Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати лидерска средба само ако се разговара за актуелните проблеми

ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати лидерска средба доколку на неа се разговара за актуелните проблеми на граѓаните, а не за промена на Уставот, за што партискиот став е непроменет дека под овие околности нема уставни измени, изјави денеска претседателот на партијата Христијан Мицкоски.

– Покана се уште немаме добиено, не го знаеме форматот на таа лидерска средба, не ја знаеме содржината и темите на кои што би се разговарало, но мојот совет до Владата и до Ковачевски би било доколку се случи таа лидерска средба, да разговараме за она што е навистина голем проблем за граѓаните, а тоа е тешкиот живот, економската состојба на граѓаните, ниските плати и пензии, високата инфлација, потенцијалната енергетска криза… Тоа се оние суштински теми кои според мерењата на јавното мислење и како одговорни политичари треба да разговараме за надминување на тие проблеми. Ако некој мисли дека ќе наметне теми кои што поларизираат, како што е промена на Уставот, па ВМРО-ДПМНЕ ќе седне на таа лидерска средба, па ќе зборуваме за нешто што е веќе познато и константа во јавноста, тогаш се лаже, бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ јавноста го знае, тој е непроменлив, константен дека под овие околности промена на Уставот нема, рече на новинарско прашање Мицкоски по посетат на населено место Мралино, Илинден

Според него, темата за уставните промени е тема која поларизира, а не обединува.

– Ја советувам Владата доколку веќе организира лидерска средба да отидеме таму и да разговараме за актуелните проблеми кои што ги мачат сите граѓани, а не за теми кои јавноста е веќе запознаена со ставовите на политичките партии… Ако мислат дека на сила ќе го сменат Уставот, како што правеа со Преспа, нема да сменат, јас го гарантирам тоа, рече Мицкоски.

Тој при тоа додаде дека не очекува Владата да го прифати овој совет и дека ќе се обиде да ги наметне уставните измени, а доколку тие не отидат на средбата би ја обвиниле ВМРО-ДПМНЕ дека се против ЕУ-интеграцијата. Во интерес на партијата, е вели да се разговара за една изборна единица, за предвремени парламентарни избори, но вели, подготвени се овие прашања да ги стават на страна и да разговараат за проблемите на граѓаните, како и за задолженоста на земјата која, според Министерството за финансии за три месеци пораснала, а секое домаќинство е дополнително задолжено за 670 евра.

Мицкоски смета дека доколку власта имала 80 пратеници, како што тврди од август, наваму, тогаш ќе немаше потреба од ваква лидерска средба, а предлогот за промена на Уставот ќе беше во Парламент.

– Но, тие немаат и нема ни да имаат затоа што не се сите политичари во Македонија се подготвени да го предаваат сопствениот народ и идентитетот за привилегии, за функции и за богатење, посочи Мицкоски.

На прашањето како ја коментира изјавата на првиот вицепремиер Артан Груби дека имаат 80 пратеници за уставните измени посочи дека ако се толку сигурни иницијативата да ја поднесат во Парламентот и ќе се види дали имаат или немаат 80 пратеници за уставните измени.
-Одлично супер, нека ги поднесат предлог иницијативата во Парламентот и ќе види дали имаат или немаат, зошто тогаш лидерски средби за уставни измени ако имаат 80 пратеници. Мислам дека господинот Груби има поинаква намера, но јас му посакувам многу успех во неговата политичка кариера и сепак државниот интерес е пред и над се, тука го вклучувам и личниот интерес, некогаш во животот треба да направите и чекор-два назад, рече Мицкоски.

Во однос на прашањето за укинување на одредбата „20 отсто“ за употребата на јазиците од Уставот за што се залагаат политичките партии на Албанците, Мицкоски вели дека е пострашно тоа што тие бараат формирање дводомен парламент, што според него, би значело де јуре и де факто федерализација.

– Тоа е многу погрешен потег и нарушување на унитарниот карактер на Македонија, бидејќи ниту на Европа, ниту на светот, не му е потребна уште една Босна, уште една нефункционална држава на Балканот. Ние сме против и рековме дека тоа е црвената линија за која што сме подготвени да ја браниме со сите средства и алатки кои што ни стојат на располагање како политичка партија. Може да разговараме за Бадентер, за балансерот, за намалување на тој праг од 20 проценти на 5, 10, 15 проценти ако сакаме да бидеме навистина граѓанско општество, за да можат и Турците и Србите и Бошњаците и Ромите во општините каде се повеќе од тие проценти да зборуваат на својот мајчин јазик. Тоа е суштината на Рамковниот договор, да го покаже мултиетничкиот карактер на државата, а не да ја направи Македонија бинационална држава, за тоа сме против, истакна Мицкоски.

Од владината прес-служба вчера соопштија дека премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе испрати покана до парламентарните политички партии за лидерска средба, на која ќе се разговара за европската иднина на земјава и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус. Средбата е предвидено да се одржи во Собранието в понеделник на 7 ноември.