот Плачи Мост. Да, тој се наоѓа на крај село. Дотука доаѓаат повеќе луѓе од селото. Се збогувавме и со нив.

Се збогував и со реката Сатеска и со селските лозја и со волинскиот синор… Замаен, умот ми шета наоколу. Тагувам по прекрасната глетка која ја оставам зад себе. А мора така да биде. Од суденото нема бегање. По патот од Волино до Охрид убаво поминавме. Попатно ги гледав и оста-вав зад себе најубавите глетки, прекрасните панорами. Цвркотот на птиците кои нѐ надлетуваа го сфаќав како опомена при одлуката на моето тврдоглаво решение за разделба со најубавото, со најми-лото, со најсветото… Во Охрид надојдоа пријатели од градот, од Струга и од околните села. Фотографиите ќе го потврдат нивното присуство. Од Волино во Охрид допатуваа и сопругата на Крсте Стоески, Цвета, со децата Ристе, Благоја и Миле. Нив до Сежана ќе ги испраќа нивниот свекор и дедо Сарафко. И тие патуваат кај својот сопруг и татко Крсте Стоески во Сиднеј. Тука се запознав и со Спиро Рајчиноски од Мислешево, кој ќе ми другарува сѐ до Мелбурн, Австралија.

Автобусот беше поставен на соодветниот перон, а пред него, еве, таговно се поздравуваме со најмилите. Токму така, еве ги уште еднаш испружените раце и насолзените очи на најблиските. Секој испраќа по некоја порака, а пораки има многу. Срцето тупоти, умот се вртоглави, а очите солзат. Не знам во кого најмногу да го задржам својот изнемоштен поглед. Сите ми се мили. Но најмили меѓу најмилите ми се татко ми, браќа ми Ан­геле и Трпе, сестра ми Ристана и сопругата Нада. Овој пат плачот е најгласен. Автобусот тргнува. Пред нас е патот до Битола, а зад нас се подигнатите раце кои мавтајќи нѐ отпоздравуваат. Еве, во една вртоглава атмосфера го напуштаме Климентовиот град Охрид со прекрасното езеро, со Самуиловите тврдини и со безбројните спо­мени во него. Моторното возило со целата своја силина вјаса кон следната попатна станица ‒ Битола.

Во Битола глетката пред поставената возна композиција е мошне трогателна. Стотици граѓани од Бабам Битола дошле да ис­пратат десетици свои граѓани и граѓани од битолските села. Тапа-ните и зурлите трештат на станичното двориште. Идните печалба­ри, во солзи, го одигруваат своето последно оро. Мајките, крстејќи се, им го благословуваат поаѓањето на нивните синови. Невестите со солзливи очи и со свиени раце околу вратовите, зграпчени ги држат нивните момчиња. Во еден таков разделбен метеж, некои од печалбарите им приредуваат несекојдневен џагор на децата со фрлање пари и карамели на земја. Јас и Спиро се сместивме во едно купе од вагоните. Пред вагонот, гледаме, млад човек држи во нарачје две ситни девојчиња и во плач се отпоздравува со сопру­гата. Плачат сите во тој семеен разделбен букет.

По тргнувањето на возот, човекот кој се раздели со сопругата и ќерките влезе во нашето купе. Тој се викаше Борис Печипајкоски, родум од село Смилево, а патуваше во гратчето Грингила, кое е оддалечено осум­десетина километри на југ од Сиднеј. Во купето имаше три девојки кои ни правеа друштво до Белград. Во Сежана се отпоздравив со мојот соселанец Сарафко Стоески, на кого му ги дадов преостана­тите југословенски динари за да му ги даде на татко ми. Сарафко плачеше како дете по внучињата кои се разделуваа од него за век и веков. Патот од Сежана преку Трст до Џенова беше мошне напо­рен. Возот застануваше на многу станици, во брдско-планинските италијански предели. Овојпат во возот комуникацијата се промени од српскохрватски на италијански јазик. Во Трст останавме само половина час. Да, ми навреа ракатка спомени и за оваа италијан-ска пристанишна метропола. Како деца, со конзерви полни со пе­пел и газијан, зачукани на стап и пламнати, високо над нас наред-нички ги носевме. Така во група учителите нѐ шетаа низ село со ѕвонци да тропаме и нѐ тераа да ги извикуваме следниве пароли:

„Животот го даваме ‒ Трст не го даваме! Да живее КП, Да жи­вее другарот Тито, Лазо…“ Каква словенечко-титова доктрина? За овој италијански град ги заболе сите граѓани во Југославија, па со закана на војна, побараа од европската заедница и светот, градот Трст да остане во југословенските граници. А за Солун и делови од Македонија кои насилно соседите си ги присвоија ‒ никого во Југославија глава не го заболе! Трст најпрво беше прогласен за не-утрална зона, но подоцна Италијаните паметно си го заседнаа и присвоија. Сега, тој важи за огромна поморска метропола, која на Италија ѝ носи огромно богатство, било од трговија или туризам. Од Трст и Јадранско Море, возот ја пресече северна Италија и нѐ довози во градот Џенова. Џенова е град полн со фанфари, светилки и сонце. Градот е мошне голем. Тој е распослан по брегот на Ли-гуриското Море. Поради доцнење на бродот Ахиле Лауро, ние два дена останавме во Џенова. Дводневното сместување во хотелот

„Виена“ беше на сметка на бродската компанија „Лауро“. Тука ги добивме и патните бродски билети. Така, сега имавме повеќе вре­ме за запознавање на градот. Свежината на морското водно солило напросто нѐ опи. Веднаш мислите ме вратија да си спомнам дека некогаш и ние Македонците сме имале море, а тоа е Егејското, над кое денес насилно командуваат јужните соседи! Низ метежот на оваа грандиозна метропола веднаш се почувствува силна човечка и автомобилска раздвиженост. Градот е убав, со убаво подредени продавници, во кои се нуди квалитетен мебел, прехранбени про­изводи, бела техника и секакви потребни намирници. Интересно за нас ќе биде тоа што за првпат видовме јавни куќи. Да, за пр­впат имавме можност да си одбереме девојка по вкус и да ја до­говориме цената на нејзината услуга. На девојките кога ќе им ги покажевме југодинарите, подбивно ни се исмејуваа. Чудно, тие не ни ги сакаа ни австралиските долари. Нивната услуга ја нудеа за два американски долари или соодветна на таа цена во италијански лири. А австралиските долари беа поскапи од американските за 25 центи. Двата американски долари што ги разменувавме во бродот „Ахиле Лауро“ ни носеа ќар од 50 центи или две големи (750 мл) шишиња со пиво. Во хотелските соби имавме ТВ приемници со по неколку канали. Двете хотелски ноќи ги минавме како вистински шеици. Но насетувавме што нѐ чека во Австралија. Од овој град купив транзистор и по едно момче од село Лескоец, Охридско, ѝ го пратив на сопругата Нада во Струга. Од овде испратив и неколку разгледници до сопругата Нада, татко ми, Блаже Наумоски, Жика Рафтоски, Димитри Маркоски, Јордан Ристески, Боро Јанкоски и Петри Дуноски.

Проодолжува
1sla2 Подготвил: СЛАВЕ КАТИН