За одржливост на реформите потребен широк политички консензус, клучни реформите во правосудството

Потребен е квалитетен процес на реформи и нивна одржливост за сопирање на негативните трендови со кои се соочуваме во областа на владеење на правото. Тоа подразбира целосно функционален и професионален Судски совет и Совет на јавни обвинители, безрезервна поддршка на работата на Државната комисија за спречувањето на корупцијата и широк политички консензус на реформите во сферата на правната држава. Ова се дел од пораките на Петтата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) која се одржа вчера во Собранието.

Претседателот Стево Пендаровски на форумот истакна дека колку брз ќе биде процесот на нашата интеграција во ЕУ зависи и од Брисел, и од државите-членки, но, најмногу од нас. Реформите, рече тој, не ги правиме за да ги задоволиме европските бирократи, туку фундаментално да го промениме нашето општество и работата на нашите институции од кои нашите граѓани не се задоволни во висок процент.

Според претседателот, фокусот не треба да биде на техничко исполнување на критериумите за членство, туку на квалитетот на процесот зашто друг начин за реформите да бидат оддржливи и за сопирање на негативните трендови со кои се соочуваме во областа на владеење на правото – не постои.

– Само со излегување од конфорната зона на политички декларации, процесот на пристапување кон Европската Унија ќе ја има трансформативната моќ која ни е повеќе од потребна, рече Пендаровски.

Не е случајно, додаде тој, дека токму владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата се вбројуваат во кластерот на фундаменталните вредности во процесот на пристапување кон ЕУ. При тоа Пендаровски посочи на четири главни правци кон кои смета дека треба да се движиме во исполнувањето на овие обврски: неселективната примена на законите и доследно почитување на независноста на институциите во оваа област, од страна на политичарите, доследна примена на критериумите при регрутација на слушателите во Академијата за судии и јавни обвинители од каде се регрутираат идните судии и обвинители и целосно функционален и професионален Судски совет и Совет на јавни обвинители, безрезервна поддршка на работата на Државната комисија за спречувањето на корупцијата и реформите во сферата на правната држава да бидат резултат на широк политички, но, не помалку важно, експертски и општествен консензус.

– Законите во оваа сфера треба да бидат поддржани од сите значајни политички фактори, а во нивната изработка да бидат вклучени експертите и граѓанските организации, како и експерти од државите-членки на ЕУ. Подготвеноста за асистенција од страна на нашите партнери од ЕУ и државите членки никогаш не била спорна, наше е колку и на кој начин ќе ја искористиме. Со други зборови, во реформите во оваа сфера клучен треба да биде консензусот, а не надгласувањето, истакна претседателот на државата.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во своето обраќање подвлече дека стапувањето кон ЕУ треба да биде национален проект, целиот политички спектар да се заложи за националните интереси и за спроведување на реформите поврзани со ЕУ, а реформите во правосудството се неопходни и тоа ургентно, изразувајќи разочарување од случувањата во оваа сфера последниве месеци.

– ЕУ потроши милиони во овој сектор. Ние и граѓаните со право треба да очекуваме дека тоа ќе генерира резултати. Да, но тоа не е доволно, а настаните во изминатите месеци беа многу разочарувачки. Постои потреба повторно да се заложиме за реформите. Владата го предводи овој процес, меѓутоа и Парламентот треба да ги следи во ова. Реформите се неопходни и тоа ургентно. Имаме одговорност да покажеме професионализам што го очекува јавноста преку Судскиот совет, преку праводусните органи затоа што ЕУ ќе го следи овој процес од првиот ден до денот на пристапувањето, порача Гир.

Тој посочи дека истото се однесува и за борбата против корупцијата, и праша зошто препораките на ДКСК не се проследуваат систематски.

– Дали имаме причини да бидеме оптимисти. Емпатично кажано – да. Патот на земјата напред е тежок, но веќе сте напреднале во реформи во важни области, а во други сте дури и понапред од земји кои преговараат за челнство во ЕУ. Степенот на потешкотии понекопгаш може да се чини дека е преобемен но и други држави покажале дека е тоа возможно. Ние ќе бидеме со вас на секој чекор на овој пат не само на зборови, туку со издржана поддршка, верувам дека ќе успеете, порача евроамбасадорот Гир.

Ерик Мејер, заменик шеф на мисијата во Амбасадата на САД во обраќањето на петтата пленарната седница нагласи дека во партнерство со Владата на Словачка, американската Администрација даде поддршка на Националната конвенција за ЕУ на Северна Македонија и заедно ги поставија темелите за успешен процес на преговори.  

– Во изминатите пет години Националната конвенција даде значаен придонес да ја подготви земјата да се приклучи кон ЕУ. Работните групи овозможија отворена инклузивна дебата за интеграцијата во ЕУ заедно со претставниците од граѓанскиот сектор, претставници од Владата, граѓански организации, како и поединци експерти. Особено сум задоволен што имаме различни претставници кои опонираат на политичките мислења на сите прашања поврзани со реформите, рече Мејер.  

Словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш, исто така, го потенцира значењето на Националната конвенција за подготовката на земјата за пристапните преговори за членство во ЕУ нудејќи дебати со вклученост на националните актери – Владата, Парламентот, граѓанското општество, деловната и академската заедница, но и на странски експерти, особено од Словачка споделувајќи го словачкото искуства на патот кон ЕУ.

– Северна Македонија досега успеа во своето национално законодавство да усвои околу 45 проценти од европското аки, и тоа може да се смета за успех, но имајќи ги предвид вашите амбиции да станете полноправна членка до 2030 година, треба не само да остварите 100-процентно транспонирање на аки-то во домашната легислатива во многу кратко време, туку и да се фокусирате на негова имплементација на сите нивоа во вашето општететсво. Ова е сфера во која Северна Македонија треба да се подобри значително и да постигне најголем прогрес досега. Нивото на вашето разбирање на овој основен постулат е одлучувачки за вашиот пристапен процес заедно со новата методологија, порача амбасадорот Маркуш.

На панел-дискусијата „Основите на европската интеграција: Владеење на правото и спроведени реформи” во рамки на Петтата пленарна сесија на Национална конвенција за ЕУ во Северна Македонија, беше истакнато дека развојната стратегијата за правосуден сектор мора да се фокусира на независност, квалитет, транспарентност и ефикасност на правосудниот систем и реформите во правосудството се домашна работа на државата и не треба да се прават само заради Европската Унија, туку за граѓаните, со забелешка дека ЕК во последниот извештај ги отсликува моменталните состојби во правосудството, особено спориот напредок во судските реформи.

Потпретседателот на Европското движење Мухамед Халили рече дека Извештајот на Прибе од 2019 даваше одредени насоки како да се реформира правосудниот систем, но веќе 30 години зборуваме за реформи, посебно за реформите во судскиот систем и правосудството.

– Од тие 30 години, 25 години сме зборувале дека државата ги исполнува сите критероиуми за членство во ЕУ, но за жал Грција е таа што ни пречи, што беше и вистина. Ние проблемот со Грција го решивме, меѓутоа, судството и правосудниот систем се уште стагнира и се уште добиваме задоволителни оценки од ЕУ, а тоа значи двојка, или 2 плус, оцени Халили.

Владо Камбовски, претседател на Работната група на Министерството за правда за подготовка на стратегија за правосуден сектор 2023 – 2027, истакна дека Развојната стратегијата за правосуден сектор се фокусира на независност, квалитет, транспарентност и ефикасност на правосудниот систем, се фокусира на правната рамка, за која и во Извештајот на ЕК се вели дека таа е горе-долу уредена, но, вели тој, се работи во моментов на донесување нов Кривичен законик, кој е веќе ставен на ЕНЕР, и за кој е отворена јавна дебата.

Тој посочи дека во делот на ефикасноста на судството, тежиштето ќе падне на модернизацијата на работата на судовите и јавните обвинителства, низ комплетна дигитализација и нивна интероперабилност и поврзување, особено кај јавното обвинителство.

Оља Ристова, судија во Основниот кривичен суд – Скопје, рече дека ставот на ЕК во последниот извештај ги отсликува моменталните состојби во правосудството, особено спориот напредок во судските реформи.

– Овие реформи го опфаќаат и прашањето за избор на судии во повисоките судови согласно ново поставените критериуми за напредување според квалитет, како и реформите по однос на прашањето за спроведување стратегии за човечки ресурси, рече Ристова.

Точна е констатацијата, вели Ристова, дека постапката за избор или унапредување на судии во повисоките судови се пролонгира речиси година и половина.

– Сепак ова пролонгирање има свои причини. Главната причина се новите законски одредби во Законот за судски совет од 2019 година, според кои изборот на судиите во повисок суд треба да биде извршен исклучиво врз основа на квалитетот на работата на судиите, наспроти квантитетот на изработените предмети, како што беше пропишано во претходниот закон. Сега веќе се напушта овој концепт и се предвидени повеќе точки и критериуми во новиот закон што треба да се запазат и што се однесуваат повеќе на квалитетот на работата на судиите, рече Ристова.

Фатиме Фетаи, виш јавен обвинител, исто така се осврна на последниот извештај на Европската комисија во делот на правосудството, посочувајќи на одговорноста на правосудната фела, на угледот на професијата и за вистински стандарди.

– Можеби проблемот е во тоа што не на сите обвинители им одговараат европски стандарди, не сме сите обединети во таа борба, затоа што тие европски стандарди некому не би му служеле, или пак, согласно тие европски стандарди некој обвинител не би можел да напредува во кариерата, оцени таа.

Оваа состојба, посочи Фетаи, влијае и на мотивацијата на работа, бидејќи, рече, вие знаете дека напредувањето во кариерата, само во исклучителни случаи, а не како општо правило, зависи од реалните резултати и постигнувања, знаења и интегритет.

Перцепцијата на јавноста, додаде Фетаи, во голема мера зависи и од политичко-сензитивните случаи, ако се има предвид дека токму тие случаи се лакмус на отпорноста на општеството во справуањето со организираниот криминал и справувањето со високата корупција. Во однос на другите случаи, каде соодносот на моќта и влијанието не е толку изразен, вели Фетаи, обвинителствата се трудат да си ја завршат својата работа, иако постојат одредени потешкотии.

– Процесот на ЕУ интеграција, темпото играат голема улога во реформите на правосудството. Факт е дека овие реформи се наша домашна работа. Факт е дека овие реформи ние треба да ги спроведеме заради нас самите, заради државата, рече Фетаи

Со пленарната сесија се заокружи петгодишниот циклус од работењето на Националната конвенција, која досега на 44 одржани сесии усвои над 500 препораки и вклучи над 2000 учесници од релевантните институции, граѓанските здруженија, бизнис секторот, академската средина, синдикатите и организациите на работодавачи во пет работни групи од поглавјата за правосудство, правда, земјоделство, социјална политика и животна средина.