Ковачевски повикува на разговор за уставните измени, Мицкоски бара гаранции дека нема да има ново вето

Политичките партии да седнат на маса и да најдат заеднички јазик. Ова е ставот на премиерот Димитар Ковачевски кој смета дека е добро да се разговара за уставните измени со цел да се дојде до решение кое би било прифатливо за сите. Пратениците на Алијанса на Албанците според најавите начелно ќе гласаат за уставни измени, но имаат услови, меѓу кои дека ќе поддржат ставање на други народи во Преамбулата само доколку албанскиот јазик стане официјален во земјата. За ВМРО-ДПМНЕ условувањата од страна на пратениците Албанци е непринципиелно и неевропски. СДСМ вели уставните измени треба да се случат за да продолжи напредокот кон Европската Унија се до полноправно членство.

Премиерот Ковачевски вчера изјави дека веќе сите политички партии имаат позитивен однос кон уставните промени, па дури и оние кои биле изрично против. Според него, сите политички партии треба да ги кажат своите претпоставки и својот став во однос на уставните промени и да може на крајот да се дојде до решение кое би било прифатливо за сите.

Во однос на тоа дали ќе седне на разговори и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Ковачевски истакна дека е нормално да има средба со лидерите на сите политички партии секогаш кога ќе има прашање од интерес за сите граѓани.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повикуваат на семакедонско обединување за остварување на целите на државата и зачувување на достоинството. Оттаму посочуваат дека со промена на Преамбулата на Уставот немаме инстант решение за влез во ЕУ.

– Потребен ни е нов општествен договор и обединување за доброто на идните генерации. Подаваме рака за секого и за СДСМ да се обединиме околу државните интереси. Владата на СДСМ потпиша договор со Бугарија со кој македонизмот до 1945 година го поврзува со бугарскиот идентитет. Како резултат на тоа ние имаме оптоварени евроинтеграции. Заради лошите политики на власта, првиот услов е промена на Преамбулата на Уставот, а вториот услов кој е од пред некој ден е бришење на бројката и процентот со кој ќе се детерминира јазикот на албанскиот народ. Со промена на Преамбулата на Уставот немаме инстант решение за влез во ЕУ. Дали некој од ЕУ ќе гарантира влез, и дали ќе се донесе Резолуција дека Македонија нема да биде оптеретена со нови барања. Затоа е потребно општествено обединување, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Алијанса за Албанците вчера ја поздрави подготвеноста на премиерот да се седне и да се разговара.

– Ја поздравуваме подготвеноста на премиерот да седне и да разговара за отстранување на 20 отсто и да се дефинира албанскиот јазик со Устав, еднаш засекогаш, како албански јазик, истакнуваат преку соопштение од Алијансата за Албанците. Ги предупредуваме сите политички актери дека кога се отвора темата за 20 отсто, нивниот пристап е погрешен, застарен и со трговска логика. Затоа, ве повикуваме да го промените овој пристап, потенцира АА.

Уставот, како што посочија, треба да ги одразува вредностите кон кои сме ориентирани како држава и општество.

– Секој мора да разбере дека тој не е монарх, туку шеф на политички субјект и дека политичките, социјалните и етничките права на граѓаните им припаѓаат само на граѓаните, а не на монархот кој едно право го условува со друго право. Албанскиот јазик во Уставот на Северна Македонија го има правото од минатото како автохтон јазик во овие земји, денешно право како јазик што го зборува најмалку 1/3 од вкупниот број на населението. Концептот на Уставот треба да биде прозападен што им дава слобода на граѓаните, а не на болшевиците коишто им ја ограничуваат слободата, додадоа од партијата.

В.д. претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари најави дека во текот на оваа недела ќе ги соопштат условите за нивните пратеници да гласаат за отворањето на Преамбулата на Уставот.

– Пратениците на Алијанса на Албанците начелно ќе гласаат за уставни измени, но имаат услови, коишто во текот на неделава ќе им ги презентираат на „поважните амбасади низ Македонија“. Еден од условите е да се тргне „терминот 20 проценти“ од Уставот и македонскиот и албанскиот јазик да се користат како службени јазици во земјата, рече Таравари.

Првиот услов, како што најави тој, ќе биде многу интересен, а според него, условите на АА се подготвени со меѓународни експерти, кои дале „и идеја и предлози што би било убаво за целата држава“. Тој смета дека тоа нема да може да се одбие од која било политичка партија во земјава.

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски под овие околности „под диктат и ултиматум“, нема да се согласат да се промени Преамбулата затоа што, како што рече, тоа ќе биде понижувачки за нас.

– Нашата крајна цел е да биде Македонија дел од ЕУ и ние сме подготвени за тоа да разговараме да добиеме определени гаранции дека ова е последно барање дека нема да бидеме дополнително предмет на вето од страна на нашиот источен сосед, дека нема да бидеме предмет на асимилација и хегемониско однесување, дециден е Мицкоски.

Според Мицкоски прашањето за употребата на албанскиот јазик е предмет на Законот за јазици кој е пред уставниот суд.

– Се надевам, додаде тој, дека политичарите Албанци во Македонија нема повеќе да ги потценуваат граѓаните Албанци во Македонија и нема да ги третираат како процент, туку како рамноправни граѓани па ќе седнеме и ќе договориме конечно нормите Бадентер и балансер да бидат избришани и заедно со тоа со сите останати работи и барања да разговараме, вели Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, според Мицкоски нема да поддржи отворање и интервенции во Уставот се додека Европската Унија не даде гаранции дека земјата ќе влезе во Унијата и дека нема да бидеме предмет на дополнително вето од источниот сосед.

Владејачката СДСМ реагираше на овој став на Мицкоски.

– Два концепти имаме во државата – едниот предводен од Ковачевски и коалицијата која е за европска Македонија и која заедно со доминантниот дел од граѓаните сака да ја види државата како дел од ЕУ. Вториот концепт е оној на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои се противат на членството во ЕУ, наведе СДСМ во соопштението.

Потенцираа дека уставните измени треба да се случат за да продолжи напредокот кон ЕУ се до полноправно членство.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во телевизиско интервју пред неколку дена изјави дека иницијативите за референдум и прашањето за промена на Уставот се суверена одлука на земјата, порачувајќи дека фокусот, сепак, треба да биде ставен на реформите.

– Прашањето за менување на Уставот или за референдум е суверена одлука, не сакам да кажувам што треба да биде направено или не, тоа не е моја работа, но фокусот треба да биде ставен на реформите. Подобро е да се фокусирате на реформите, на нивното усвојување и обезбедување на нивна имплементација отколку да се посветите на други иницијативи кои би можеле да значат чекор назад, рече Гир.