Османи и Дендиас ги потврдија одличните односи меѓу Северна Македонија и Грција во сите области

Секогаш може да сметате на нашето пријателство и секогаш може да сметате на нашата поддршка, порача шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, додека пак министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи истакна дека односите двете земји претставуваат вистински  пример за добри соседи и пример како да се гради стабилно и долготрајно партнерство, базирано на взаемна доверба и почитување, јави дописничката на МИА од Атина.  

Дендиас и Османи денеска се сретнаа во грчкото МНР, средба на која беа потврдени одличните билатерални односи во сите области, се осврнаа и на можностите за дополнително продлабочување и уште еднаш беше изразена грчката поддршка за ЕУ перспективата на нашата земја.

Во фокусот на разговорите беше и претстојното претседателство со ОБСЕ на Северна Македонија, за кое Дендиас изрази убеденост дека ќе биде успешно и изрази целосна поддршка, додека па Османи се осврна на важноста на улогата на ОБСЕ за мирот и стабилноста

Шефот на грчката дипломатија истакна дека Грција е најблискиот партнер на Северна Македонија во регионот без скриени агенди.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија ја спомена и економската соработка и колку е таа зголемена во изминатите години, истакнувајќи дека трговската размена по договорот е зголемена за 100 отсто.

Двајцата министри во изјавите по средбата се осврнаа и на руската инвазија во Украина, Дендиас ги спомена и односите на Грција со Египет и Турција, велејќи дека ќе го брифира Османи за време на ручекот за турската реторика во Егејското море и Источниот Медитеран.

Дендиас и Османи, по изјавите за медиумите, разговорите ги продолжија на работен ручек.