ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ВТОР ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН
Македонците отсекогаш биле предмет на разни туѓи верски, национални и политички влијанија, кај кои се нашло погодно тло за таквата дејност. Во тој правец активна била бугарската, грчката и српската пропаганда, кои со успех ги вршеле своите замислени цели. Притоа, во прилог одела и неорганизираноста на македонските доселеници кои, за жал, немале ниту своја држава, ниту, пак, свои македонски православни цркви. Такви биле:
СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ ВО ТОРОНТО. Првата организирана општина на македонските доселеници во Канада е, секако, македонско-бугарската православна црква Св. Кирил и Методиј во Торонто. Иницијативата за формирање на оваа општина потекнала во 1910 година. Група Македонци од Егејска Македонија се собрале во “Неволската куќа” на селаните од Неволјани, Леринско, и донеле решение да формираат своја црковна општина.
Бил формиран комитет од дваесетина членови, сите од Егејска Македонија. Во втората половина на август 1910 година, всушност, започнало организирањето на црковната општина, од кога почнале да се собираат средства за изградба на црквата. На 24 ноември истата година било купено место со готова зграда која била адаптирана во црква. Во неа се собирале членовите на МПО, огранокот “Правда” од Торонто и други доселеници од Балканот.
На 24 мај 1948 година бил поставен камен-темелникот на денешниот храм. Црквата била завршена во 1949 година и на 19 јуни истата година била осветена од бугарскиот митрополит Андреј Велички. Црквата била целосно завршена во 1954 година.
Иако оваа црква е изградена со пари претежно на македонски доселеници, таа потпаднала под јурисдикција на Бугарската црква и цело време била во функција на бугарската пропаганда. Мнозинството верници с# до денес се Македонци. Повеќе од нив се чувствуваат како Македонци, но традицијата која се градела од неколку поколенија е мошне важен фактор кој ги поврзува македонските доселеници со оваа црква, а таков е случајот и со другите македонско-бугарски православни цркви во САД и Канада.
Денес таа е споменик на минатото во која има мал број верници, нема млади генерации, а се издава на луѓе од други нации и вери со цел да опстои.
СВЕТИ ЃОРЃИ ВО ТОРОНТО. Втората македонско-бугарска источна православна црква во Торонто е Св. Ѓорѓи. Таа е формирана по поделбите во првата македонско-бугарска црква Св. Кирили и Методиј во 1940 година. Како последица на тоа, група македонски доселеници претежно од Костурско, кои биле под влијание на бугарската пропаганда ја основале Св. Ѓорѓи на 1 јуни 1941 година.
На 26 октомври истата година бил поставен камен-темелникот, а осветувањето на храмот било извршено на 14 ноември 1943 година. И денес оваа црква е активна, а нејзините членови се од постарите македонски генерации. Таа е под јурисдикција на Бугарската источна православна црква – Епархија за САД и Канада.
СВЕТА ТРОЈЦА ВО ТОРОНТО. Со поделбата на членовите на МПО во црквата Св. Ѓорѓи во седумдесеттите, одреден број македонски семејства, претежно од Костурско, се одделиле и ја формирале црквата Св. Тројца. Тие купиле една англиканска црква во 1971 година и ја уредиле во православен дом. Црквата била осветена во 1986 година од бугарски владика и потпаднала под јурисдикција на Бугарската источна православна епархија за САД, Канада и Австралија. Оваа црква и денес е активна.
Македонско-бугарски православни цркви под јурисдикција на Источната православна црква, а во кои црквуваат Американци и Канаѓани од македонско потекло, денес, меѓу другите, се: Св. Тројца во Сент Луис, Св. Кирил и Методиј во Њујорк, Св. Георги во Лос Анџелес, како и Св. Кирил и Методиј во Мелбурн и Св. Петка во Аделајд, Австралија.
СВЕТИ ДИМИТРИЈА ВО ТОРОНТО. Таа е грчка православна црква, помогната при градењето со средства на Македонци од Егејска Македонија. Се наоѓа во непосредна близина на Македонската православна црква Свети Климент Охридски во Торнклиф Парк. Всушност, и целта на изградбата на оваа црква во 1967 година била да ги придобие верниците од Свети Климент Охридски, особено оние од егејскиот дел на Македонија.
И покрај тоа што Македонците не го разбирале грчкиот јазик, сепак голем е бројот на оние кои се фатиле во пајажината на грчката пропаганда на таканаречената “Пан македоники” (“Семакедонска”) организација и побегнале од своето стадо.
Слична или идентична е историјата, судбината и намерата на грчките православни цркви во Торонто: Св. Ѓорѓи изградена 1938 година и Св. Никола изградена 1970 година, потоа Св. Никола во Синсинати, грчката црква во Виндзор и други. Таму претежно членуваат доселеници од македонско потекло, но под силно влијание на грчката пропаганда и на таканаречената организација “Пан македоники”.
Денес, главно, престанал периодот на изградба и помагање на нови македонско-бугарски и други православни цркви во светот, бидејќи Македонската православна црква е во силен подем и под нејзина јурисдикција се изградени и се градат многубројни храмови. Тие се духовни центри за најголемиот број Македонци од сите делови на Македонија, вклучувајќи ги и младите генерации на семејствата што припаѓале на МПО, на македонско-бугарските, српските и на грчките цркви во САД и Канада.
СВЕТА БОГОРОДИЦА ВИ БРИЗБЕН. Јужно од Бризбен, Австралија е формирана првата православна црква на петтиот континент изградена со средства на Македонци. Имено, во 1936 година, во околината на Бризбен, имало голем број на Македонци од Егејска Македонија и од другите Балкански држави собирачи на банани и други земјоделски производи, кои решиле да ја подигнат Црквата “Св. Богородица”.
Таа била изградена во една мало места на фарма со банани чии средства ги дал еден Македонец од егејскиот дел на Македонија. Црквата “Св. Богородица” им служела на сите православни и други христијани на тие простори с# до 50-тите години од минатиот век.
СВЕТА БОГОРОДИЦА ВО КРЕЈБС КРИК. Во 1947 година во месноста во Крејбс Крик во Нов Јужен Велс била изградена Македонската православна црква “Св. Богородица”. Таму живееле и работеле дваесеттина семејства од Беломорска Македонија, кои собрале средства и на имотот на еден Македонец од Костурско ја изградиле црквата. Осветувањето на црквата го извршиле свештеници на Англиканската и Руската црква и била регистрирана пред австралиските власти. Црквата “Св. Богородица” постоела 4-5 години, с# до периодот кога се отселиле Македонците и го продале местото заедно со објектот.
Македонско-бугарска православна црква во Мелбурн
СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ ВО МЕЛБУРН. Иницијативата за формирање црква меѓу македонските доселеници во Мелбурн датира од 2 октомври 1950 година. Тогаш група Македонци од првата генерација доселеници од Леринско и од Костурско ја формирале првата Македонска самостојна православна црква “Св. Кирил и Методиј”.
На 14 април 1952 година Одборот купил место на кое во 1953 година бил изграден убав и простран храм. Црквата била изградена со средства исклучиво на Македонци на петтиот континент. Првата богослужба била обслужена на 5 јануари 1954 година од свештеник Македонец од леринско кој завршил богословија во Истанбул.
Оваа црква им служела на Македонците 10-тина години, кога, со урбанистичките промени била срушена и на нејзино место изградени станбени објекти.
Во 1967 година, Македонците кои црквувале во оваа црква купиле објект на кој се наоѓа денешната “Св. Кирил и Методиј”. Оваа црква е регистрирана како Македонско-бугарска источно православна црква “Св. Кирил и Методиј”. До 1984 година со неа раководела управа составена од Македонци кои имале барање и желба таа да потпадне под јуриздикција на Македонската православна црква. Тоа не се случило, туку црквата ја презеле неколку Бугари и сега е под јуриздикција на Бугарската православна црква. За оваа црква се водел подолг судски спор, кој, за жал, Македонците го изгубиле.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН