Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски учествуваше и говореше на Самитот за трансформација на образованието во рамки на 77-то Генерално Собрание на ООН во Њујорк. На дебатата на Самитот кој го отвори генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш и учествуваа над 90 шефови на држави и премиери се дебатираше за националните цели на земјите за унапредување на образованието.
Во продолжение е целото обраќање на премиерот Ковачевски.
„Кога и да зборувам за важноста на образованието, се потсетувам на констатацијата дека „Образованието е она што останува, откако ќе се заборави наученото во училиште“.
Би рекол дека денес ова е мошне важно, особено затоа што генералниот секретар Гутереш постојано потенцираше дека исходот од доброто образование во 21-от век значи: учење за да се научи, учење да се живее заедно, учење да се прави, учење да се биде. Јас се согласувам со ова и ги поддржувам таквите резултати од образованието.
Навистина верувам дека образованието не се само оние лекции што се учат на училиште, туку се всушност вредностите кои му се предаваат на еден млад ученик или студент. Прв ќе го препознаам факторот и ќе се согласам дека во мојата земја, Северна Македонија, сé уште имаме долг пат до нивото на квалитет на образованието со кое јас би бил задоволен. Точно е дека трансформацијата на мојата земја во формална земја членка на ЕУ лежи прво во нашата способност убаво да се погледнеме себеси, да ги видиме нашите недостатоци и да се сфатиме дека нашата иднина зависи од нас, од она што го правиме, од она што можеме да го постигнеме со нашите две раце. Поради тоа, ние сме посветени на создавање услови и средина што ќе им овозможи на нашите ученици и студенти да напредуваат и да ги постигнат своите потенцијали.
Учењето за да се научи всушност значи стекнување писменост, но и развивање критичко размислување и вештини за анализа, истражување, носење одлуки, а со тоа и развивање на потенцијалите на нашите идни лекари, научници, градители, идни лидери, на кои ќе се потпира нашиот свет.
Само луѓето кои имаат способност и капацитет да размислуваат критички, можат да бидат доволно храбри да ги одбранат правото и правдата и да ги добијат своите битки користејќи аргументи, а не насилство.
Тука би сакал да се фокусирам на напорите што ги презема Владата на Република Северна Македонија во таа насока.
• Воведовме целосно нова наставна програма за прво и четврто одделение од основното образование со која се менува пристапот на предавање. Оваа програма се заснова на охрабрување на критичкото размислување што, само по себе е сеопфатна цел за целокупниот образовен процес.
• Следејќи ја заложбата за обезбедување правично образование, ја унапредуваме инклузивноста, притоа мотивирајќи ги учениците да учат да живеат заедно. Со оглед на тоа дека сме успешен модел за мултиетничко општество, посветено работиме кон постигнување социјална интеграција во етнички, културолошки и општествен аспект. Се вработуваат образовни асистенти кои треба да им дадат директна поддршка во училницата на ученици со попреченост во редовните основни училиште. Обезбедивме учебници во електронска и аудио форма, како и со Брајово писмо за децата со атипичен развој.
• Посветени сме на надминување на разликите што потекнуваат од разликите во приходите; воведовме субвенционирани оброци за секој ученик. Тоа е дел од нашите напори за обезбедување еднаков пристап до оброци за младите лица на универзитетите. Покрај тоа, секоја година се даваат стипендии за учениците од средните училишта, како и за универзитетските студенти, на различни основи, како на пример, врз основа на приходите или академскиот успех.
• Работиме на унапредување на средното стручно образование со цел студентите кои немаат намера да продолжат со универзитетско образование да ги стекнат неопходните квалификации. Тоа е нашиот придонес кон целта да се учи за да се прави. Водени од начелото на доживотно учење, креирајќи различни програми го олеснивме преквалификувањето и дополнувањето на квалификациите, што помага брзо стекнување вештини и знаење во професиите кои се бараат на нашиот пазар на труд.
• Поучени од лекциите научени во текот на справувањето со пандемијата, ги насочивме нашите напори на обезбедување на неопходните ИТ уреди, интерактивни училишни табли, помагала, како и опрема за кабинетите за специфични предмети, сé со цел да се обезбеди дигитална настава. Подготвени сме постојано да инвестираме во зацврстување на дигиталните компетенции на наставниците и подобрување на дигиталната инфраструктура во училиштата.
• Со оглед на фактот дека научните иновации станаа главен предуслов за напредок, минатата година за првпат воведовме стипендии за третиот циклус на студии во научните области од природните науки, математиката и техничко-технолошките науки. Учењето да се биде бара развивање на иновација и креативни потенцијали, особено за младите луѓе. Затоа, сериозно инвестираме во таа област.
• Би сакал да го подвлечам и развојот и спроведувањето на проектот за соработка меѓу универзитетите во Северна Македонија и универзитетите од другите балкански земји, како и универзитетите во Италија и Грција. Овој проект се спроведува во рамки на Стратешкото партнерство Еразмус за пост-дипломските студии и е насловен „Гео-филозофија на Балканот“. Ова е исклучително важен проект имајќи предвид дека се работи за прва таква регионална соработка во образованието.
Политиките кои ги спроведуваме се усогласени со глобалните заложби за развивање на образовен систем што помага да се изгради општество што ќе може ефективно да се справи со новите предизвици. Последиците од пандемијата и војната во Украина ни докажаа дека тоа ни е неопходно на сите. Уверен сум дека науката и иновациите водат до одржливи промени што ќе ги подобрат животите на сите наши граѓани.
Би сакал да ве уверам дека Република Северна Македонија се солидаризира со демократскиот свет и ги поддржува и се приклучува кон заложбите за градење одржлив образовен систем заснован на стандарди за висок квалитет и достапен за сите.
Веќе со децении во мојата земја се спроведувале различни образовни модели и се воведувале многу промени. Сепак, во согласност со досегашната дискусија на оваа дебата, верувам дека со фокусирано спроведување на Националната стратегија за развој 2022-2024 и тековната Стратегија за образование 2018-2025 ние го поставуваме нашиот образовен систем на вистинскиот пат кон развој.
Со оглед на тоа дека сите овие напори се наша долгорочна обврска, во овој момент верувам дека најважно е да ви укажам на еден голем предизвик што стои пред сите нас оваа зима, а што е мошне важен. Енергетската криза со која се соочуваат Северна Македонија, Европа и светот претставува сериозна закана за образовниот процес. За да се постигнат долгорочните цели мора прво да се осигуриме дека ќе имаме доволно ресурси за да се обезбедат основни услови за живот и работа, како што се топли и добро осветлени училници и топли и добро осветлени домови за нашите ученици да имаат непречено квалитетно образование зимава. Ова е приоритет број еден денес, утре и во претстојните долги зимски месеци.
Одговорот на овие предизвици може да се најде само во взаемна меѓународна и меѓу-регионална соработка. Но најмногу од сé, може да се најде во солидарноста. Ако сакаме нашите ученици да пораснат со добро образование, мора прво да им покажеме како ние возрасните можеме заедно да ги решиме проблемите. Во спротивно, ниту еден образовен модел или развојна стратегија нема да направи никаква разлика, ниту нешто ќе им значи.
Знаењето е клучно за надминување на предизвиците што ги носи ова време. А предизвиците, како што гледаме, се огромни.
Вложувајќи заеднички напори, како што правиме тука, на овој Самит и работејќи заедно, ќе можеме да најдеме решение за сé она што стои пред нас и да постигнеме напредок“, рече Ковачевски.