„МИЈАЧКОТО СТАНБЕНО ГРАДИТЕЛСТВО – ПОТЕКЛО, РАЗВОЈ И ДОСТРЕЛИ“ ОД Д-Р МЕЛАНИЈА ШЕРДЕНКОВСКА
Работата на мијачките мајстори во Грција ја забележал Никос Мицопулос. Тој пишува: “Луѓето што се враќаа од печалба во Сиатиста сакаа да изградат куќи на начин на кој градеа мајсторите од Западна Македонија, Дебар и Епир. Овие градители и масони патуваа далеку на југ дури до Пелопонез, на север до реката Дунав и на исток во Мала Азија. Овие градители имаа многу различни архитектонски солуции, кои одговараа на барањата на сопствениците, иако варијациите беа изведени на базично слични генерални форми. “
Од друга страна, материјалите и методите на градба беа исти на целата територија на која тие се движеа. Желбите на сопствениците можеа да бидат повремено различни. Таков е и случајот на просторот на истражувањето, во Сиатиста. Исто така и Филипидес Димитри, забележува дека во изградбата на куќите на целата територија на Егејска Македонија и други места во Грција, најмногу се истакнувале тајфите, па и поединци од планински делови на Западна Македонија.За местата во кои ѕидарството е главно занимање на населението во Костурско, пишува Хаџи Васиљевић,за селото Корешча, Симовскипишува за селата Косинец, Старичани и Сенско, а Раптисза селото Калевишта. Тоа се воедно и селата каде што има најмногу преселени фамилии од Мијачкиот крај.
ПРЕСЕЛБИ НА МИЈАЦИТЕ И НИВНОТО ВЛИЈАНИЕ НА РАЗВОЈОТ НА ГРАДИТЕЛСТВОТО НА ТЕРИТОРИЈАТА НА РОМАНИЈА
За дејноста на Мијачките мајстори во Романија имаме податоци кај Васил Кнчов,кој зборува за тајфите градители од Река и Дебарско, кои редовно оделе на печалба во овие подрачја. Познатиот македонски преродбеник Ѓорѓи Пулевски себе си се нарекува архитект, бидејќи уште како дете одел со татко му на печалба во Романија, во градот Турно Могурел, каде што го учел градителскиот занает.Во романските документи можат да се сретнат имиња на многу мајстори од Македонија, кои таму работеле, особено во градот Браилово. Авторот Јонеску (Ionescu) истакнува дека влијанието на овие мајстори – градители од Македонија е многу големо, односно дека тоа е причината поради која народната куќа од XIX век во Романија ги носи општите карактеристики на народната куќа од Македонија.
За Албанија имаме податоци за неколку тајфи од Дебарско и тоа група мајстори од с.Окуќани, што работеле во куќите во Мат и Мирдита, потоа во Шпат се истакнувале мајсторите – дрводелци од Дебарско, а во Шкодра учествувале во украсувањето на најбогатите куќи.
ПРЕСЕЛБИ НА МИЈАЦИТЕ И НИВНОТО ВЛИЈАНИЕ НА РАЗВОЈОТ НА ГРАДИТЕЛСТВОТО НА ТЕРИТОРИЈАТА НА БУГАРИЈА
Делувањето на мајсторите и тајфите во Бугарија мора да биде разгледувано поопсежно. Освен мајсторите и тајфите кои работат како печалбари, скоро на целата територија на Бугарија, почнувајќи од XV век, се преселуваат цели фамилии доселеници од планинските краишта на западна Македонија.Нивното влијание на развојот на градителството, резбарството и зографството, го забележале повеќе автори, како што се Кожухаров,Иванчев, Бербенлиев и Патчев, Даскалов, Арбалиев и Јаранов.
Куќа во Костур
За преселбите на Македонците во Бугарија, најопсежен извештај ни дава авторот Яранов. Вообичаено име за преселниците од Западна Македонија во Бугарија било “Арнаути.” Авторот дава две претпоставки за именувањето на преселниците. Првата е дека целата територија на западна Македонија од XV – XIX век се викала Арнаутлук, податок што не е потврден во пишаните извори од тоа време, а втората дека првите преселници во Бугарија се Македонците, кои биле населени на денешната територија на Албанија, од областите Колонија, Опара, Корчанско, Елбасанско, Мати Черменика, Голо Брдо, по што и го добиле името Арнаути, за покасно сите преселници од Македонија, да бидат препознатливи по тоа име. Првите преселби за кои се знае се случувале на крајот на XV и почетокот на XVI век, во околината на Велико Трново – селата Лесковче, Долна и Средна Раковица и Арбанаси.
Единствено културно и економски се издигнува селото Арбанаси, кое и денеска е познато како селото на Арбанасите. Во истиот период има доселеници во Пловдивско, во селата Кара-Агач и Белиштица и во Разградско во селото Кара-Арнаути. Низ XVII век доселеници има во Татар Пазарџик, во селата Сестримо и Аканџиево, во Стара Загора во селата Арнаутино, Пстрен, Кравино и Разјакани и во Ловеч во селата Радјувене, Гозница и Катунец. Во првата половина на XVIII век се доселуваат во Горна Џумаја во селото Градево, во селата Горно Драглиште и Бања во Разлошко, во селото Воден во Ехловско, во Бели Осм во Тројанско, како и во Елховско. Шеесетите години на XVIII век ги означуваат преселбите во Брациговско, во селата Црнча, Петелница и Ели-Дере, во Мелничките села Врања и Дебрен и во селото Скребатно и Голешево во Неврокоп. Освен во овие места доселеници има и во градовите Банско, Копривштица, Тројан и Тревен, во Бесарабија, за кои се претпоставува дека прво се населиле во Варна и Провадија, од каде ја продолжиле својата миграција во Бесарабија, во селата Козарско, Перуштица, Ајдинево и Крчим, во подножјето на Родопите, а во близина на Брацигово, селото Копиловци, Чипровско и Горно-Драглишта, во околината на Самоков.
За влијанието што доселениците го извршиле на месното население, Јаранов вели: “Преселниците пренесоа многу занаети, на пример каменоделството, градителството, иконопиството, резбарството и друго. Сето тоа отвори повеќе можности во стопанскиот живот, а уметничките занаети го подигнаа вкусот за естетското кај месното население, кое беше паднато во апатија.” “…историски е докажан фактот дека повеќето мајстори градители оделе од Македонија по целиот Балкански Полуостров …мајсторите што работе во Бугарскиот и Сливненскиот крај, исто така доаѓале повеќето од Дебарско, Костур и Крушево, “пишува Иванчев. Бербенлиев и Патчев во книгата Брациговските мајстори строители, истакнуваат дека “…почетокот на градежната дејност на Брациговците треба да ја бараме во Западна Македонија…тие биле мајстори градители со богато искуство и потцртана уметност…се ориентирале кон Татар Пазарџик, Пловдив и околните села, каде што почнале да градат куќи, цркви, џамии, мостови, кули и друго. Нивната дејност се шири и по другите краишта на Романија и Цариград
Продолжува
Пишува д-р Меланија Шерденковска