Во Костолачка Коса во Србија одадена почит на 1295 загинати Македонци од Вардарскиот баталјон во Првата светска војна

Македонци во Србија денеска во местото Костолачка Коса, крај српскиот град Пожаревац, им одадоа почит на 1295-те загинати Македонци од Вардарскиот баталјон во Првата светска војна, јави дописникот на МИА од Белград.

Одбележувањето во атарот на црквата „Св. Ѓорѓи“, пред споменикот на 627 загинати Македонци или како што пишува на него „Вардарци“, беше во организација на Македонското здружение „Кочо Рацин“ од Белград.

– Ние секоја година во ова време го одбележуваме настанот од 1915 година на местото на загинување на Македонците од Вардарскиот баталјон и се потсетуваме на нивните храбри срца и евоцираме спомени од тие времиња, изјави претседателката на здружението „Кочо Рацин“, Лидија Демниева.

За време на Првата светска војна, Кралството Србија извршило мобилизација на Македонците во територијата на денешна Северна Македонија, од кои е формиран и Вардарскиот баталјон, со вкупно 1300 борци од Тетовско, Гостиварско, Кумановско, Поречието и од Кривопаланечкиот и Кратовскиот регион. Од нив во борбите со австро-унгарската и германската војска, борејќи се во рамки на српската војска, загинат е речиси целиот Вардарски баталјон или вкупно 1295 војници, од кои – 473 во борбите за одбраната на Белград и Смедерево, 627 војници загинале на Костолачка Коса, 60 ги загубиле животите при повлекувањето на српската војска кон Албанија, каде загинуваат уште 60 војници, со што Првата светка војна ја преживеале само пет припадници на оваа единица.

Македонците од Србија поднесоа и иницијатива до надлежните српски власти да се подигне споменик за сите паднати 1295 Македонци од Вардарскиот баталјон.

– Тој споменик би требало да се подигне во село Петка, кое се наоѓа недалеку од овде, каде што има веќе споменик за паднатите борци, но од српска националност. Ние бараме тоа да се официјализира и да се направи и за нашите Македонци од Вардарскиот баталјон. Се надеваме дека Владата на Република Србија и Министерството за култура ќе ни овозможат тоа и да го реализираме, изјави Демниева.

На одбележувањето и полагањето свежи венци присуствуваше и претседателот на пожаревачката Градска општина Костолац, Серџо Крстаноски и делегација на Македонската амбасада во Белград, предводена од в.д. амбасадорот Михаела Веселинов.