ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ НА СЛАВЕ КАТИН
Македонците имаат своја долга историја, којашто датира многу пред Илинденското востание во 1903 година и пред легендарниот Карпош, кој во 1689 загина на Камениот мост во Скопје. Историјата на коравиот македонски народ почнува многу одамна и таа е многу бурна и тешка.
Суровата експлоатација и асимилација во текот на долгото ропство под Отоманската империја и турското ропство, поделбата на Македонија меѓу трите балкански држави Србија, Бугарија и Грција, подоцна и од Албанија, како и неподносливиот терор со цел претопување и однародување, го ставиле Македонецот пред разни искушенија, страдања и борби за да го зачува својот идентитет и, во границите на можносто, да ја издвојува националната и социјалната слобода.
Во публикацијата „Македонците во светот“ е забележано дека развојниот пат на македонското иселеништво во основа се поклопува со развојот на настаните на Балканот и, уште повеќе, во зависност од тоа како се движеле настаните околу Македонија. Како резултат на тоа, преселничките печалбарски движења на Македонците и нивниот интензитет биле условени, пред се’, од тешките економски услови за живеење и работа, а во многу помал број случаи и од причини што имаат национално-политички карактер.
Особено, ограбувањата што ги вршеле разбојничките банди во западнот дел на Македонија, даночните притисоци, постојаните територијални претензии на соседните земји кон Македонија и стремежите на туѓите интереси за доминација или влијание врз македонскиот народ, го принудија Македонецот постојано да се бори за да опстои на блаканската ветрометина. Тешките и лоши, често и невозможни, услови за жвеење и постојаната борба за опстанок присилиле голем број Македонци да се определат, покрај другото, и за печалбарството.
Печалбарството при крајот на XVIII, потоа XIX. и во почетокот на овој век станало масовна појава и е еден од најсилните докази за наподносливата состојба, особено во македонските села. Селаните масовно ја напуштале Македонија и оделе во Солун, Цариград, Смирна, Скадар и, надвор од границите на Турција, во соседните земји Србија, Грција, Бугарија и во Романија, а понекогаш и во Австро-Унгарија, во Франција и во Египет.
Така, по неколку илјади од Леринско, Преспа и Костурско секоја година оделе во Цариград и Смирна; од Струшко и од Битолско најчесто заминувале за Скадар; од прилепските села и од градот оделе во Србија и во Бугарија; од Охрид и околината оделе во Србија, Бугрија и во Романија, а голем број печалбари имало од Велешко, Кичевско, Демирхисарско и од Тетовско. По некое непишано правило, печалбарите и по многу години на печалба, пак се враќале дома.
Тешко е да се прецизира времето кога Македонците почнале да одат на печалба во прекуокеанските земји, САД, Канада, Австралија и во Аргентина. Меѓугота, се знае дека првите печалбарска група од Македонија на северно-американскиот континент пристигнала во 1885 гдоина. Во Австралија, пак, првите Македонци – печалбари пристигнале по Првата светска војна, а првите поголеми групи во 1924 година.
Печалбарството, односно преселувањето од Македонија во прекуокеанските земји е карактеристично за традиционално иселеничките краишта: Леринско, Битолско, Преспанско, Костурско, Охридско, Воденско, Прилепско, Струшко, Солунско, Тетовско и од други делови на Македонија.
Преселничките бранови од овие краишта се засилиле по Илинденското востание во 1903 година, а особено изразени се по балканските војни и по Првата светска војна кои наместо слобода од петвековното ропство, на Македонците им донесоа тројна поделба, угнетувње, асимилација, денационализација и физичко уништување, што ги спроведувале од порано ослободените соседи: Бугарија, Кралска Југославија и Грција. Она што се случуаше во минатото, особено, по Првата светска војна. За релативно кусо време, во одделни делови на Македонија настанаа крупни миграциони движења и етнички измени кои имаат катастрофални последици за македонското население.
Бранот на иселување од сите делови на Македонија беше, исто така, интензивен меѓу двете светски војни, а особено по светската криза. Меѓутоа, по Втората светска војна, а особено по поразот на Демокраската армија на Грција во Граѓанската војна во Грција, на чија страна масовно учестуваше и македонското население од егејскиот дел на Македонија, со надеж дека конечно ќе ги добие своите национални и социјални права, иселувањето се засилува.
Поради репресалиите и другите смислени притисоци на грчките власти врз македонското население, во овој период огромен број Македонци и други националности беа принудени на преселување и напуштање на своите родни места. Ваквите појави беа особено изразени во леринско-костурскиот крај, кадешто постоеле по десетици агенции кои се ,,грижеле“ за откорнување на македонскот население од нивната родна Македонија.
Лерин
Исто така, карактеритичен е периодот по 1960 година, кога со отворањето на поранешна Југославија кон светот и со вклучувањето во меѓународната поделба на трудот, паралелно со создавањето на аграрно население и со либерализација на политиката за одење на работа во други земји, доаѓа до иселување на поголем број работници и интелектуалци од Република Македонија во прекуокеанските и западно-ерворпските земји. Преселнички движења од Македонија кон САД, Канада, Австралија и западноевропските земји се пристутни и денес, меѓутоа, нивниот интензитет е различен, зависно од економско-политичкиот момент во Македонија и во светот.
Треба да се нагласи дека во почетокот на одењето на печалба во прекуокеанските земји, значителен број од иселениците се враќаат во родната земја, градат нови куќи, купуваат недвижен имот и ги школуваат своите деца на вишите и високите школи во Република Македонија. Прекуокеанските и европските земји за многумина се можност за привремено вработување и престој од неколку години.
Тоа помалки, или воопшто не е случај со иселениците од Егејска Македонија, зашто нивното иселување, претежно, има траен караткер. Меѓутоа, имаше одреден број иселеници и жители од Егејска Македонија кои ги испраќаа своите деца на школување на Универзитетот „Св. Кирили Методиј“ во Скопје.
Бројот на Македонците во прекуокеанските земји тешко се одредува, бидејќи Македонците при доаѓањето во новиот свет патуваа или доаѓаа со турски, грчки, бугарски, со српски и со други патни исправи. Во зависност од тоа, нивните имиња се приспособуваа на земјите од каде доаѓаа. Единствено Македонците од Република Македонија заминуваа со македонски патни исправи и се регистрираа офијално како Македонци во прекуокеанските земји. За Македонците од другите делови, за жал, процедурата за докажување на сопствениот идентите е потшка и непријатна, не ретко се кршат и основните морални норми пропишани со Декларацијата на Обединетите нации за основните човекови права.
Разликите што иселениците од македонско потекло во прекуокеанските земји ги поседуваат во социјаланата структура се резултат на различните нивоа на образовно-воспитната и материјална состојба. Како резултат на тоа, се јавуваат некои карактеристични заеднички обележја во нивниот социјален живот и начин на интегрирање во англосаксонскиот свет.
Така, голем број од македонските иселеници само привидно ја прифаќаат интеграцијата во општествата на САД, во Канада, во Австралија и во Европската Унија, а му остануваат верни на традиционалниот македонски начин на живеење. Тие и понатаму остануваат тесно врзани со семејството кое суштински го формираат и одржуваат во потрадиционелен дух, слично како во нивниот стар крај.
Притоа, обезбедувањето и заедништвото на семејството во поголем број семејства претставува еден од приоритетните животни цели на македонскиот иселеник во новата средина. Затоа и најголемиот дел од нивниот општествен живот се одвива во рамките на македонсакта етничка заедница, кон која нашиот човек е тесно поврзан и прави сé за нејзин развој и за афирмација на македонската вистина.
Има и одреден број иселеници од македонско потекло кои даваат извесен отпор на настојувањата на новата средина и потешко се приклучуваат во новиот начин на живеење, притоа плашејќи се дека ќе го загубат својот личен и национален идентитет.
Македонците во прекуокеанските земји се тесно врзани со традициите на минатото. Затоа, тие често се населуваат и се групираат во порано формираните македонски етнички населби. Така, најголеми македонски иселенички колонии се формирани во Торонто, околу 100.000, во Мелбурн околу 50.000, во Детроит околу 40.000, во Сиднеј 40.000, во Њујорк со околината 20.000, во Вулунгон 20.000, во Перт 15.000, во Гери 7.000, во Аделајд 7.000 и во други високоразвиени индустриски центри во САД, во Канада и во Австралија.
Таму, во тие светски метрополи, македонските доселеници потигнуваат забележителни резултати во областа на културата, образованието и социјалниот живот воопшто. Нивните постигнувања на економски, образовен и културен план сé повеќе придонесуваат да не бидат третирани како граѓани од втор ред, туку како интегрален и важен дел во новата средина, да стануваат познати и признати од домашниот фактор и од другите етнички групи.
Голем е бројот на деловни луѓе од македонско потекло низ светот кои постигнуваат забележителни резултати. Ваквиот напредок, пред сé, продинесува за нивна општествена афирмација и поповолен третман во средините каде што живеат, однесувајќи се кон нив како кон посебна етничка заедница рамноправна со другите етнички групации во многу националните општества на англосаксонскиот свет во САД, Канада и во Австралија.
Од политички и од други причини, на Македонците од егејскиот дел на Македонија не им беше дозволено да се школуваат на својот мајчин јазик, а многу мал беше бројот на оние што завршија грчки училишта. Затоа, поголемот број Македонци од егејскиот дел на Македонија, а кои во прекуокеанските земји се најбројни и ги има околу 60%, дошле во новата средина со многу ниско или со никакво образовно ниво.
Меѓутоа, кај нив се разгоре желбата не само да обезбедат основна егзистенција и да создадат одредени материјални резерви за семејството, туку тие посветуваат и големо внимание на образовението и личнот прогрес во демократските земји, САД, Канада и Австралија, кадешто ги уживаат своите национални и социјални слободи. За разлика од тоа, во своајта родна земја се обесправени, врз нив се врши асимилација, денационализација и систематско преселување.
Како резултат на тоа, голем број од доселениците го учат англискиот јазик со цел подобро да се вклучат во жвитотот на новата средина, а своите деца ги испраќаат на школување во англиски училишта, колеџи и универзитетит. Ова е изразено кај последните неколку генерации, особено кај иселениците од поново време кај кои се јавува повисоко воспитно-образовно и културно-научно ниво што услови нова структура и развој кај иселениците во прекуокеанските земји.
Кај Македонците од Република Македоија образовната и квалификационата структура е поинаква. Имено, до Втората светска војна, судбината на македонското иселеништво во основа е иста за сите. Меѓутоа, со создавањето на Република Македонија и со добивањето на националните и социјалните слободи што ги оствари македонскиот народ во рамките на поранешна федерална Југославија, што претставува настан од фунадментално значење и за македонското иселеништво, положбата од корен се измени. Меѓу иселениците има сé повеќе образовани луѓе ко завршиле виши и восики школи на својот мајчин македонски јазик.
Особено во повоениот период, кај целото македонско иселеништво се јавуваат промени во социјалната и квалификационата структура. Така, паралелно со остварените материјални услови, се јавува и видлива траснформација на животните навики кај Македонците во новата средина. Прита, голем број иселеници се пробија во повисокото општество во кое живеат, пред сé, со своите интелектуаални, образовни и научни можности. Денес, има голем број Македонци кои се професори, лекари, инженери, музичари, писатели, уметници и други професии во сите македонски средини во прекуокеанските земји САД, Канада, Австралија и во Европската Унија.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН