Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на Министерскиот состанок на САД – Јадранската Повелба, што се одржа во Подгорица, Црна Гора. Во рамки на состанокот, Северна Македонија го презема претседавањето со Повелбата за 2023 година, кога се одбележува и 20 годишнината од нејзиното формирање, информираа денеска од МНР.
Во фокусот на разговорите беше стабилноста на Западен Балкан во контекст на актуелната безбедносна состојба, предизвиците со кои се соочува регионот и начините на зајакнување на отпорноста на нашите општества, со цел поуспешно справување со овие кризи.
Османи во своето излагање го истакна значењето на унапредување на регионалната соработка и потребата за засилување на заедничкиот, регионален придонес за зачувување на безбедноста и стабилноста на Регионот, воедно нагласувајќи ја силната поддршка од САД во таа насока.
-Северна Македонија, како земја членка на НАТО ќе продолжи со својот активен придонес за зачувување на стабилноста на Западен Балкан, кој што е и наш врвен надворешно – политички приоритет. Нашата земја е силно посветена кон промовирање на евроатлантските вредности, како и поддршка на другите членки на Повелбата во остварување на нивните евроатлантски аспирации, подвлече Османи.
Пред почетокот на Министерскиот состанок на А5, министерот Османи имаше и заедничка прес-конференција со премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, на која ги претстави целите на претседавањето на Северна Македонија со Повелбата.
-Како иден претседавач со А5 ние веќе преземаме иницијатива за натамошна ревитализација на Повелбата. Целта е не само да ја зајакнеме, туку и да и дадеме соодветна улогата на А5 во нашиот регион. На некој начин, преку еден нов концепт, или нов наратив, да направиме адаптација на целите и мисијата на Повелбата, соодветни на новите геополитички предизвици и новите околности во кои се наоѓа регионот, истакна Османи.
Тој нагласи дека за ревитализацијата на А5, што е во функција на поефикасно справување на земјите од регионот со денешните предизвици, Северна Македонија има јасна американска поддршка, што беше тема на дискусија и за време на одржаниот стратешки дијалог со САД, во јуни во Вашингтон.
Министерот Османи нагласи дека нашето претседавање со А5 се совпаѓа и со претседателството со ОБСЕ во 2023 година, со што земјава презема значајна и одговорна улога на регионален и мултилатерален план.
-Руската воена агресија врз Украина создаде сложени геополитички околности и нарушена безбедносна архитектура, па оттука претседавањето со безбедносните организации претставува посебен предизвик за нас, нагласи шефот на дипломатијата.
Во рамки на посетата на Подгорица, Османи ќе има средба и со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.