-Што се однесува до нашиот пат кон Европа, со големите дипломатски компромиси кои ги направивме во изминатите неколку години, покажавме дека сме сериозни во намерата да ја реализираме нашата втора стратешка цел. Подготвени сме како држава да ги исполниме сите европски критериуми, и притоа имаме јасни очекувања дека тој наш труд ќе биде реално валоризиран од Брисел. За европските перспективи на регионот зборувам од едноставна причина што никогаш не сум верувал дека е можна долгорочна стабилност на регионот без да станеме дел од проектот на Обединета Европа. Застојот во таа смисла за кој зборувам, и за кој секогаш тврдев дека не е добар за нас веќе го пополнуваат трети страни и, за жал, според сите релевантни истражувања, во голем пораст е евроскептицизмот, како и популарноста на автократските лидери и на популистичките вредности, вели шефот на државата.
Тој истакна дека по агресијата врз Украина на многумина им е појасно колку е значајна евроатланската перспектива и подвлече дека е исклучително значајно таа засилена кохезија и интересот на Европската Унија за регионот да продолжи и по што поскорото, завршување на руската агресија врз Украина.
-После 21 години чекање да станеме дел од Алијанската убедени сме дека членството во НАТО е најголемиот стабилизирачки фактор во регионот и пошироко. Она на што во наредниот период ќе мора многу повеќе да работиме, при тоа мислам и на политичките институции и на безбедносните експерти, се безбедносните ризици кои ни ги носат хибридните закани. Мислам дека на таа тема како земја ќе ни треба исклучително брзо прилагодување. Потребен ни е адаптабилен систем кој брзо ќе фаќа чекор со новите начини на хибридно војување. Тоа подразбира инвестирање не само во средствата за традиционално војување, туку и во најновите дигитални технолошки алатки и во стратешките комуникации неопходни за поголема отпорност кон дезинформациите, порача претседателот Пендаровски.