ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“

УПИС ВО ГРАДЕЖНОТО УЧИЛИШТЕ „НИКО НЕСТОР“ ВО СТРУГА И ВО ЕКОНОМСКОТО УЧИЛИШТЕТО „МИТЕ БОГОЕСКИ“ ВО ОХРИД (9)

Ова продолжение ќе го посветиме на дел од активностите и случувањата на Иван Трпоски во  Струга и Охрид, каде тој го продолжил неговото образование во училиштата „Нико Нестор“ и „Мите Богоевски“. Иван, меѓу другото, го пренесува следното:

За запишување во средно или некакво индустриско учи­лиште, со мојот доволен успех, значеше дека никаде не сум добредојден. Документи за запишување испратив до следните учи­лишта: Воено, Театарско, Противпожарно, Градежно, Техничко и други. Освен што бев примен во Градежното училиште во Струга, другите не ми испратија никаков одговор.

Значи, првите стапки за дополнување на мојата зрелост ги започнав во Градежното училиште „Нико Нестор“ во Струга. Таму веќе од пред една година беа запишани следниве волинци: Трајче Митрески, Трајан Петрески, Стојмир Цветаноски и Ангеле Стоески. Последниов сите испити од петто до осмо одделение (со Со­коле Иваноски) приватно ги положи за една година во училиштето „Кочо Рацин“ во село Требеништа. Тие беа втора а јас прва година. Цел месец патував со велосипед од Волино до Струга и обратно, по ветровито, дождливо и калливо време. Патувавме заедно сите волинци за во Струга, а за назад почесто патував сам. При пату­вањето често си го поставував следново прашање: Ќе издржам ли најмалку три години со патување само за да се здобијам со звање на висококвалификуван мајстор? Затоа почнав да се распрашувам дали уште примаат ученици во гимназијата во Струга или во еко­номското училиште во Охрид. Разбрав дека сѐ уште примале уче­ници во Средното економското училиште во Охрид. Така се збо­гував со колегите од Градежното училиште со кои повеќе од еден месец другарував и се преселив во Средноекономското училиште „Мите Богоески“ во Охрид. Не помнам многу од другарчињата и наставниците, од едномесечното наше другарување. Го паметам само класниот раководител Трајан Ласовски, кој беше прв човек што го имав видено да пишува со лева рака. Со овој мошне прија­тен човек се сретнав на неколку пати во Струга.

Во просториите од овој новоизграден училиштен комплекс, се чувствував мошне пријатно. Со чисти простории, нов инвен­тар, педантни професори, убави ученички итн. Навистина нешто убаво и мило што го немаше во Струга. Сè беше убаво за око, само предметите и наставата му останаа мошне далечни на мојот закржлавен памет.

Стан фатив кај некој војнички другар од татко ми, кој штоту­ку беше починат. Така, слободното време го минував во разговор со вдовицата, нејзиниот свекор и нејзиниот петтогодишен син. Де­тето беше мошне галено. Уште неотворени, повеќе од учебниците ми ги распартали, ми чкрташе по чистите страни од тетратките, ме полеваше со урина од нокширот во кој се мочаше… За право на вистината, мајка му и дедо му го караа, го советуваа, но тоа остана и понатаму исто. Почесто при плачењето ми велеше: Да станиш, не те сакам да живееш во нашава куќа! Што беше и разбирливо, за по месец дена живеење да си побарам друг стан и да го оставам детето на мир. Од срам, никогаш повеќе со овие луѓе не се видов, не се сретнав и не проговорив.

Како средношколец се чувствував мошне горд со торбата в раце наутро кога ќе патував по градските калдрми до училишна­та зграда. Луѓето учтиво ги поздравував, а тие својски ми отпоз-дравуваа. Во исто време, со истите луѓе се разминував. Најчесто ги среќавав луѓето од село, кои разнесуваа по куќи млеко и млечни производи. Градските улици беа чисти зашто редовно нив ги чистеа вработените во охридскиот Комуналец. При патувањето љубопит­но ѕиркав во продавниците, кои беа полни со секакви намирници. И додека така патував, секогаш го чувствував утринското езерско ветре, како весело ме плиска в лице. Минувањето покрај фурна­та ми причинуваше посебно задоволство.

Ех, како може да не те надразни мирисот на кифлите, ѓеврезите, симидите… кои беа толку тазе што пареата дури тогаш им се наѕираше. Но признавам, пари за такви градски луксузи немав. Татко ми, на газдата му плаќаше за спиење и за два оброка, за доручек и за вечера, месечно по петсто­тини динари. За доручек обично газдите ни даваа малку мармалад намачкан на лепче и чаша чај или кафе. А вечерата ќе беше малку побогата. Некогаш со јадењето ќе ни поставеа или супа или салата, а лебот обично ни го даваа од минатиот ден, не тазе. За викенд јас си одев в село. Со себе за перење си ги носев старите алишта, а испрани и чисти земав за назад.

Братучед ми Кристафил живееше кај нивниот пријател, кројачот Устијан Маџар. Неговата куќа се наоѓаше на Горнапорта во стариот дел од Охрид, а неговиот кројачки салон се наоѓаше веднаш над Рибниот ресторан до охридскиот Плоштад. Го прашав него: дали можам и јас да живеам под истите услови во неговиот дом? Чичко Устијан, кој муцкаше при зборувањето, ми рече дека се знаел со татко ми и дека многу пати бил и наш гостин, па ништо немал против и јас кога би станувал кај нив. Во домот на фамилија­та Маџар, Устијан живееше со својата сопруга Кристина со која немаа пород.

Во почетокот јас живеев во источниот дел од Охрид, а подо­цна, еве, се преселив да живеам во западниот дел од градот. Куќата на фамилијата Маџар се наоѓаше на улица „Григор Прличев“ број 20, во стариот дел од Охрид. Во убаво и мирно време мошне пријат­но е да се патува по угорнината, по која Самоиловите војници ги туркале огромните камења, со кои ги ѕидале вечните ѕидови, на славната Самоилова тврдина. Секако по нив се искачувал и охрид­скиот поет, ловороносецот Григор Прличев. Но во врнежливо или зимно време, кога снегот мрзне, тогаш патувањето по угорнината или удолнината е мошне опасно. Треба внимателно чекорење ако се сака да се остане со здрава глава и ’рбет. Во една соба спиевме двајцата со братучед ми Кристафил. Тоа беше дете на борец кој почина во Втората светска војна, а Кристафил се роди по татковата смрт. И стрико му Кристафил (исто име) балистите го убија во во­линските ливади во 1944 година. Од тие причини Кристафил беше галено детенце, па ги имаше сите привилегии при школувањето, а и во имотната состојба од приватниот живот. Така, нему, покрај платената хранарина кај фамилијата Маџар, од дома му носеа: си-рења, компоти, ајвар, колбаси и други прехранбени продукти. А за комотација во зима: пижами, килим, јамболија и некои други дран­гулии. Сите овие работи за мене беа мислена именка.

Кај Устијан и Кристина за доручек имавме намачкани леп-чиња со мармалад и кафе или чај, а за вечера почесто ни правеа чорба. При сркањето нè убедуваа, за мирен сон, навечер не смее да се оптеретува стомакот со јака храна. Многу пати Устијан носеше коњски потколеници, кои Кристина ги вареше, а потоа нè тераше нас да ги удираме од уличната калдрма за да им испаднат копитата. Така нив, одрани и со отстранети копита, во врелата вода ги зачи-нуваше со ориз или со фиде, со додаток на неколку изматени јајца, од кое се добиваше густа коњска чорба, во која се додаваше и вин-ски оцет. Еднаш нам ни помогна за да ги удираме коњските нозе по калдрма и волинецот Власе Трпкоски, кој учеше во гимназија, а живееше во долниот дел од градот. Домашните од Кристафил им се лутеа на домаќините за лошата исхрана со која нè служат, а тие се лутеа на нас дека сме јаделе како биволи, а сме плаќале малку.

Со Кристафил, кој беше запишан во гимназијата „Св. Климент Охридски“, наутро патувавме заедно, а за назад, кој кога ќе можеше. Обично за назад, за да патуваме заедно, се чекавме в чаршија. Куќата во која живеевме беше градена во охридски стил, со видно издаден втор кат. Внатрешниот дел беше многу убаво среден, а чистотата ѝ беше во прв ред. Интересно е што во широкиот ходник имаше поставено широк железен кревет со душек и пер­ници наполнети со птичји пердуви. На неколку пати Устијан нѐ опомена да не седиме на него. Тој бил поставен само за владика­та кога ќе дојдел од Скопје на посета во Охрид, за да преспие на него. Умивалникот и клозетот им беа во додатна просторија. Таму се наоѓаше и просторија во која одгледуваа неколку кокошки и сла-вејчиња. Иако живееја во град, клозетите им беа на селски начин градени. Со септичка јама, над која се клечи, а кај Устијан над ја-мата имаше дограмирано дрвена кутија за седење при извршување на голема нужда.

Еве и една интересна случка која нѐ одроди од фамилијата Маџар.

Пред Нова година, нашите газди Устијан и Кристина решија да ги посетат некои свои роднини во Скопје, каде ќе престојуваа неколку денови. За таа цел тие нам ни кажаа на време, зашто и нам ни почнуваше полугодишниот одмор. Куќата во тој период требаше да ја надгледува брат ѝ на Кристина. Пред да заминат во Скопје, на брат ѝ на Кристина му оставија храна за кокошките и славејчињата и два литри вино. Ни кажаа при излегувањето каде да му го оста­виме клучот. Но што се случи? Ние ги поканивме тука да преспијат и нашите волинци кои учеа во средните училишта во Охрид, за сабајлето сите заедно да го фатиме возот за да се одвозиме до Тре­беништа, а од таму до Волино да отпатуваме пешки. Така, вечерта ни дојдоа Власе и Лазор Трпкоски и Соколе Иваноски. Уште со доаѓањето ни приредија проблем, а на соседите немир, кога почнаа едно-едно, сè везден, да чукаат со ѕвончето кое беше обесено на влезната врата. По прошетката низ куќа сите престилки и теписони се најдоа во куп. Се пиеше кафе и чај со многу шеќер. Теглата со мармалад се испразна. Колачите отидоа. Радиото пишти, пуштено до крај. Се испи и виното кое му го оставија на брат ѝ од Кристина. Мала нужда се вршеше над сандакот за седење. За спиење секој го посакуваше креветот на владиката. Се скокаше на него, се фрлаа перници еден кон друг. Се разлетаа пердуви насекаде. Во таа мир-на куќа таков немир сигурно никојпат во своето постоење не се случил. Сабајлето ја заклучивме вратата, го оставивме клучот на одредено место и си отидовме.

По завршувањето на нашиот распуст, како да сме ја оставиле куќата во најубав ред, ние си се вративме повторно назад. По виду­вањето со газдите, веднаш си претпоставивме дека нашето домување во таа куќа е веќе завршено. Газдите, револтирани, ни одржаа кратка беседа за нашето разбојничко однесување во нивниот дом, за кое не само што им се пожалиле соседите и брат ѝ на Кристина, туку и самите тие виделе со свои очи.

Проодолжува

1sla2 Подготвил: СЛАВЕ КАТИН