Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас на 30 март во Виена ќе имаат заедничка средба со поредникот на ОН Метју Нимиц во обид да ги приближат ставовите за изнаоѓање прифатливо решение за спорот со името.
Во меѓувреме, грчкиот министер во четврток треба да пристигне во Македонија, кога и ќе се разгледува содржината на двете нацрт-спогодби, онаа што Македонија ја испрати во Грција, и грчката што беше испратена во Македонија. И двете содржат предлог-решенија за постигнување договор за решение на овој спор, во кои како што рече министерот за надворешни работи Никола Димитров има разлики.
– Грчката нацрт-спогодба е предмет на анализа во овој период. Секогаш кога комуницираме преку медиуми работата се компликува. Чесно е да кажам дека има разлики и се надеваме дека ако мислиме заеднички на една цел ќе успееме тие разлики да ги надминеме, порача Димитров.
Премиерот Зоран Заев потврди дека грчката нацрт-спогодба е пристигната во Скопје, како што и македонската е испратена во Атина.
Тоа, според него, треба да биде алатка која може да помогне, а не да одмогне на процесот на подготовка на преговорите што ќе продолжат во Виена на 30 март.
Објавувањето на информацијата дека и Македонија испратила нацрт-спогодба до Грција следеше откако Коѕијас во Брисел, по советот за надворешни работи на ЕУ, изјави дека текст што ги содржи грчките предлози и агенда за идна соработка бил испратен деновиве до Скопје.
– Да ви дадам нешто ексклузивно. Изработивме текст со нашите предлози во целост како во однос на отворените проблеми што ги имаме со ПЈРМ, така и за идна агента на соработка што ќе им донесе корист и на двете страни. Овој текст го имам пратено пред повеќе денови во Скопје, рече шефот на грчката дипломатија во изјава за државната телевизија ЕРТ.
Никос Коѕијас, според најавите, се очекува во четврток и петок да биде во Скопје.
– Посетата е важна бидејќи Коѕијас доаѓа на нашиот аеродром што значи мерка на доверба и исчекор кон пријателството што го создаваме. Ќе има серија состаноци меѓу министрите за надворешни работи и работните групи, рече македонскиот премиер Заев во врска со посетата.
Според него, ваквите билатерални средби можат да бидат само помош на преговарачкиот процес што се води под покровителство на ОН, во функција на изнаоѓање решение, а не одложување.
Откако шефот на грчката дипломатија откри дека нацрт спогодбата е испратена до Скопје, грчките медиуми, меѓу кои и „Катимерини“ и „Та неа“ ги објави петте имиња што се содржани во грчкиот предлог. Всушност станува збор за истите идеи доставени од медијаторот Метју Нимиц, односно имињата: Република Северна Македонија, Република Нова Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардарска Македонија, Република Македонија (Скопје).