Мицотакис: Грција е подготвена да ја поддржи Северна Македонија во овие тешки времиња

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со премиерот Димитар Ковачевски истакнал дека Грција е подготвена да ја поддржи Северна Македонија во овие тешки времиња и може да придонесе во диверзификација на енергетските извори и зајакнување на поврзаноста, информираат од кабинетот на Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, двајцата лидери ја потврдиле нивната волја за продлабочување на билатералните односи, а акцентот бил ставен на енергетската криза.

-Двајцата лидери разговараа за перспективите на повеќестепената соработка во енергетската област, особено во инфраструктурата, како и за потребата за диверзификација на енергетските извори и зајакнување на поврзаноста. Премиерот истакна дека Грција може да придонесе во оваа насока поради инфраструктурите што се развиваат на енергетската мапа и нејзината позиција во корист на енергетската безбедност на регионот, истакнувајќи ја на овој начин лидерската улога во Југоисточна Европа, информираат од кабинетот на Мицотакис.

Дополнително, Мицотакис му честитал на Ковачевски за неодамнешното свикување на првата Меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ и ја потврдил поддршката на Грција на пристапниот пат на земјата „врз основа на поставените критериуми, почитувањето на добрососедските односи и целосно и доследно спроведување на Договорот од Преспа, како дел од пристапниот процес“.

Мицотакис во почетокот на средбата истакна дека денеска имаат многу работи за кои ќе разговараат, ја повтори грчката поддршка за патот на Северна Македонија кон ЕУ, но и во однос на енергетската криза.

-Би сакал да повторам дека Грција е подготвена да ја поддржи Северна Македонија во овие толку тешки времиња. И верувам дека е во взаемен интерес остварување на инвестиции на грчки компании во Северна Македонија со цел да ги поврземе нашите инфраструктури на таков начин што ќе доведе до зголемување на енергетските врски меѓу нашите земји, порача грчкиот премиер во дијалогот на почетокот на средбата со Ковачевски.

Премиерот Ковачевски рече дека „многу сме подготвени за зимата, но особен интерес за нас имаат тесните врски со Грција, особено во однос на снабдување со материјали, производство на електрична енергија за да продолжат да работат во зимото и пролетта“.

-Исто така, да продолжат успешните грчки инвестиции во Северна Македонија, особено во енергетскиот сектор. Знаете и нашиот народ знае дека веќе донесовме одлуката да учествуваме во проектот за терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во Александруполи. Во исто време, во тек се студии за интерконекцијата со Грција, што ќе ѝ даде можност на мојата земја да ги диверзифицира своите извори на енергија. Дополнително, новите енергетски капацитети за покривање на идните потреби на Северна Македонија се поддржани во многу голема мера од грчки инвеститори. И како што гледаме сега, во фаза на подготовка се инвестиции во вредност од една милијарда во енергетскиот сектор се на цевковод. Затоа, како две соседни земји, верувам дека можеме да бидеме пример за добрососедски односи, не само во регионот, туку и во цела Европа, истакна премиерот Ковачевски на почетокот на средбата со неговиот грчки колега во Атина.