ВМРО-ДПМНЕ ќе собира 150 илјади потписи за распишување референдум за поништување на Договорот со Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ ќе почне постапка за граѓанска иницијатива за собирање потписи за собирање на потписи за распишување на задолжителен референдум. Референдумското прашање, како што изјави вечерва лидерот на партијата Кристијан Мицкоски, ќе се однесува на Договорот за добрососедство со Бугарија кој Заев го склучи со Борисов, како „извор и почеток на сите проблеми за Македонија и основата по која потоа Бугарија ги темелеше своите максималистички барања и позиции“.

-Затоа референдумското прашање предлагаме да гласи и како такво денеска го усвои и потврди Извршниот комитет на партијата: Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка межу Република Македонија и Република Бугарија објавен во Службен весник бр: 12/2018 од 18.01.2018 година?, рече Мицкоски по завршувањето на седницата на ИК на партијата, којшто го усвоил референдумското прашање.

Наредната недела, нагласи, ќе собереме најмалку 100 квалификувани потписи по што таквата иницијатива ќе биде доставена до Собранието.

-На оваа иницијатива првопотпишан ќе бидам јас, Извршниот комитет на партијата, пратениците, по што очекувам Собранието во брзи рокови да ја легитимира и одобри иницијативата по што ќе започнат роковите за собирање на 150 илјади потписи за распишување на задолжителен референдум, повторувам задолжителен референдум, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека партијата ќе повика да се гласа за престанување на важноста за овој, како што вели штетен договор.

Раскинувањето на овој договор, според него, ќе значи раскинување на барањата за промена на учебници, спорење на јазикот историјата, културата итн.

Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува интеграција на Македонија во рамките на Европската Унија без никакви дилеми, но, не поддржува асимилација, промена на историски факти, откажување од посебноста на јазикот и идентитетско обезличување.

Лидерот на опозициската партија нагласи дека седницата на ИК на партијата следи по широките консултации што ги направил изминатиот месец дена. Разговарал и се консултирал со експерти и професори по уставно право, коалициските партнери, пратениците при што заеднички се стигнало до решение кое беше потврдено едногласно од страна на Извршниот комитет.

Мицкоски очекува власта да дозволи да се изјасни народот и да се стави крај на уцените притисоците и кочењата на Бугарија. Ова, рече, „да биде одговор на народот за својата Македонија и за нашата заедничка иднина“.