Вршителот на должност министер за надворешни работи на Бугарија Николај Милков ја прими новоименуваната амбасадорка на Република Северна Македонија во Софија Агнеза Руси Поповска, објави бугарското МНР на својата веб-страница.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Милков, постигнатиот компромис со т.н. Француски предлог, спроведувањето на Договорот од 2017 година и билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија го поставија механизмот за решавање на постојните прашања.
За време на нивниот разговор, тој го изразил своето задоволство што со именувањето на амбасадорот на Северна Македонија во Софија, конечно е надминат дефицитот во билатералниот дипломатски дијалог, што, се посочува, ќе даде можност активно да се продолжи со работа на клучните прашања од политичката агенда меѓу нив. Двајцата разговарале за можностите за развој на продлабочена и ефективна билатерална соработка во одделните области.
-Забележан е позитивен тренд во трговско-економските односи и зголемување на билатералната трговска размена, како и активната дејност на културните центри од двете земји. Милков изразил загриженост за последните случувања во билатералните односи, поконкретно поврзани со правата на Бугарите во Република Северна Македонија, се наведува во информацијата.
Милков и Руси-Поповска се изјасниле за повеќе напори во насока на надминување на влијанието на негативните настани и враќање на позитивната динамика во билатералните односи меѓу Софија и Скопје.
Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков ја истакнал потребата од создавање позитивна атмосфера во која доминантно е партнерството. Тој ја уверил Руси-Поповска дека во лицето на Министерството за надворешни работи на Бугарија, амбасадорката на Северна Македонија ќе има конструктивен партнер, подготвен за директна и отворена комуникација за сите прашања од билатералната агенда, се наведува во соопштението.