АЛЕКСАНДААР МАКЕДОНСКИ И НЕГОВАТА ЉУБОВ РОКСАНА (39)

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Наместо да се врати кон север по патот што водеше директно во Бактрија, тој отиде подалеку на југ во Дрангијана, без да се соочи со некој поцврст отпор. Потоа отиде кон исток до Арахосија и на крајот во Паропамисада на крајниот југ на планината Хинду-Куш. Изгледа неговиот марш се одвиваше по правецот на персискиот кралски пат. Ова големо заобиколување кон југ до Хилменд, на Александар Македонски не му дозволи таа зима (330-329) да го продолжи  зимското логорување.

Неговиот стратешки план, особено по лошото искуство што го стекна во Арија, несомнено беше да ги окупира регионите јужно од планината Хинду-Куш со цел да ги заштити слабостите во заднината. Тој исто така ги заштити овие региони со тоа што формира неколку градови како што беа: Александрија во Арахосија (Кандахар) и Александрија во Кавказ. Тука на единиците им беше дозволено малку да здивнат, иако колоната мораше да задуши уште едно востание во Арија.

Во пролетта на 329 година, по кусиот одмор, Александар Македонски ја поведе својата војска преку снежната планина Хинду-Куш, и наспроти опустошувањето на територијата на северниот крај, каде што Бес требаше да го задржи, победоносно влезе во Бактрија. Пред неговиот брз напад Бес избега преку реката Оксус (Аму-Дарија), ги изгоре своите чунови и се повлече кон Наутака во Согдијана.

Во меѓувреме, Александар Македонски ја окупира Бактрија, вклучувајќи го и главниот град Бактра, и тргна кон реката Оксус, што ја премина во близината на Килиф. Поради недостиг на дрва беше невозможно да се изградат мостови, затоа им требаа речиси пет дена за да ја премостат реката.

Тие испливаа преку реката со помош на надуените кожни меови сошиени од шаторските покриви и држејќи се за уздите на коњите при пливањето. Ова беше во античко време на Исток, како што е познато, и денес добро познат метод за поминување на река, а Александар Македонски веќе го употреби тој метод на Дунав.

Бес го изгуби престижот, се повлече без борба и наскоро падна во рацете на Александар Македонски. Неговите единици се разбегаа и се предадоа, а Бес напуштен од своите следбеници, меѓу кои и од Спитамен Согдијанецот, беше лесно фатен од Птолемеј, последниот крал на Египет, кој беше вклучен во брзите единици за ваков вид борба

Александар Македонски го најде Бес во улога на Големиот крал, го казни за големото предавство и подоцна го уби во Бактрија. На персиски начин, на кој Дариј I пред тоа ги казнуваше своите непријатели, на Бес му беа исечени носот и ушите и потоа беше испратен во Екбатана каде што беше свирепо убиен со распнување на крст и со сечење на парчиња. Во Спитамен, меѓутоа, кој сега го зазеде местото на Бес како водач на националното востание, Александар Македонски имаше многу поопасен непријател.

Александар Македонски сега навлезе откај Мараканда (Самарканд) кон реката Јаксарт (Сир-Дарија) и така втаса до крајниот север на Персиската империја. Реката, како што се виде, Македонците ја идентификуваа со Танаи. Во широките степи живееја номадите Дахаи, Сакаи и Масагатаи, кои постојано претставуваа опасност од таа страна на империјата. Како бедем против нив Александар Македонски изгради на таа страна од реката Јаксарт нов град со име Александрија Ешате (Којенд), што требаше да го штити од кај граничната река.

Поради бескрајните степи од другата страна на реката, Александар Македонски немаше намера да ја поместува границата на север од онаа што ја постави порано на Дунав, каде што го постигна лимитот на „населениот свет”, кој се граничи не само со океан туку и со пустина. Сепак, како и кај Дунав, тој сега изврши победоносно преминување преку реката Јаксарт со цел да ги инспирира тие варвари со почит да се однесуваат кон неговото оружје.

Додека Александар Македонски беше преокупиран со подготовките за изградба на градот, Спитамен крена на бунт неколку места во заднината. Остри казни беа извршени над сите тие кога востанието беше задушено со многу крвопролевање. Градското подрачје беше уништено, а жителите убиени, бидејќи Александар македонски ги сметаше за бунтовници против својот господар.

Наскоро потоа неуморниот Спитамен успеа да поттикне востание и во поголемиот дел на Согдинија, востание што стануваше сé поопасно, бидејќи беше помагано од северните номади. Штом Спитамен започна да врши опсада на македонските гарнизони во Мараканда, Александар Македонски испрати експедиција против него, а остана да ја надгледува изградбата на градот.

 

Продолжува

 

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН