Чавушоглу: Правиме се за потребите од гас на балканските соседи, војната ја потврди важноста од заеднички инвестиции во обновливи извори на енергија

Војната во Европа треба да не разбуди, гледаме колку сме ранливи на разни шокови – доаѓа зима, безбедноста на храната и струјата се заеднички предизвик и тука нема друг рецепт освен солидарноста, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу на отворањето на лидерскиот Самит Отворен Балкан во Белград.

Чавушоглу истакна дека Турција продолжува да прави се за спроведување на Истанбулскиот договор за жито.

– Правиме се да се погрижиме за потребите од гас на балканските соседи. Војната ја потврди важноста од заеднички инвестиции во обновливи извори на енергија и интегрирање на електроенергетските и гасните пазари, рече Чавушоглу.

Шефот на турската дипломатија додаде дека Турција гледа на Иницијативата Отворен Балкан, како мост меѓу Балканот и ЕУ.

– Во минатото проширувањето беше една од најуспешните политики на ЕУ. Но Унијата почна да гледа навнатре и тесните политички интереси надвладеаја над проширувањето. Никој не може да објасни зошто Северна Македонија и Албанија чекаа толку долго. Им честитаме на двете земји за почетокот на преговорите за пристапување. Драматично е што војната во Европа не потсети за важноста на проширувањето и се надевам дека нивното искуство ќе биде поинакво од нашето. Се надеваме дека Отворен Балкан ќе ја забрза европската интеграција на регионот и се надевме дека повеќе земји ќе се приклучат на иницијативата Отворен Балкан, рече Чавуошоглу.

Тој додаде дека Иницијативата Отворен Балкан има цел да обезбеди слободен пристап до пазарот на труд,  размена на студенти, заеднички истражувачки проекти, и признавање на стручните квалификации.

– Со тоа ќе се задржат квалификуваните млади во регионот и се надеваме дека со ова ќе се справиме со одливот на мозоци со кој се соочува Балканот. Како еден од најголемите инвеститори во регионот сметаме дека ова ќе поттикне и странски директни инвестиции, истакна турскиот министер.