Ковачевски: Комуникациите и информациската сфера не биле никогаш поважни за безбедноста и стабилноста

Како НАТО членка посветено придонесуваме кон колективната безбедност и ова е видливо низ изминатата година преку сите активности без разлика дали е помошта и поддршката за Украина, воените вежби Брз одговор или Блесок 22 и други активности. Но воените и политичките активности се тесно врзани со нивната комуникација и со умешноста истите да ги доближиме што поблиску и што поточно до граѓаните. Од комуникациите и од нашата отвореност зависи дали и како граѓаните ќе разберат на кои начини работиме секојдневно на зачувување на нивната безбедност, порача премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на НАТО – Конференцијата за комуникатори, чиј домаќин оваа година е Северна Македонија.

– Иако, во безбедносните кругови понекогаш преовладува мислата дека во јавноста нема дискусија за безбедноста, значи дека безбедноста си ја врши работата, сепак, јас лично не се согласувам со таа теза. Сметам дека во ерата на дезинформациите и хибридните напади токму стратешките комуникации имаат најважна улога во борбата и доспеваат до точните и проверени информации до граѓаните наспроти дезинформациите чија цел е да внесат немир и страв. Воената инвазија врз Украина од страна на Русија и огромниот наплив на дезинформации околу истата ни покажа дека комуникациите можат да имаат сериозно разорно влијание и против таквото влијание мора да се бориме. Точно е дека Украина во овој момент одлично се справува со информациската војна за што од сите нас има поддршка, но токму таа информациска војна ни покажува колкава е улогата на комуникациите во стабилноста на една земја и еден регион, рече премиерот Ковачевски.

– Комуникациите и информациската сфера не биле никогаш поважни за безбедноста и стабилноста. Безбедносната криза со која се соочува Европа и светот, како и во информациската сфера преку сајбер безбедноста и хибридните напади покажува дека сите ние без разлика дали како членки на НАТО или како европски и уште повеќе балкански земји мора да продолжиме со интензивниот фокус на ова поле. Борбата со дезинформациите е приоритет на кој работиме и меѓусекторски во Владата, но и партнерски со медиумските и граѓанските кругови. Само здружениот општествен пристап може да биде одговор бидејќи проблемот со хибридните дејствија е сложен и може да влијае врз целото општество, нагласи Ковачевски.

Тој подвлече дека точните и проверени информации кои се лесно достапни се ресурс во борбата против дезинформациите на дневно ниво, а воспоставениот стандард и репутација на отвореност и транспарентност помага во намалување на ширење на дезинформациите.

На отворањето на Конференцијата, свои обраќања ќе имаат и министерката за одбрана Славјанка Петровска, помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже, а видео-обраќања ќе имаат и командантот на Сојузничката команда за операции, генералот Кристофер Каволи и командантот на Сојузничката команда за трансформација, генералот Филип Лавињ.

На Конференцијата во Скопје ќе учествуваат околу 300 лица. Во рамки на Конференцијата ќе бидат организирани неколку панели посветени на стратегиските комуникации, на што ќе претходат неколку работни групи во оваа област.