За патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор, уверува Штајнмаер

Северна Македонија се наоѓа пред важна одлука дали преку претстојната промена на Уставот ќе го трасира патот за отворање на поглавјата во поединечни области, како на пример економската политика или владеењето на правото. И јас сум тука за да ве уверам дека вашата земја може и понатаму да се потпре на поддршката на Германија на патот кон ЕУ, но земјата мора да продолжи со рефорската агенда. За патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор.

Ова го порача  германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на заедничката прес – конференција во Скопје со домаќинот, неговиот колега Стево Пендаровски.

– Јас сум многу свесен дека Северна Македонија на својот пат кон ЕУ беше конфронтирана со особени потешкотии, дека довербата на луѓето во ЕУ беше оптоварена со Договорот од Преспа со Грција. Вие дадовте импресивен пример за тоа дека е можно да бидат надминати долгогодишни длабоки разлики, но се разбира само доколку постои политичка волја од двете страни. И за вашата прагматична подготвеност за компромис за засилување на добрососедските односи кон Бугарија, Ви благодарам. Јас сум убеден дека овој став на крајот ќе се исплати, ќе вреди, рече Штајнмајер во своето обраќање.

Тој потенцира дека оваа негова посета на Северна Македонија се случува 15 години по последната посета на германски претседател, но доаѓа во особено важен момент за земјата. Со членството во НАТО и со тековниот процес за пристап во ЕУ, Северна Македонија, додаде Штајнмајер, донесе за себе клучна одлука за правецот во кој ќе се движи, одлука за иднина во мир и во слобода и во една рамка која ќе му ги понуди на стопанството најдобрите можности за развој.

Германскиот претседател го честиташе и почетокот на преговорите со ЕУ во јули годинава и потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик, оценувајќи дека тоа е признание за улогата на Северна Македонија како сигурен партнер којшто е подготвен и меѓународно да преземе одговорност за лидерство.

– Останува важно Северна Македонија да продолжи понатаму со својот внатрешен реформски процес. Вие кажавте дека овој реформски процес ќе биде продолжен и јас сакам да ви кажам дека вашата земја може да се потпре на поддршката од Германија и понатаму. Ние отсекогаш сме ги поддржуваме ЕУ перспективата на Северна Македонија, како и можноста за пристап на Западен Балкан и се залагаме за прием на овие земји во ЕУ. Со еден збор Северна Македонија е дел од европското семејство. Со својата култура и јазик, вашата земја, во тоа сум убеден, ќе ја збогати ЕУ и уште повеќе ќе го зголеми различноста на оваа заедница, не само на културен план Северна Македонија и ќе ја збогати ЕУ, рече шефот на германската држава.

Тој истакна дека посакува пристапниот процес за Северна Македонија да се случи многу брзо и да нема нови пречки, но реформскиот процес на земјата мора да продолжи и можете да сметате на поддршката од Германија.

Во однос на тоа колку е реален планот на македонската Влада земјава да стане членка на ЕУ до 2030 година, Штајнмајер изјави дека тоа не може да го предвиди.

– Дали тоа ќе биде 2030 година, мора да разберете, никој во моментов тоа не може да го каже, ниту политичарите од Северна Македонија, ниту од Германија, ниту пак од ЕУ. Никој не може да вети, но треба да се стремите кон тоа и целта треба да биде стремежот да се постигне оваа цел и таа е присутна тука. Реформскиот процес тука во земјата треба да се движи со брзината која што е потребно од аспект на пристапување во ЕУ, се надевам дека тоа ќе се случи што е можно побрзо, рече Штајнмајер.

На новинарско прашање како гледа на тоа дека „во пристапните преговори е вклучена и Историска комисија“, Штајнмајер вели дека веќе зборувал за посебни услови, односно како што рече, „посебни оптоварувања“ во пристапниот процес.

– Под тие оптоварувања сметам дека овој пристапен процес и во минатото беше поврзан со многу историски прашања и се бавеше со нив, при што кога зборуваме за пристап кон ЕУ, всушност зборуваме за прашања од сегашност и за заедничката иднина во Европа, така што би сакал само да советувам – акцентот да биде поставен во тој правец, не кон минатото и да не се бараат нови пречки, оцени Штајнмаер.

Шефот на германската држава и во обраќањето во Парламентот, ги повика пратениците да продолжат решително да чекорат по патот на пристапниот процес.

-Свесен сум дека патот кон Европската Унија е сè освен лесен, дека довербата и трпението во преговорите ќе бидат оптоварени, но мојата молба до вас пратеници, но и до сите граѓани на Северна Македонија е да продолжите да чекорите по патот на пристапниот процес и тоа решително, не скршнувајте на последните метри, порача Штајнмајер.

Посочи дека на 16 јули оваа година Собранието испиша историја. Ја донесовте, рече, одлуката што сигурно не беше едноставна за никој од вас за гласање на протоколот со Бугарија за да продолжите да чекорите по европскиот пат.

Протоколот со Бугарија и потребната уставна промена, како што посочи, ги засегаат луѓето во Северна Македонија бидејќи се работи за прашања од националниот идентитет, македонска историја, јазикот и културата и дека граѓаните на земјава одредуваат како треба да изгледа македонскиот идентитет денес и како треба да изгледа во иднина. При тоа додаде дека оваа уставна промена, е повеќе од собирање политички поени и станува збор за повеќе од партиско политичко или лично профилирање.

– За патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор. Можам да ве уверам имаме голема почит кон вашата земја како резултат на вашиот крајно трнлив пат кон ЕУ. Вашата земја докажа политичка храброст. Охридскиот и Преспанскиот договор покажуваат дека вашата земја го владее тоа што е најтешка задача во демократијата воопшто, да  се водат болни дебати, да се решаваат дебати и да прифаќаат компромиси, додаде германскиот претседател.

Претседателот Пендаровски во одговор на новинарско прашање рече дека е уверен дека ако процесот на преговори со ЕУ не биде базиран предоминантно на историја, ако биде базиран на реалните европски критериуми и вредности, ние ќе ги завршиме во рекордно време тие преговори.

-Јас ве уверувам, затоа што го знам нивото на подготвеност на мојата земја во однос на европските интеграции – 17 години ние се подготвуваме за овие преговори, тоа е најдолг период на подготовки на било која држава во историјата на ЕУ, оцени Пендаровски. Ние сме најдобро подготвениот кандидат за членство во историјата на ЕУ. Тимовите за секое поглавје се направени уште пред деценија и половина, кажа Пендаровски.

Запрашан во однос на уставните измени и противењето на опозицијата тоа да се случи во овие услови, без гаранции од бугарска страна дека ќе нема нови вета, претседателот Пендаровски го повтори својот став.

– Мојот став е дека на страната на опозицијата која го има тој став кој го знаеме против уставите измени и против внесување на бугарското малцинство во преамбулата на Уставот можеме само да разговараме и да се убедуваме. Ако е вистина, ако е реално тоа што го декларираат дека прво самата содржина на барањето не е спорна или не може да ја дестабилизира државата и ако е точно дека навистина сакаат европски интеграции, тогаш мислам дека навистина треба да проработи свеста и кај нив и да гласаат за уставните промени. Утре, задутре, до година, за година-две, во демократијата секогаш има промена на власт, тие ќе бидат на власт ќе го бараат истото од утрешната опозиција. Зошто тоа не би го завршиле сега ако сите се согласуваме 30 години назад, кога имаме апсолутен процент за членство во ЕУ, претходно за во НАТО. Мислам дека треба да го завршиме тоа час поскоро. Во интерес е на државата и на народот, не е битно кој е на власт, рече Пендаровски.

Прашан за последните анкети, според кои опаѓа поддршката за членство во ЕУ, Пендаровски оцени дека негов впечаток е дека главниот аргумент за пад во евроинтузијазмот во ЕУ е на страната на Брисел.

– Точно е дека анкетите во последниве 18 месеци и во нашата земја и во нашиот регион покажуваат пад на поддршката за ЕУ. Јас не би сакал да се изземеме сите ние што сме локални и регионални политички раководства, се разбира имаме и ние тука одреден дел од одговорноста. Меѓутоа, мојот впечаток, мојата анализа почива на фактот дека главен резон, главен аргумент за овој пад во евроинтузијазмот да го наречеме поддршка за членство во ЕУ е на страната на Брисел затоа што во изминатите три-четири, пет па и повеќе години објективно не гледаме дека процесот на европските интеграции се движи напред, истакна Пендаровски.