Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретна со новопоставениот амбасадор на Косово во Северна Македонија, Флоријан Ќехаја, со кого разговараше за развојот на билатералната одбранбена соработка, како и за регионалната стабилност и безбедност.
-Северна Македонија е силно посветена на регионалниот мир и безбедност – факт кој може да се види преку учеството на припадници на Армијата во рамките на НАТО мисијата на Косово, КФОР, како и учеството во мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, ЕУФОР АЛТЕА, рекла на средбата министерката Петровска.
Таа на средбата се осврнала и на Планот за билатерална соработка кој вклучува 18 активности и кој предвидува соработка на полето на военото образование и тоа преку студирањето на питомец од Косово на Воената академија, како и експертиски разговори во повеќе области и заеднички вежби и обуки.
Амабасадорот Ќехаја изразил благодарност за средбата и порача дека Косово е посветено на одбранбената соработка со Северна Македонија.
Двете земји, како што информира МО, го обновиле Меморандумот за соработка во април годинава, а во 2021 година потпишале и Меморандум за разбирање во доменот на односите со јавноста и справувањето со лажните вести и дезинформациите.