Мнозинството Грци не сакаат име со терминот Македонија

Повеќе од половината Грци, или 56.5 отсто, посакуваат терминот Македонија да не биде вклучен во името на нашата земја, но само четири од 10 испитаници сметаат дека е изводливо решение без зборот Македонија, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Капа Research“ за грчката телевизија „Алфа“.

На прашањето, која е желбата на анкетираните за разговорите за името, 56.5 отсто одговараат „да не биде вклучен терминот Македонија“, 38.5 отсто се за компромисно решение со сложено име, а четири отсто посакуваат решение со било кое име.

– Мислам дека по последните случувања, по протестите и политичката дебата што се отвори, целосно е логична желбата терминот Македонија да не биде вклучен во името, вели генералниот директор „Капа Research“, Тасос Георгиадис, коментирајќи ги резултатите од истражувањето презентирано во централното издание на вестите на грчката телевизија.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, на прашањето кое е изводливо решение на спорот со името, се забележува разликата меѓу желбата и реалноста на анкетираните, но и поделеноста на Грците што учествувале во истражувањето. Малку под 40 отсто, или точно 39.5 отсто велат дека е изводливо решение без терминот Македонија, само на 0.5 отсто помалку, односно 39 отсто им одговара сложено име со географска одредница, а 13.5 отсто дематаат дека не постои изводливо решение.

Истиот процент испитаници што не сакаат терминот Македонија да биде вклучен во името (56.5 отсто) се и против предлогот Горна Македонија (напишано на македонски без превод, слеано во еден збор).

Генералниот директор на Капа Research коментира дека за оние што се против терминот Македонија во името, воопшто не игра улога која е одредницата.

На прашањето „дали решение со сложено име ерга омнес, непреведно, на словенски  јазик и договор за прашањата поврзани со иредентизмот“ е во правилна или погрешна насока, повторно има поделеност кај грчкото јавно мислење, бидејќу 48 отсто одговараат дека е во добра насока, додека 44 отсто сметаат дека е во погрешна.

Поделеност има и во однос на тоа што е повеќе во интерес на Грција, дали решение, па макар и со сложено име, (44.9 отсто) или проблемот да не се реши сега и да се остави за во иднина (46.8 отсто).

Мнозинството од анкетираните, 67.5 отсто, сепак, сметаат дека преговорите за изнаоѓање решение треба да продолжат, наспроти 30.5 отсто кои одговориле дека треба да се прекинат.

– Граѓаните, гледајќи ја опасноста од Турција, велат дека можеби некои од прашањата што се отворени нивната земја треба и да ги затвори, коментира генералниот директор на „Капа Research“, Тасос Георгиадис.

На прашањето дали ќе се постигне договор, 53.4 отсто  одговараат негативно, а 35.9 отсто позитивно. Овие резултати, според директорот на агенцијата што го спроведе истражувањето, се логични, бидејќи станува збор за долгогодишен проблем што трае многу години, па според тоа и народот не е оптимист дека е лесно да се постигне договор.

Дури 64.1 отсто од анкетираните негативно, односно веројатно негативно, го оценуваат начинот на кој грчката влада управува со конкретното прашање, а 31.6 отсто дава позитивна или веројатно позитивно оценка.

Додека пак, ставот на шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, во прашањето за името, шест од 10 Грци (63 отсто) го оценуваат негативен или веројатно негативен, а 31.5 отсто позитивен или веројатно позитивен.

На прашањето „кои земји претставуваат опасност за Грција“, анкетираните одговориле: Турција 92.5 отсто, Албанија 47 отсто и Македонија 37 отсто.

Во истражувањето на Капа Research за ТВ Алфа, учествуваа 1.343 испитаници, а беше спроведено од  1 до 9 март преку телефонски интервјуа, јави дописникот на МИА од Атина.