Фајон: Поддржувам Северна Македонија до 2030 година да стане полноправна членка на ЕУ

Шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон денеска од Скопје со честитки до Владата и македонските граѓани за, како што рече, историски успех со отворањето на пристапните преговори за членство во Унијата. -Свесна сум дека ова беше болен и тежок пат и затоа на Северна Македонија останува да направи се за луѓето, да се започне овој тежок процес на реформи. Поддржувам земјата до 2030 година да станете полноправна членка, цел што е реална, доколку сите државјани бидат на овој пат. Ние ќе ве поддржиме, важно е да бидеме свесни дека се почнати пристапните преговори, изјави денеска Фајон на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Фајон порача дека ќе направат сè што треба со цел државата непречено да продолжи по овој пат и при тоа да не биде загрозен македонскиот јазик.

– Ваков доказ е скорешниот потпис на договорот со ФРОНТЕКС, каде што македонскиот јазик многу јасно ќе биде јазик што ќе биде приоритет. Ако направам компарација, и ние имавме болни искуства, моравме да донесеме тешки компромисни улоги но ја достигнавме целта. Ќе бидат потребни многу напори, секако Извештајот јасно кажа кои се тие проблематични точки каде што мораме повеќе да се концентрираме, истакна таа.

Фајон додаде дека повеќе од 40 отсто од законодавството на земјава е усогласено со европското, што покажува дека Северна Македонија ќе биде успешна на тој пат.

Османи нагласи дека средбата со Фајон ќе внесе нова динамика и нова содржина во односите и интересите на граѓаните од двете земји и додаде дека евроинтеграциите била една од темите на разговор.

– Една од темите на разговор беше почетокот на нашите евроинтеграции. Конечно влеговме во последната фаза пред членството, а тоа е почетокот на преговорите. Европската Комисија во Извештајот ги оцени преговорите како историски момент и тука ќе биде особено важно словенечкото искуство и поддршката во нашиот процес на преговори, истакна министерот Османи на денешната заедничка прес-конференција.

Информираше дека на средбата се говорело за почетокот на скринингот, резултатите од Извештајот на ЕК и надминување на политички прашања.

– Говоревме и за тоа како Словенија може да ни помогне, а побарав и поддршка во текот на целиот процес на преговори да се концентрира на реформите, а Словенија секогаш има недвосмислен став по однос на тоа прашање, дека овој процес треба да биде заснован на европските принципи и вредности, додаде Османи.

Двајцата говорници за време на средбата дискутирале и за членството на Северна Македонија во НАТО, како важен партнер што придонесува, особено во овие важни моменти на воените случувања во Украина.

– Во делот на билатералната соработка имавме многу разговори. Трендовите на трговската размена се позитивни. Поставивме цел, а тоа е 500 милионска евра трговска размена на годишно ниво со Словенија. Активирањето на бизнис клубот помеѓу словенечките и нашите компании ќе биде додатен поттик, вели Османи и додаде дека претставува особено задоволство што македонските компании придонесуваат со 30 милиони евра инвестиции.

Двајцата шефови на дипломатијата говореле и за претседавањето со ОБСЕ на Република Северна Македонија, околу подготовките и приоритетите во овие историски моменти.

– Во делот на поддршката во мултилатералните односи имаме добра традиција на меѓусебна поддршка во различни форми, додаде министерот Османи и заклучи дека средбата била плодна и успешна, во интерес на граѓаните од двете земји.

– Цела Европа е погодена поради војната во Украина, сите држави мораме да бидеме солидарни. Како што е тешко за македонскиот народ да се справи со високите цени, дали ќе имаат топол дом и дали ќе имаат да купат храна, така е и за словенечкиот народ. Дел од европскиот процес е и солидарност. ЕК ќе донесе одлука и ќе помогне, а дел од помошта ќе биде наменета за земјите од Западен Балкан, посочи Фајон.

Во однос на мултилатералните односи, вели дека има голема поддршка, бидејќи поради војната настојуваат да се задржи мирот и безбедноста, да не се загрози меѓународното право и мир. Додаде дека ставовите се идентични, и Северна Македонија одлично ги приспособи санкциите и осудата на војната во Украина.

Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон посочи дека од голема важност се односите помеѓу двете држави, опишувајќи ги како многу добри и пријателски.

– Годинава празнуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Република Северна Македонија е исклучително важна како инвестициска дестинација и е особено странски директни вложувања, рече Фајон.