Шест здруженија од земјава, Бугарија, Грција, Србија, Албанија и Косово денеска во Штип потпишаа декларацијата „За унапредување на правата и слободите на Македонците во сите делови од Македонија“, во рамки на Семакедонскиот собир организиран од штипското Здружението „Мирка Гинова“.
Во рамки на собирот беше отворена и изложба на која беа презентирани и документи од Американските архиви за постоење на Македонците во 19 и 20 век. Истражувањето на архивите низ светот од страна на историчарот и пратеник Собранието во Албанија, Васил Стерјовски, резултираа со илјадници документи од печалбарите кои мигрирале во САД.
Тој оценува дека состојбата со македонското малцинство во Албанија е добра и додава дека во делови од земјата се учи македонскиот јазик, но забележа дека изминатиот период во овие албански региони многу е силна бугарската пропаганда.
– Се работи за пропаганда што годишно троши милиони евра во своите цели. Го користи членството во ЕУ за притисок врз Албанија. Со таков притисок успеаја Албанија да признае непостоечко бугарско малцинство. Се обидуваат на пописот каде што живее македонско население да извадат Бугари, вели Стерјовски.
Денеска во организација на Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинева“ – Штип беше потпишана декларација за унапредување на правата и слободите на Македонците во сите делови од Македонија.
– Секогаш овие патриотски декларации се добри. Со нив на меѓународните институции им укажуваме кои сме и што сме и што бараме, вели отец Никодим Царкњас.
Претседателот на Здружението „Мирка Гинова“, Стојан Димков изјави дека го радува што денеска е потпишана декларацијата, но и што дојдоа гости од целата државата.
– Македонија е света земја и сум благодарен и среќен што денеска ја потпишавме оваа декларација, вели Димков.