Донесен Законот за финансиска поддршка на ранливите категории за справување со енергетската криза

Собранието попладнето со 70 гласа „за“, ниту еден воздржан или против, го усвои Предлог-законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза, по скратена постапка,  предложен од Министерството за труд и социјална политика. Според предлагачот, целта на законот е обезбедување финансиска поддршка на најранливите категории на граѓани, во услови на енергетска криза.

Пратениците од опозицијата рекоа дека ќе го поддржат Предлог-законот, но забележаа дека со него треба да бидат опфатени и други категории на граѓани, а средствата предвидени за непродуктивни трошоци да се прераспределат за антикризните мерки.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски рече дека мерката за финансиска помош од 750 денари е потценување на категориите на граѓаните во услови кога има инфлација од 20 отсто и кога опозицијата обзнанува колкави големи плати земаат некои функционери.

– Ние имавме прес-конфекции на кои ги презентиравме нашите антикризни мерки. Претседателот Мицкоски излезе со предлог за четири мерки. Ни требаа четири месеци да ве убедиме да ги интегрирате училиштата и јавните претпријатија за комунални и водни услуги од слободен на регулиран пазар. Останаа и некои мерки, за кои Владата не се охрабри да каже дали ги прифаќа или не ги прифаќа, рече Стојановски.

Тој потсети дека еден од предлозите на опозицијата е мерките наместо четири месеци да траат додека трае кризата. Според него, кризните состојби се користеле од власта за склучување на договори во четири очи во областа на енергетиката.

Пратеникот од СДСМ Диме Велковски во реплика до Стојановски рече дека не е добро што не ја кажува вистината и оти треба да каже дека со законот се опфатени осум категории граѓани.

– Вие рековте на Комисија дека ќе го поддржите законот. Со овој закон се доделуваат над една милијарда денари на осум категории на луѓе, од кои пет категории, меѓу кои корисници на право на социјална сигурност на стари лица, корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, ќе добиваат по 3.000 денари, рече Велковски.

Стојановски во контрареплика до Велковски рече дека можат да се скратат непродуктивните трошоци и наместо 20 милиони евра, уште 27 милиони евра да се прераспределат на социјално ранливите категории на граѓани.

Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека некои категории на граѓани се заборавени со овој сет мерки.

– Дискриминаторски е да се дава помош за самохрани родители кои имаат деца до седумгодишна возраст. Што станува со останатите самохрани родители? Дали тие немаат потреба во оваа голема криза, да им дадат по 50 денари на нивите деца?, праша Панова.

Таа посочи дека минималната кошница сега изнесува 51.000 денари и праша кој од самохраните родители зема толкава плата за да ги покрие основните потреби на едно семејство. Панова, повикувајќи се на податоци од невладината организација „Една може“, рече дека голем број на самохрани родители не земаат ниту минимална плата. Панова истакна дека со мерките не се опфатени ниту децата без родители.

Пратеничката од СДСМ Жаклина Лазаревска во реплика до Панова рече дека и е мило што опозицијата ќе го поддржи законот.

– Законот опфаќа најразлични категории на граѓани, оние на кои им е најпотребна дополнителна финансиска помош во ова време на криза, која го зафати цел свет, рече Лазаревска.

По донесување на законот, претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина 88-та седница и најави дека за нејзиното продолжение пратениците ќе бидат дополнително известени.