Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз денеска на армискиот полигон „Криволак“ присуствуваа на вежба на припадниците на Армијата, која ги вклучуваше новите оклопни возила JLTV Oshkosh и армиските хеликоптери.
– „Криволак’ е најдобриот пример за ефикасноста на нашата заедничка соработка. Кога имаме јасни цели и кога сме посветени на развојот, и нашите пријатели и стратешки партнери се секогаш тука да ни помогнат, рекла министерката по показната вежба.
Како што се наведува во соопштението од МО, Петровска додала дека токму на „Криволак“, припадници на македонската Армија и вооружените сили на САД тренираат не едни покрај други, туку едни со други, учејќи нови вештини, нови способности и заеднички развивајќи ја интероперабилноста која е круцијална за безбедноста и стабилноста на двете земји и на евроатлантската област.
Во однос на одбранбената соработка на двете земји, Петровска го истакнала развојот на полигонот каде заеднички беше подобрена инфраструктурата, а беа изградени и нови вежбовни содржини, додека истовремено над 1.000 армиски припадници завршија голем број на обуки и високи школи во САД.
Заедно, потенцирала министерката, го реализираме и процесот на модернизација, најголем во овој обем досега.
– Со набавката на новите оклопни возила, JLTV Oshkosh и Stryker, заеднички го менуваме ликот на Армијата и заеднички креираме Армија која е и ќе продолжи да биде вистинска вредност за колективната одбрана, нешто што во овие несигурни времиња е столб за нашата безбедност и сигурност, подвлекла министерката за одбрана.
По повод завршувањето на мандатот на амбасадорката Брнз, министерката Петровска изразила благодарност за нејзината визија, посветеност и отвореност секогаш да одиме чекор понапред во развојот на соработката што е основа на нашите споделени вредности и принципи и на меѓусебната почит и доверба.
По показната вежба, Петровска на Брнз и врачила македонско знаме и плакета, во името на одличната соработка помеѓу Северна Македонија и САД која е особено интензивна во периодот кога Брнз е амбасадорка на САД во нашата земја.