Мицкоски: Од Договорот за добрососедство со Бугарија потекнуваат сите проблеми

Потребно е да се локализира изворот на проблемот што државата го има со Бугарија, а тоа е Договорот за добрососедство, потпишан во 2017 година, вели претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Ние треба да го локализираме изворот на проблемот, а тоа е токму договорот потпишан со Република Бугарија, тој август месец 2017-тата година. Од тој договор практично потекнуваат сите проблеми, бидејќи ние и тогаш реагиравме како политичка партија и како луѓе дека е избрзан и дека тој договор практично не е решение, изјави Мицоски во гостување на централниот дневник на Сител телевизија.

Во однос на референдумот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ информираше дека има можни три опции и во тек се консултации со коалициите.

– Една од опциите за референдум е со 44 пратеници од пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Втората опција е да се соберат 150.000 граѓански потписи или да се вклучат двете опции заедно. Ќе одиме на Седница на извршен комитет, повеќе време ќе се посвети во консултации со експерти околу дефинирање на референдумското прашање, а потоа ќе се одбере една опција, додаде тој.

Вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи промената на Уставот, со цел вклучување на дел од бугарскиот народ во Преамбулата.

– И има поедини размислувања во јавноста околу тоа дали ќе има промена на Уставот или ќе нема, еве и Пендаровски тоа го констатира конечно тоа што јас го најавив, а тоа е дека во моментот под овие околности ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на промена на Уставот, а со цел вклучување на дел од бугарскиот народ во Преамбулата, заклучи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ говореше и за цените на електричната енергија што ги наплаќаат компаниите, споредувајќи ги со земјите во регионот.

– Направив една споредба на цените на електрична енергија што ги плаќаат компаниите, оние коишто се од мал обем и оние коишто се од среден обем односно коишто трошат меѓу 500 и 2.000 мегават часови годишно. И ова не го објавувам јас, туку ова го објавува Еуростат, вели Мицкоски.

Тој појасни дека цените се однесуваат на второто полугодие од 2021 година.

– Тогаш бизнисот во Македонија плаќал просечна цена од 144,5 евра за мегават час, просечна цена со сите давачки вклучено. За разлика од македонските бизнисмени, црногорските плаќале да речеме 79,2 евра за мегават час односно македонските бизнисмени за 82 проценти поскапа електрична енергија. Во однос со српските бизнисмени, македонските плаќале за 38 отсто. А, во однос на турските бизнисмени, македонските плаќале за 66 проценти. Во однос на босанско херцеговските 70 отсто фантастични, а во однос со косовските речиси два пати односно 98 проценти поскапа електрична енергија плаќале македонските бизнисмени. А, во однос на хрватските 12 отсто, во однос на словенечките 18,5 проценти, нагласи Мицкоски.

Додаде дека државата има доволно пари да помогне на бизнисот и треба да му се помогне.