ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достави до Владата своите контакти за набавка на поевтини енергенси, за што конкретно е задолжен министерот за економија Крешник Бектеши, кој потоа ќе ги исконтактира посочените субјекти за да се утврди дали нивните понуди ги задоволуваат потребните критериуми.
Ова е договорено на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на која присуствуваа и економски тимови на Владата и на партијата.
Премиерот Ковачевски по средбата изјави дека на средбата ги образложиле сите активности што ги презема Владата за надминување на енергетската криза. Информирале за производството на енергетските капацитетети, за обезбедувањето енергенси – јаглен и мазут.
Ја нагласиле потребата што побрзо да се донесат во Собранието сите закони поврзани со надминувањето на енергетската криза. Станува збор за Законот за задолжување од ЕБОР во износ од 100 милиони евра по поволна каматна стапка за поддршка на работата на ЕСМ, Законот за енергетика, Законот за нафта и нафтени резерви, како и за спроведување на одлуката за кратење на финансиски средства од буџетот кои се со помал процент на исполнетост и и кои не се неопходни и префрлање во ставки за справување со енергетската криза, посочи Ковачевски.
– Разговаравме и за префрлање на основните и средните училишта на регулираниот пазар, како и за префрлувањето на здравствените установи за снабдување кај ЕСМ продажба. Беше реафирмирано барањето на опозицијата за вклучување на јавните комунални претпријатија на регулираниот пазар, кое ќе биде разгледано од Министерството за економија во соработка со ЗЕЛС, изјави Ковачевски.
Премиерот информира дека Владата денеска донела одлука со која ЕСМ е задолжено да врши јавна услуга регулирано производство на топлинска енергија во Скопје. Потпишан е договор меѓу ЕВН и Адора за закуп на топланите.
Посочи дека од формирањето на Владата се презмени низа мерки за ликвидноста на компаниите и стандардот на граѓаните, издвоени се над 300 милиони евра буџетски средства.
Продолжува субвенционирањето на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи, како и разговорите со соседните земји за набавка на електрична енергија, а се очекува помош и поддршка и од ЕУ, за што претседателот Стево Пендаровски разговарал со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен изминатиот викенд за време на посетата на Бугарија, рече премиерот Димитар Ковачевски по средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.