Ковачевски за Би-би-си: Обезбедивме почеток на преговори со ЕУ со потврден чист македонски јазик и идентитет

Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „HardTalk“ на Би-би-си истакнува дека за стартот на преговорите со Европската Унија се постигнати неколку клучни цели – чист македонски јазик, македонски идентитет и историските прашања да не бидат вклучени во преоварачката рамка.

– Ако сакате да бидете лидер, мора да носите тешки одлуки. Во овие преговори ние имавме неколку цели и ги постигнавме. Прво: чист македонски јазик во ЕУ. Второ: чист македонски идентитет, на Македонците и почеток на преговорите со ЕУ што и се случи на 19 јули. Дополнително, историските прашања да бидат надвор од преговарачката рамка. Ја споменавте работата на историската комисија, таа работи со четиринаесет членови, седум од македонска и седум од бугарска страна кои можат да носат одлуки само со консензус и тие одлуки може да бидат спроведени на реципроцитетна основа меѓу двете земји. И тоа е всушност договорот каде тие, историчарите, ќе се занимаваат со историските прашања. Го потпишавме првиот договор со ЕУ, во кој има чист македонски јазик, без фусноти, без објаснувања и уште поважно, во врска со Фронтекс договорот, Грција и Република Бугарија, одобрија договор во кој има чист македонски јазик, рече Ковачевски и додаде дека има историска комисија, со четиринаесет членови, седум македонски, седум бугарски и тие работат независно од политичарите, целта е да изградиме реторика меѓу соседите која ќе гледа кон иднината и ќе гледа кон напред.

Во однос на ЕУ интеграциите, премиерот Ковачевски, како што информира владната прес-слижба, посочи дека процесот за приклучување кон ЕУ беше заглавен уште пред да почне, пред единаесет години од претходната влада зашто тие, како што наведува, не беа подготвени да се поместат ниту еден милиметар.

– Тие не донесоа никакви одлуки. Ние имаме два концепти во државава. Едниот концепт, кој јас го водам, е дека Македонците и сите други граѓани на Северна Македонија, со кренати глави, со достоинство, треба да седнат на големата маса во Брисел и да го кажат својот став за сите прашања, да преговараат и да станат членови на ЕУ. Другиот концепт е со лажно достоинство, да седнат на малата маса тука, во Северна Македонија, сами, изолирани, во конфликт со соседите, без разговори со ЕУ. Ова седење на мала маса, со лажно достоинство, го гледавме со години. Сите политички партии имаат одговорност да носат одлуки кои ќе донесат подобра иднина за идните генерации. Бидејќи, на крајот знам дека овој процес ќе биде тежок, преговорите ќе бидат мачни, свесен сум за тоа, сите граѓани се свесни за тоа, но наградата е членство во ЕУ, бидејќи македонските граѓани сакаат да бидат дел од ЕУ, сакаат да живеат во ЕУ, но во нивната држава тука, а не да ја напуштат нивната земја и да работат во земјите членки на ЕУ, нагласи Ковачевски во интервјуто за Би-би-си. Најлесно е, вели, да се биде политичар кој зборува за минатото, бидејќи кога зборувате за минатото, не ветувате ништо, само играте со емоциите на луѓето, а тешко е да се биде политичар кој зборува за иднината, зашто тогаш давате ветување.