МАКЕДОНЦИЕ ВО ИЗРАЕЛ И ТУРЦИЈА – ДЕЛ I (12)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Почнувајќи од древниот период до денес, Израел како и Македонија бил, е и ќе биде раскрсница на различни нации, цивилизации, култури, јазии и религии. Затоа со право се вели дека историјата на Евреите и таа на Македонците е тесно поврзана. Почнувајќи од древните времиња на Александар Македонски, периодот на Римјаните и Византија, отоманскиот период до следните светски војни, ќе се види дека Израел и Македонија имале слична, ако не и идентична судбина.

Имено, низ овој долг и важен период во Македонија само две нации го избрале името на земјата како дел од нивниот идентитет – древните Македонци и Македонците денес. Македонците ја добија својата независност, социјалните, политичките и културните права во 1944 година, за во 1991 година да се конституира независна, суверена и самостојна држава – Република Македонија.

Евреите, пак, во долгиот и тежок пат на опстојување, во времето кога Римјаните го разрушиле Ерусалим и во пламенот на огинот изгоре Светиот храм, Јудеја била разграбена и опустошена. На Евреите им било забрането да живеат во нивната татковина Јудеја, со што настапува големото еврејско раселување по светот.

Потоа во Јудеја доаѓаат муслиманите, крстоносците, отоманците и секој на свој начин се однесува кон овој народ. Секако минатиот век за Евреите е најжалосниот, бидејќи, Ариевците на чело со Хитлер убиле 6 милиони Евреи. Со тоа еврејскиот холокауст не се заборава, туку остави големи лузни кај народот и во неговата историја.

Еврејскиот народ постои уште од номадскиот период преку создавањето на првата единствена држава на Евреите од 1030 до 930 година пред Христа, па преку нејзиното распаѓање, покорувањето на Евреите и нивната емиграција, до создавањето на еврејската држава Изреал, која се реализира дури по Втората светска војна, на 14 мај 1948 година. 

Во врска со еврејскиот холокауст, секоја година на 11 март во Скопје пред Споменикот на жртвите од бугарскиот фашистички окупатор, им се оддава почит на македонските Евреи. На тој ден во 1943 година бугарската полиција на германските нацисти им предаде 7.144 македонски Евреи.

Инаку кога зборуваме за судбинската поврзаност на македонскиот и еврејскиот народ и на Македонија и Израел, треба да се спомене дека Република Македонија се граничи со четири земји. Албанија, Бугарија, Грција и СР Југославија. За жал, овие земји како во договор имаат аспирации и негаторски однос кон Македонија.

Така Србите го негираат постоењето на  автокефалноста на Македонската православна црква како продолжувач на Охридската архиепископија;  Грција го негира уставното име на Република Македонија и со сите можни средства се бори да ја омаловажи и државата и народот со употреба на неприфатливата додавка БЈРМ. Албанија има територијални претензии кон западниот дел на Македонија, каде се случува популациона инвазија. Бугарија, пак, ја призна државата а го негира македонскиот јазик.

1ara12 1ara13

Од тие причини и не случајно Македонија е наречена “јаболко на раздорот на Балканскиот Полуостров”. Исто така и Израел се граничи со четири држави и тоа Либан, Сирија, Јордан и Египет. Изрел се наоѓа во изолирана положба како еврејска држава која е опкружена од Арапи, кои претежно се муслимани. Односите меѓу Израел и неговите соседни земји се одразуваат скоро на секој аспект на изразување на надворешните односи, како и на демографијата, економската и друга политика во текот на историјата.

Сите тие соседни земји, на свој начин имаат територијални претензии и се однесуваат негаторски кон еврејскиот народ и еврејската држава. Затоа, и Израел често се нарекува како “јаболко на раздорот на Блискиот Исток”.

Меѓутоа, макотрпниот живот, целокупните состојби, силната љубов кон својата вера, народ, земја, минато и иднина направи и од Македонците и од Евреите да формираат свои суверени и независни држави. Од Израел и од израелскиот народ треба да се учи колку тешко, макотрпно и со многу пожртвуваност се формира држава, како уште потешко се стекнува слободата и, како сето тоа возвишено, со силна вера, со голема љубов и со најголема надеж треба да се брани, гради, чува и развива новосоздадената држава. А, еврејскиот случај на создавање на држава и опстојување на истата е единствен пример во светот.

Во Израел има многу мал број македонски Евреи, кои живеат во повеќе градови и кои се тесно поврзани со Република Македонија. Меѓутоа, врските меѓу двете земји се базираат токму со Евреите во Израел и Македонија.

Македонски православни цркви постојат во голем број прекуокеански и европски земји. Но, се чини дека изградба на македонски храм во светиот град – Ерусалим е од посебно значење како за Црквата исто така и за македонскиот народ во целина. Инаку, идејата за изградба на Македонска православна црква во Светиот град е вечна и света уште од времето на просветителите св. Кирил и св. Методиј, од времето на св. Климент и св. Наум Охридски, на Цар Самоил, на Партение Зографски, од времето на поглаварите Доситеј и Михаил, до денешни дни кога поглавар е архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Имено, во 1999 година, за време на Велигденскиот прием, сега починатиот поглавар на МПЦ г.г. Михаил рече дека Македонската православна црква добила покана од израелските власти да изгради свој храм во таа света земја. Оваа вест беше примена со воодушевување не само кај црковните свештенослужители туку и кај македонскиот човек.

Тогаш беше обелоденета веста за изградба на македонска православна црква во светиот град  -Ерусалим и беше речено дека можеби, таквата изградба ќе биде реализирана во рамките на активностите по повод 2000-годишнината од христијанството. Оваа идеја предизвика голем интерес особено кај Македонците во дијаспората, потоа кај бизнисмените кои најавија дека ќе донираат за изградба на црква и кај обичните верници.

Некои оваа вест во тоа време  ја сметаа како прерано соопштена, дека е ставена под знак прашање и сл. Меѓутоа, се чини дека требаше од нешто да се почне за подоцна да има средби меѓу претставници на Македонската православна црква и на Израел.

Тоа, секако, го отвори патот за разговорите што треба да се водат во најскоро време меѓу високата државна и црковна делегација на Република Македонија и претставници на Израел. Се чини дека поддршката на Македонија и на македонскиот народ од страна на Израел е неопходна и многу значајна. Тоа, секако, се потврдува со блискоста на овие две држави и два народи кои имаат слична и идентична судбина, историја…

Продолжува

1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН