Билен Саљији вечерва поднесе оставка од функцијата министер за правда поради, како што образложи, разнишаната доверба во судството по одлуката за преквалификување на обвинението во случајот на малиот Алмир.
Вечерва посочи дека оставката ја дава од морални причини, а не под притисок или неуспех.
– Довербата во судството почна да се враќа преку случаите Сопот и Монструм, но сепак во овие моменти чувствувам дека оваа доверба е разнишана во јавноста, но и кај мене лично поради одлуката од пред неколку дена републичкиот јавен обвинител да ја преквалификува обвинението во случајот на малиот Алмир. Оваа контроверзна одлука беше оспорена од четирите јавни обвинители, рече Саљији.
Судската власт, додаде, независна и таква треба да остане, но јас како прв човек на Министерството за правда поради оваа разнишана доверба чувствувам морална обврска да поднесам оставка од функцијата министер, не како акт на неуспех или притисок, туку како акт за кој се надева ќе биде во правец на подигнување на свеста и вниманието на институциите и целото општество за бескомпромисни реформи на правосудството.