Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на ВМРО -ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска оствари средба со пратеникот во германскиот Бундестаг, Феликс Шрајнер од ЦДУ, која е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на ЕПП.
Феликс Шрајнер е претседател и на Комитетот за економија и одржлив развој на германскиот Бундестаг.
На средбата, како што соопштија од ВМРО – ДПМНЕ, станало збор за економската и енергетска криза во Македонија. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочил дека власта преку, како што се наведува, окупираните институции го предаде стопанството, бизнисот и на директен начин граѓаните во Македонија.
– Власта наместо план, поддршка и стратегија за помош на стопанството и бизнисот, понуди нова енергетска кризна состојба. Владата за жал воопшто не вложува напори за да изнајдат решенија како да помогне на граѓаните и на бизнис секторот за да се пребродат актуелните кризи во државата, појаснил Мицкоски на средбата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за време на средбата укажал дека земјава со оваа власт се движи во лоша насока.
– Македонија во вистинска насока ќе започне да се движи само со предвремени парламентарни избори, кои треба да се случат што побрзо, рекол лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.