МАКЕДОНСКИТЕ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКОВНИ ОПШТИНИ И ЦРКВИ ВО КВИНСЛEНД И ЈУЖНА АВСТРАЛИЈА (22)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ВТОР ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН

Македонските православни цркви и црковни општини во Австралија се мошне ценети од тамошното општество, пред се’, поради резултатите што Македонците ги постигнуваат во работата, а и поради нивниот однос и висок степен на лојалност кон новата татковина-Австралија.

Меѓутоа, најзначајно е тоа што македонските иселеници преку своите црковни општини ја афирмираат својата стара татковина Македонија, со што даваат прилог и на планот на меѓународните односи. Затоа во продолжение ќе ги презентираме македонските православни цркци, црковни општини и манастири во Австралија и тоа во Викторија, Нов Јужен Велс. Квинленд, Јужна Австралија и Западна Австралија: 

Затоа кога се пишува за организираното дејствување на Македонците од сите делови на Македонија во Австралија треба да се каже дека тоа го опфаќа мнозинството македонски иселеници кои како птици преселници свиле ново гнездо. Важна компонента на ваквото организирање е тоа што тие се сплотени во самостојни асоцијации, пред се’ цркви и црковни општини, во кои членуваат Македонци, без оглед од кој дел на Македонија потекнуваат. Притоа, верско-националните објекти иселеничките организации и нивното членство постојано се зголемуваат, а нивната активност се проширува и квалитетно се подобрува. Таков е случајот во следните македонски православни цркви и општини.

III. КВИНСЛЕНД

1,Св. Богородица во Бризбен.

Во јули 1980 година Македонците во Бризбен ги посетил митрополитот Кирил кој ја опслужил првата богослужба на мајчин македонски јазик и извршил осветување на објектот во кој се собирале Македонците.  Зградата на црквата “Св. Богородица” во минатото припаѓала на една Англиканска црква а е изградена од тврд материјал и претставува убаво архитектонско решение. Таа се состои од храм за неколку стотини луѓе, во кои е сместен иконостас и други црковни работи, додека Македонскиот клуб е лоциран  до црквата.

На 9 мај 1982 година, митрополитот Тимотеј  во сослужение со поголем свештеници го  извршил големото осветување на црквата “Св. Богородица”. Во состав на црквата работат: Играорната група “Танец”, Фудбалскиот клуб “Обединети македонски браќа”, неделното училиште на македонски јазик “Крсте Мисирков”, Македонскиот радио-час што се емитува во рамките на македонската мултикултурна програма во Австралија и други секции. Исто така, во Бризбен  со успех работи Македонскиот младински центар “Китка”.

2. Св. Недела во Голд Коуст.

Почетната иницијатива за изградба на Црквата “Св. Недела” датира од 1989 година кога било формирано македонско друштво, кое подоцна прерасна и беше регистрирано во црковна општина. Оваа црква била осветена од митрополитот Петар.

1cr123

Црквата „Свети Наум Охридски“ во Аделајд

IV. ЈУЖНА АВСТРАЛИЈА 

1.Македонска православна црковна општина Св. Наум Охридски во Аделајд.

Почетните активности за собирање и заедничко живеење на Македонците во Аделајд започнале во 1947 година. Тогаш бил покренат апел за собирање помош за подигање иселеничка болница во Скопје и за помагање на македонското партизанско движење во егејскиот дел на Македонија. Тогаш биле поставени темелите на првото македонско друштво “Александар Велики” кое подоцна стана претходник на сегашната македонска црковна заедница, која во 1957 година била регистрирана како Македонска општина.

На 16 декември 1967 година пред повеќе од 500 луѓе бил отворен Македонскиот народен дом, во кој подоцна била адаптирана капела за богослужба, каде Македонците ги вршеле своите религиозни потреби. На 29 април 1984 година митрополитот Австралиско-македонски Тимотеј во сослужение со македонски свештеници ја освети новата црковна зграда на Св. Наум Охридски во Аделајд.

Овој духовен и културно-просветен храм се вбројува меѓу најубавите во Австралија. По архитектура е правена по угледот на Св. Наум во Охрид. Во состав на Црквата дејствува женската секција, фолклорната група “Билјана”, Играорната група”Слобода”,  Фудбалскиот клуб “Македонија”, македонското неделно училиште “Св. Кирил и Методиј”,  библиотеката и радио-часот.

Исто така, на 29 мај 1988 година во Аделајд беше отворен Новиот културен центар.

Продолжува

1sla3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН