ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД
УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН
Хориен беше помилуван и натаму си остана на власт. Потоа Александар Македонски се врати во Бактра. Тешката задача за освојување на Источен Иран беше завршена. Истрајноста и упорноста на Александар Македонски, на што треба да му се восхитуваме, како и при опсадата на Тир, се покажаа уште посилни во Источен Иран.
Тој не ја напушти земјата се додека целосно не ја потчини и не ги вклучи Бактријанците и Согдијанците во служба на својата војска, чии одлични војнички квалитети многу ги ценеше. Оваа победоносна борба им остави толку силен впечаток на луѓето од северните степи, што подоцна се среќаваат и Дахајци и Сакајци во неговата војска.
Пред да се врати во Бактра, Александар Македонски ја прослави својата женидба со Роксана во дворецот Хориенес. Бидејќи нема доволно информации за сексуалните карактеристики на кралот, по нешто се дознава од најдобриот извор, од Аријан, кој тврди дека љубовта спрема таа убава Бактријанка го натерала да не ја смета за заробеничка, туку ја направил своја законита жена.
На познатата слика од современиот уметниќ Аетион претставен е бракот на Роксана како љубовна сцена со многу купиди, од која може да се извлечат некои заклучоци. Сликата се најде во Италија каде што Луцијан ја виде и ја опиша, а според тој опис Содома ја направи својата убава фреска во вилата Фарнесина.
Сведоштвото на Аријан за интимниот живот на Александар е многу значајно, бидејќи е очигледно оти овој брак имал големо политичко значење. Женидбата на Александар Македонски со ќерката на Бактрија беше гест на помирување со претходните непријатели, со што и најголемите националисти меѓу Иранците мораа да го прифатат. Тие беа ограничени да ја изразат својата национална гордост, зашто бракот беше склучен според иранскиот ритуал.
Александар Македонски и Роксана јадеа од еден сомун леб што тој го пресече на два дела со својата сабја, што бездруго беше стихиен додаток на Александар Македонски во ритуалот, а тоа токму нему му прилегаше. Меѓутоа, овој брак со Роксана значеше многу повеќе отколку самото помирување со источните Иранци.
Тој ја најави и идејата на Александар Македонски за еднаквост на Персијците и на другите Иранци со Македонците, на што прво беше принуден од војничките потреби, а во последните години од војната таа идеја се разви во мисла за обединување на тие два народа. Оваа идеја во наредните години многу силно влијаеше врз таинствената политика што ја усвои Александар Македонски за својата империја.
Разбирливо е што античките Македонци со своето едностојно зголемување му се противставија на својот крал, Александар Македонски, кој стана многу чуден по смртта на Дариј, бидејќи по него тој се сметаше за негов законски наследник. Дали античките Македонци ги изразија своите тајни тешкотии и судири кога презрените ориенталци станаа рамноправни со нив?
Наскоро се појави притаено незадоволство кое понекогаш доведуваше до жестоки судири меѓу кралот и неговата околина.
Во отсуство на автентични информации, не може сосема точно да се определи дали првата од трите катастрофи што се случија во текот на овие години на војната во Источен Иран е последица на опишаните односи, или причина беа единствено личните мотиви, но веројатно се случило првото. Се знае само дека во есента на 330 година, додека Александар Македонски беше сé уште во главниот град на Дрангијана, првпат имаше заговор против него. He ce дозна кои се подлабоките причини за тоа.
Но прикриениот интерес на писателите најавуваше дека Филота бил замешан во тој обид. Инаку Филота беше постариот син на Парменион и најбрилијантниот офицер во војската, кого Александар Македонски го направи командант на кралските следбеници. Обвинет за учество во заговорот, Филота беше изведен пред собранието на македонската војска компетентна да ги суди античките Македонци во случај на предавство. Александар Македонски лично и на строг начин го водеше судскиот процес, а Филота се бранеше.
Воениот суд го осуди Филота на смрт, а егзекуцијата беше веднаш извршена по македонски начин, со фрлање копја во него. Ништо друго не се дознава во врска со извршувањето на казната, ниту, пак, тоа зошто Филота, иако бил информиран за заговорот, не го предупредил Александар Македонски и покрај тоа што секојдневно бил со него. Причините за ваквото однесување на Филота не се познати.
Доколку овој извонредно горд и амбициозен офицер, како што е речено, остро го критикувал Александар, дури некогаш и во Египет, не беше доволно да се докаже неговото учество во заговорот, иако тоа можеше да влијае врз судот. Дали пресудата беше праведна или не, не може да се каже.
Мора да се сфати дека Воениот суд, кој функционираше на регуларен начин, беше убеден во неговата вина, додека Аминта, синот на Андромен и неговите браќа, кои поради пријателските односи,со Филота беа обвинети пред истиот суд, ја докажаа својата невиност и беа ослободени од обвинението. Осудувањето на Филота се смета за законско убиство и не треба да се сфати како грешка на Александар Македонски, туку на Собранието на македонската војска.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН