ВЛАСТА ГИ ЗАБОРАВИ УЧИЛИШТЕТО „ДИМИТАР ВЛАХОВ“ ВО ЉУБОЈНО И ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН „МАРКОВА НОГА“

Народот вели дека надежта последна умира. И љубанци како и цел македонски народ се надеваа дека обеќаното ќе се исполни. Имено, во мај 2021 година, по повод „Преспанскиот договор“ од Нивици, Владата на премиерот Зоран Заев се собра во дворот на старото училиште во Љубојно, каде на лице место го поддржа Проектот за изградба на мултимедијален центар за младите во старата зграда на училиштето „Димират Влахов“,кое се планира да биде Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик.

Според изјавите на компетентните личности од средбата во ЉУбојно, се планираше Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во Љубојно да биде едно место на кое ќе се собираат лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик, а се предвидуваше и да доаѓаат и ученици да се подучуваат и да научат работи на терен, со што ќе продолжи оддолжувањето на плејадата македонски дејци кои се вградија во историските процеси за признавање и афирмација на македонскиот јазик. Затоа, со санацијата, конзервацијата и реставрацијата училишната руина ќе го довие својот вистински поранешен лик и се сметаше дека новиот Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во Љубојно ќе биде вистинското место за промоција на македонскиот јазик.

Инаку, Владата планираше проектот за училиштето во Љубојно да биде дел од поширокиот проект кој вклучува и многу други компоненти за развој на преспанскиот регионот, за поддршка и за подобрување на квалитетот на животот, особено во селските средини на регионот, како и за проекти за водоснабдување и собирање на отпадни води околу Преспанското Езеро со инфраструктура според правилата и стандардите на Европската Унија за заштита на животната средина. 

Одлуките на Владата беа примени со восхит и предизвикаа голема  возбудата кај сите нас кои сме го добиле осумгодишното образованиеда токму во тоа училиште, кое ни ги отворило патиштата на иднината. Тое е сведок на дел од македонската историја и било зачетник на школството и на воспитно-образовните процеси на генерации ученици, учители и просветители проникнати од Љубојно и од пазувите на Преспа. 

Инаку, во историјата на училиштето  е наведено дека како резултат на слободата на Македонија и македонскиот народ, на 15 ноември 1945 година во училиштето „Димитар Влахов“ во Љубојно се одржал првиот час на македонски јазик. Тоа е второто училиште во Македонија, по она во кичевското село Подвис, каде се држела настава на мајчин јазик, во кое од ослободувањето до денес низ училиштето „Димитар Влахов“ поминале над 6.000 ученици. Затоа, со право се вели дека училиштетот „Димитар Влахов“ е сведок на еден значаен дел од македонската историја на образованието.

Треба да се нагласи дека во учебната 1945/46 година, кога училиштето во Љубојно го доби името на македонскиот публицист и револуционер Димитар Влахов истото прерасна во петтолетка и претставуваше пресвртница во образованието за Долна Преспа. Тогаш во Љубојно се отвори интернат за децата од Сливница, Крани, Штрбово, Наколец, Брајчино и Долно Дупени кои ќе го продолжат своето образование на свој мајчин македонски јазик. Во учебната 1947/48 училиштето прерасна во седмолетка, кога и излезе првата генерација полуматуранти. Таа година се отворија и аналфабетски курсеви за описменување на возрасното население.

За жал, времето си го направи своето..Од училишната зграда на „Димитар Влахов“ сега се останати само делови од влезот и надворешните ѕидови од некогашниот масивен објект со специфична архитектура. Училиштето е без таван, врати и прозорци, а наместо училници, внатрешноста е обрасната како скривница за диви животни.

Ги нема повеќе дрвените скали кои од приземјето водеја кон училниците на првиот кат, за кои сите ние учениците и наставниот кадар со задоволство се сеќаваме. Таму, во просториите на училишната зграда на „Димитар Влахов“ пред 77 години се одржа првиот час по мајчин јазик за што сведочи спомен – плочата која е поставена на некогашниот влез на училиштето. Спомен – плочата, ја поставија просветните работници во чест на 60-годишнината од наставата по македонски јазик во 2004 година.

Исто така,во Долна Преспа до убавото село Долно Дупени се наоѓа грчко-македонската граница, како и планираниот граничен премин „Маркова Нога“, кој, за жал, остана само пуста желба на македонскиот народ од двете страни на границата. Со тоа остана месноста Маркова Нога да биде најјужната „слепа“ точка на денешната територија на Република Македонија.

Преминот се планираше да се изгради во убавиот предел на Преспанското Езеро, каде има викенд куќи кои гледаат кон егејскиот дел на Македонија и Мала Преспа. До планираниот граничен премин, на брегот на Езерото се наоѓа убавиот летен камп „Дупени бич“, еден од поубавите во Преспа. Тоа е местото каде рампата е спуштена осумдесеттина години.

За жал, досега ништо не е направено. Владата заборави дека на 9 ноември 2021 година, разрушената зграда на старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно, Долна Преспа, ги доби дозволите за конзервација, пришто баа издадени заштитно-конзерваторските услови за санација, конзервација и реставрација.

Нас не ни останува ништо друго освен да  се надеваме дека овој проект за изградба на Центарот за грижа и промоција на македонскиот јазик во Љубојно и отворањето на граничниот премин „Маркова Нога“ нема да биде пуста желба, туку ќе биде стварност која ќе помогне Љубојно и Долна Преспа да ги поврати во една поубава, попривлечна и посреќна иднина.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН