Советникот на државниот секретар на САД Дерек Шоле во среда ќе дојде во Скопје за да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата, соопшти Стејт департментот.
Освен земјава, Шоле од 11 до 1 7 декември ќе ги посети и Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Белгија.
– Оваа посета ја нагласува трајната посветеност на САД за мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, наведуваат од Стејт департментот.
Заедно со Шоле во Скопје се очекува да допатува и заменик-помошникот секретар во Стејт департментот и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој од вчера се наоѓа во посета на Косово.
Делегацијата предводена од Ескобар, на која ќе се придружи и високиот советник во Стејт департментот Шоле, денеска во Приштина ќе разговара со највисоките претставници на косовските институции, а утре ќе престојува и во Белград. Ескобар вчера го посети православниот манастир Високи Дечани, заедно со заменичката амбасадор на САД во Косово, Алисон Грундер,
Серијата посети, Шоле ќе ја заврши во Брисел на 16 до 17 декември со цел да разговара за соработката со европските партнери и сојузници за низа глобални прашања, вклучително и за континуирана поддршка за Украина, пристапот во ЕУ и европската интеграција на земјите од Западен Балкан, како и за енергетската безбедност и дијалогот меѓу Косово и Србија.